X
 08.09.2017 Образование

Опсесијата со петките нѐ доведе до дно

За многуте петкаши, а малку знаење разговаравме и со македонски наставници и професори. Професорката Елизабета Секирарска од Куманово смета дека за катастрофалните резултати на ПИСА има повеќе виновници, а наставничката Гордана Угриновска говори за навиката на македонските родители да бараат ургирање за петки и општо, за нивната опседнатост со оценките.

Македонските ученици редат петки како бисери, а од друга страна покажуваат катастрофални резултати на меѓународните тестирања. Зошто имаме петки во дневник, а единици на ПИСА? Токму ова прашање вчера се отвори и на тркалезна маса, каде што се презентираа резултати од теренско истражување, но и се понудија решенија и клучни фактори кои треба да се менуваат. Развивање критичка мисла и услови за воведување дебата и истражување во наставата, мотивација кај учениците за учење за знаење, а не за оценка, но и менување на традиционалната настава каде што наставникот е пренесувач, а ученикот пасивен примател, може да помогне повеќе петки да имаме и на ПИСА.

- Да ги научиме децата како да мислат, а не што да мислат – изјави на тркалезната маса и министерката за образование и наука Рената Дескоска, која исто така вети дека со повеќе реформи ќе ја подобрува состојбата.

За многуте петкаши, а малку знаење разговаравме и со македонски наставници и професори. Професорката Елизабета Секирарска од Куманово смета дека за катастрофалните резултати на ПИСА има повеќе виновници, а наставничката Гордана Угриновска говори за навиката на македонските родители да бараат ургирање за петки и општо, за нивната опседнатост со оценките.

Резултатите од ПИСА-тестирањето треба сериозно да се анализираат

Професорката Елизабета Секирарска од средното училиште „Перо Наков“ од Куманово објаснува дека меѓународното тестирање ПИСА се користи за да се измери и оцени практичната применливост на знаењата на учениците, преку согледување на т.н. функционална писменост во областа на читањето и разбирањето, математиката и природните науки.



- За жал, сведочиме на фактот дека и покрај инсистирањето на вложувањето во образованието, како и на воведувањето многубројни реформи кои требаше да бидат во функција на подигањето на неговиот квалитет, македонските ученици покажуваат многу слаби резултати на ова тестирање и се рангираат меѓу последните земји. Ова дотолку повеќе што учениците овде добиваат високи оценки, а на ваквите тестирања во светски рамки паѓаат на загрижувачки ниско ниво - вели Секирарска.

Затоа е важно да се земе предвид фактот дека секоја земја што учествува во ПИСА-тестирањата, резултатите од истите треба да ги искористи за уочување на слабостите во сопствениот образовен систем и преку нив да види како е позиционирана во однос на другите, а согласно со тоа да ја дефинира сопствената образовна политика, смета Секирарска. Потребно е да се третираат причините за драматичната состојба во воспитно-образовната сфера.

- Истите се многубројни и согледливи, а се должат пред сè на недостигот на валиден унифициран внатрешен механизам на вреднување на постигнувањата на учениците, согласно дефинираните наставни цели, а во сооднос со барањата за креативно размислување, аналитичкиот пристап и логичното толкување на нештата што учениците ги совладуваат. Потоа на подолготрајното опстојување на зафати кои се наметнуваа како реформски, а не го дадоа очекуваниот резултат, затоа што се имплементираа во нашиот систем со просто пресликување од други системи, без да се направи сериозна анализа на ефектот што ќе го дадат така „засадени“ на нашата воспитно-образовна почва – објаснува Секирарска.

Единиците на ПИСА се должат и на недоволно и несоодветно вложување во соодветни обуки на наставниците, кои ќе умеат да поттикнат кај учениците поинаков пристап кон учењето и стекнувањето знаења од апликативна природа.

Секирарска смета дека нашиот образовен систем инсистира на фактографското учење, според кое научено е ако е меморирано, а не ако е сфатено во контекст на пошироката слика и протолкувано од аспект на логичното размислување.

- Проблем е и неконсултирање и невклучување во стручна дебата на наставниците, психолозите, педагозите и родителите како субјекти што најдобро можат да ги детектираат недоследностите кои воспитно-образовниот систем ги манифестира подолг временски период. Исто така и етаблирањето на модели на контрола и притисок врз наставниците, наместо на оставање простор за нивно слободно професионално ангажирање и израз во училницата, согласно структурата на учениците и нивните индивидуални можности – вели Секирарска.

Слабите постигнувања на учениците на меѓународните тестирања, според неа, се должат и на етаблирање политика во образованието наместо креирање образовна политика, која ќе биде во согласност со европските образовни стандарди, но и на промовирање погрешни модели на учење кои не ги подготвуваат учениците за практична примена на наученото.

- Најеклатантен пример е екстерното тестирање кое беше една од најмонструозните воспитно-образовни алатки какви што досега не се паметат, а преку кои учениците ги усвоија моделите на снаоѓање и комплетно си го деформираа погледот кон училиштето и неговата функција во градењето на нивното знаење и личност воопшто – вели таа.

Додава дека резултатите од ПИСА-тестирањето треба сериозно да се анализираат од страна на креаторите на образовната политика, во интерес на санирање на образовните состојби, а особено во поглед на постигнувањето на повисока функционална писменост на учениците, кои, за жал, во двата круга тестирање се наоѓаат убедливо на дното и на мошне илустративен начин покажуваат каде сме во светски рамки како систем.

Реално ние не сме на ниво на европските стандарди

Искуството во основните училишта покажува дека на големо владее навиката родители да ургираат за оценки за своите деца и дека менталниот склоп на нашиот народ има голема улога зошто имаме толку многу петки. Со тоа се согласува и Гордана Угриновска, одделенска наставничка во ОУ „Елпида Караманли“ во Битола.


- Јас сум 24 години во образованието, се сметам себеси за зрела наставничка. Години наназад гледам како родители се опседнати со оценките, најверојатно најмногу како резултат на лични фрустрации. Оценување мора да постои. Но не значи дека една пониска оценка засекогаш ќе остане таква, мора да постои развој на личноста. Како по секоја цена нашите деца да мора да бидат одлични. Наставничкиот кадар многу често е исправен пред непријатни ситуации, па родителите фаќаат пријатели, се врши притисок врз нас и, верувајте, некогаш е многу тешко да се оддолее. Пред некое време имав непријатно искуство со една четворка, и тоа на полугодие. Родителот ми се закани дека ќе ми го донел цело МОН. Но, јас си останав на ставот дека оценката е јасна и не попуштив. Не мора сите оценки да се петки, треба да размислуваме за знаењето, а не за оценката – вели Угриновска.

Наставничката од Битола истакнува дека и странските тестирања ги зема со малку задршка, најмногу поради прашањето дали станува збор за стандардизирани тестови.

-Реално ние не сме на ниво на европските стандарди. Првично, меѓу мене и меѓу некоја колешка од истата општина може да има разлика во пристапот на оценувањето, а не пак со други училишта или градови или држави. Ме радува што и по завршено екстерно во четврто и петто одделение не сум имала никакво отстапување, што ми укажува дека не сум грешела во процените. Треба да има оценување, ама не на начин што ќе им влее страв на родителите и на наставниците – додава Угриновска.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева и Сребра Ѓеоргијевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование