X
 29.09.2017 Наука

Дали денешните деца се подобри во споредба со претходните генерации?


Момче
(Фото: Pixabay)


Денешните деца се повеќе хиперактивни во споредба со децата од претходните генерации. Тие се зависни од технологиите и се неспособни да седат мирно во едно место без постојана стимулација од страна на дигитални уреди. Барем така ни кажуваат експертите и медиумите.

Меѓутоа, еден од најпознатите психолошки тестови фрла сомнеж врз овој широкораспространет став за денешните деца. Станува збор за прочуениот тест со маршмелоу-бонбони со кој се испитува способноста на малечките деца да го одложат задоволувањето. Како што покажа метаанализата на податоците за последните 50 години, колку што овој тест е во употреба, денешните деца имаат поголема способност да се воздржат и се во состојба да го одложат задоволувањето за една минута подолго во споредба со децата од претходната деценија, а оваа разлика се зголемува за 60 секунди на секои десет години.

Порастот на способноста за воздржување е во корелација со забележаниот пораст на коефициентот на интелигенција во текот на изминатиот половина век, и научниците сметаат дека овие два феномена се поврзани меѓу себе.

Наодите навистина беа изненадувачки и за научниците и кај другите луѓе. Како што објаснува Џон Процко, еден од авторите на анализата, и научниците се еднакво подложни на истите предрасуди од типот „денешните деца“ како и сите други. „Сеќавањето на нашите способности во детството е под големо влијание на нашите сегашни способности. Лесно ни е да забележиме недостиг на самоконтрола кај децата кои денес ги гледаме, но многу ни е потешко да се сетиме какви навистина сме биле ние на таа возраст“, истакнува тој.

Дали овој напредок во самоконтролата значи дека оваа генерација ќе биде помалку склона кон криминал и зависности? Научниците се скептични. Тие што најтешко се воздржуваат и натаму ќе бидат најподложни на опасни и нездрави облици на однесување, исто како и во минатото, смета Процко.

За причините и последиците на подобрената самоконтрола кај децата, научниците допрва треба да сознаат повеќе. „И покрај современите жалби, изгледа дека сепак денешниве деца се подобри отколку што сме биле ние. Културата на инстант-задоволувањето очигледно не го запрела трендот на напредувањето на новите генерации деца во однос на претходните“, заклучува тој.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука