X
 04.07.2017 Култура

Малите тајни на големиот филмски хит од 90-тите...


Сцена од филмскиот хит „Џери Мегваер“
(Фото: Youtube Screenshot)


Том Круз како бунтовен спортски агент, Рене Зелвегер како неговата сродна душа, Кјуба Гудинг Помладиот, кој за улогата на Род Тидвел освои „Оскар“, и преслаткиот Џонатан Липники во улогата на малиот Реј. Станува збор за филмскиот хит „Џери Мекгваер“ од 1996 година.

Еве неколку интересни нешта за овој филм што најверојатно не ги знаете...

Двата најпознати цитати од филмот: „Show me the money“ и „You had me at ‘helo’“ се наоѓаат на списокот на 100 најдобри филмски цитати на сите времиња.

Режисерот Камерон Кроу три и пол години го пишувал сценариото за филмот, а во главните улоги ги замислувал Том Хенкс и Винона Рајдер. Хенкс во тоа време работел на филмот „That Thing That You Do“, а Винона била слободна, но заклучиле дека таа и Том изгледаат како да се брат и сестра, а не како љубовни партнери.

За улогата на Џери Мекгваер се натпреварувале Алек Болдвин, Џони Деп, Шон Пен, Џон Траволта и Брус Вилис. Пред да ја изберат Рене Зелвегер за улогата на Дороти, на аудицијата се јавиле Патриша Аркет, Камерон Дијаз, Брижит Фонда, Никол Кидман, Кортни Лав, Мира Сорвино и Ума Турман, која била многу заинтересирана. Улогата ѝ ја понудиле и на Џенифер Лопез, но нејзиниот агент сметал дека не е за неа.

Кога Рене го читала сценариото, единствената реченица што не ѝ била јасна, и сметала дека станува збор за печатна грешка, била: „You had me at ‘hello’“.

Кјуба Гудинг Помладиот не бил срамежлив на аудицијата и уште тогаш се соблекол гол за познатата сцена во соблекувалната. За неговата улога се натпреварувале повеќе од 50 актери, меѓу кои и Џејми Фокс и Дејмон Вајанс. Кога бил на аудицијата, мислел дека ќе глуми заедно со Робин Вилијамс затоа што тој ги читал речениците на Џери. Меѓутоа, Вилијамс  само му правел услуга на режисерот.

Многумина му сугерирале на Кроу дека Том Круз нема да ја прифати понудената улога на губитник, но се установи дека актерот во тој момент барал токму таква улога. Кога првпат го читал сценариото, заплакал, а за време на снимањето на сцената во која Зелвегер вели: „You had me at ‘hello’“, повеќето жени присутни на сетот плачеле.

Откако го ангажирал Гудинг Помладиот, Кроу сфатил дека е пренизок за улогата на професионален играч на американски фудбал. Затоа и тој факт подоцна го вклучил во сценариото.
 
На Џонатан Липники, кој го глуми малечкиот Реј, тоа му било прво снимање филм. Тогаш имал 5 години, а на првата аудиција – на која не поминал – ангажирале друго момче со кое снимале две недели. Кога филмската екипа сфатила дека соработката со него не функционира, агентот на Џонатан ги замолил на момчето да му дадат втора шанса. Го донеле на сетот, снимиле неколку сцени со Том Круз и го ангажирале.

Првата сцена во која Том и Џонатан разговараат во дневната соба на Дороти била чиста импровизација. Кроу сакал „автентична атмосфера“ и ги оставил сами да го измислат целиот дијалог.

Камерон Кроу навистина сам ги напишал сите 27 страници од изјавата на Џери под наслов „The things we think and do not say“, но во филмот се слуша само еден дел. Неодамна во целост е објавена на интернет, а можете да ја прочитате тука.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура