X
 17.05.2025 Живот

Ова е едно од најубавите места во светот - скриениот бисер на Унгарија

Лилафуред е скриен бисер на Унгарија и локалното население со задоволство ќе го препорача за еднодневен излет или романтично викенд-бегство во природа. Се наоѓа во шумите на Северна Унгарија, но вреди да се посети. Неодамна, реномираното списание „Тајм аут“ го вклучи на својата листа со најубави места во светот, додавајќи дека ова место е рај за планинари, спелеолози и љубители на природата.

Ридовите во шумата го кријат малото гратче на езерото Хамори, а посебна атракција е хотелот „Палас“, кој наликува на ренесансен замок од бајка. Отворен е во 1930 година, а покрај импресивниот ентериер, привлекува внимание и восхит со своите висечки градини и тераса посветена на унгарските поети од романтичниот период на националната литература.

Ако прошетате низ дворовите на замокот што ве водат подлабоко во шумата, ќе видите еден од највисоките водопади во Унгарија, три пештери и повеќе бисти посветени на унгарски уметници. Терасите се поделени на различни теми, па така постојат: Тераса на музиката и Тераса на поезијата.

И пештерата наречена Сент Иставан била откриена случајно - од мало куче! Имено, приказната вели дека тоа паднало во дупка во земјата додека шетало со својот сопственик. Лаело за да сигнализира каде се наоѓа сè додека неговиот сопственик не го нашол, па кога се покажало дека е паднато во пештера, првично била наречена Кучешка дупка. За време на Втората светска војна се користела како засолниште, а денес е отворена за посетители.

Ако се плашите од пајаци, можеби е подобро да ја прескокнете пештерата Кечке Љук – или обратно. Имено, скриената пештера се гордее со луксузна колекција од пајаци што живеат тука. Таму има и многу лилјаци, а некогаш се викала Козја дупка. Не, овој пат коза не паднала во пештерата, туку мештаните ја користеле како природна штала во жешките летни денови.


Одмор во природа достоен за елитата

Лилафуред е изграден во 80-тите години како туристичко одморалиште, замислено како место каде што кремот на општеството ќе може да ужива во природата и активностите во шумата и на езерото.

Езерото Хамори е формирано со спојување на два потоци, а во текот на жешките лета ова е совршена освежителна оаза каде што можете да се прошетате со брод. Во зима често замрзнува до тој степен што похрабрите се осмелуваат да пробаат лизгање на мраз и хокеј на мраз.


Низ шумата околу езерото поминува и стар воз, кој додава романтичен, кинематографски шмек на сè. Возењето е приспособено за туристи кои сакаат панорамски поглед на шумата, фармата за пастрмки и идиличното село во близина. Можете да стигнете до еден од врвовите на блиската планина со жичницата.


Релаксирачкото патување трае околу 20 минути, но ако претпочитате активен одмор, можете да одите на долга прошетка, планинарење или возење велосипед по една од уредените патеки. По патот ќе наидете дури и на мал дрвен киоск кој нуди греано вино, закуски и штрудла!

Исто така, во областа има неколку музеи посветени на шумарството, традиционалните занаети и познатиот биолог Херман, кој живеел тука и го проучувал природниот свет.

Извор: punkufer.dnevnik.hr

Фото: Wikipedia/Facebook

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот