X
 31.10.2017 Култура

Хенри Милер: Како да се отфрли службената вистина за животот


Хенри Милер
(Фото: Wikimedia Commons)


Заборави да мислиш, заборави да чувствуваш. Или...

Или прифати дека животот е огромен саем и тргни кон Париз. Како Хенри Милер, јунакот на оваа приказна.

„Немам пари, немам приходи, немам надеж. Јас сум најсреќниот човек на светот. Пред една година, пред шест месеци, мислев дека сум уметник. Веќе не го мислам тоа, веќе сум тоа. Сè што е литература, отпадна од мене. Фала Богу, нема повеќе книги што треба да се напишат.

Тогаш, што е ова? Ова не е книга. Ова е обвинение, клевета, лична навреда. Ова не е книга, во обична смисла на зборот. Не, ова е непрекинато навредување, плуканица во име на Уметноста, нога во задникот на Бог, на Човекот, Судбината, Времето, Љубовта, Убавината – на што било што сакате... Јас ќе ви пеам, можеби помалку нехармонично, но ќе ви пеам... Важна работа е да сакате да пеете. Според тоа, ова е песна. Јас пеам.“

Иако тврдел дека на меридијанот на времето нема неправда и дека постои само поезија на движењата која создава илузија на вистина и драма, најверојатно во временскиот период од 1934 до 1961 година, кога важела цензурата за неговата книга „Раковиот напоредник“, поубаво прилега на личноста на Хенри Милер, ако се смета за едно неправедно време кон тоа ремек-дело од овој писател.

Поради прецизното повеќедимензионално отсликување на текот на свеста и фактот дека книгата станала еден од активаторите за уништување на цензурите кон книжевните дела, ова дело може да се смета за вистинска класика на 20 век. Како аргумент против може да се смета фактот дека токму Милер го посеал семето на боемската идеја дека „сè е неправедно“, што денес прерасна во „прашума“ од писатели и блогери кои се жалат на апатичноста на животот во западната цивилизација, користејќи ја како метод за себепромоција.

„Дури и во детството, кога ништо не ми недостигаше, сакав да умрам; сакав да се предадам, затоа што борбата ми изгледаше бесмислена. Сфатив дека ништо не можам да докажам, осмислам, додадам или одземам на животот што продолжуваше да тече, а кого не го барав. Сите егзистенции околу мене беа промашени, или, ако не беа – беа смешни. Особено егзистенциите на оние луѓе што успеале во животот. Ми се лоши од луѓето што успеале во животот. Ми се чинеше дека е лудо да се обидам да го сменам животниот тек; ништо не би се изменило, освен ако не го сменев срцето – но кој може да го измени човечкото срце?“

Во Париз отишол во 1930 година. Некој паланечки менталитет би го сметал тој град за саможив, затоа што најголем грев бил да се верува во себе, особено кога тоа „јас“ потпишувало мировна спогодба, не верувајќи во ништо друго освен во „сега и овде“.

Милер не бил загрижен за тишината на осудувањето. Го загрижувал сосема друг звук – звукот на ракот што го разјадува целиот свет. Ракот е симбол на болест, последна точка на погрешниот пат на човештвото, а самото средиште на таа болест го претставуваат машините и индустријализацијата.

„По цел свет сива пустина, ќилим од челик и цемент. Производство! Повеќе кучешка храна, повеќе боцкава жица, повеќе косачки за трева, повеќе разорни експлозиви, повеќе тенкови, повеќе сапун, повеќе весници – Напред! Времето се брза....Сè оди рака под рака. Здравиот дух отстапува пред компромисите и извештаченоста. Ако живееме како ласици, тогаш и ќе се париме како ласици; ако се однесуваме како чудовишта, тогаш и ќе умреме како чудовишта. Сега јадеме, спиеме, работиме, си играме – дури и се париме – како автомати...“

Можеби бил паразит кој цицал додека не се расипал. Можеби бил себичен, затоа што не сакал извештачени насмевки. Можеби бил кукавица, затоа што не го сакал мирисот на стадо. Можеби бил „Ганди со пенис“, како што го нарекувал американскиот писател Карл Шапиро. Но зад сето тоа најверојатно се криел човек кој сакал да биде искрен, без оглед каде би го одвела и во што би го претворила таа потреба.

„Јас сум слободен човек, ми треба мојата слобода. Потребно ми е да бидам сам. Ми треба за да размислувам за мојот срам и очај во осаменост; ми треба сончева светлина и тротоари без придружба, без разговор, да бидам лице в лице самиот со себе и само музиката на моето срце да ми прави друштво. Што сакате од мене? Кога имам што да кажам, го давам тоа во печат. Кога имам што да дадам, го давам тоа. Вашата безобразна љубопитност ми го превртува стомакот! Вашите комплименти ме понижуваат! Вашиот чај ме труе! Никому ништо не должам. Би бил одговорен пред самиот Бог – кога тој би постоел!“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура