Ѓумбирот, циметот и куркумата се многу популарни зачини во целиот свет. Зачините со векови се користат за добивање подобар вкус на храната, но и поради хранливите и лековити карактеристики. Но, може ли нешто толку невино како лажичка зачини да биде пречка за лековите што ги пиете?
На пример, циметот. Тој содржи активни состојки како цинамалдехид, еугенол и кумарин. Маслото од цимет често се користи за готвење, за мириси и за билни лекови. Циметот се поврзува со многу потенцијални бенефити за здравјето: богат е со антиоксиданси, може да намали воспаленија, помага во регулирање на шеќерот во крвта, го намалува ризикот од срцеви заболувања и ја подобрува функцијата на мозокот. Традиционално, се користи и за подобрување на дигестијата и за превенција на инфекции.
Сепак, неодамнешна студија на Универзитетот во Мисисипи поттикна загриженост дека циметот може да ја намали ефикасноста на некои медикаменти. Во лабораториските тестирања се покажало дека цинамалдехидот активира рецептори што го забрзуваат чистењето на лековите од телото - што потенцијално ги прави помалку ефикасни. Иако истражувањето сѐ уште е во рана фаза и не е тестирано на луѓе, сепак наметнува важни прашања за тоа како циметот е во интеракција со модерните лекови.
Важен е и видот на циметот. Циметот што може да се најде во маркетите е поевтин, достапен и доаѓа од делови од Азија. Цејлонскиот цимет, кој често се нарекува вистински, е со потекло од Шри Ланка и генерално е поскап. Касија циметот содржи повисоки нивоа на кумарин - природна состојка што во високи дози, според студиите, може да биде штетна за црниот дроб. Кумаринот е познат антикоагулант, што значи дека помага во превенција на згрутчување на крвта, што е корисно во медицината, но ризично кога е во комбинација со лекови за разредување на крвта како варфарин.
Има неколку известувања што посочуваат дека суплементите со цимет може да го зголемат ризикот од крвавење кога ќе се земат со антикоагуланти. Тоа веројатно е поради тоа што кумаринот ги погодува ензимите на црниот дроб одговорни за разбивање на лековите како варфарин. Некои истражувања посочуваат дека циметот потенцијално може да стапи во интеракција со други лекови, вклучително и лекови против болка, антидепресиви, лекови против рак и дијабетес.
Но, пред да ги фрлите вашите зачини, важно е да запомните: ризикот доаѓа од големи дози, особено во форма на суплементи. Малку зачин во вашата исхрана нема да предизвика проблеми.
Друг зачин со медицински ветувања, но и потенцијални ризици, е куркумата. Познат по убавата жолта боја и употребата и во готвењето и во традиционалната медицина, овој зачин содржи куркумин - состојка која е фалена за антиифламанторните и антиоксидантните ефекти.
Информациите за интеракцијата на куркумата со медикаментите сѐ уште се ограничени. Голем дел од она што го знаеме доаѓа од лаборатории и студии со животни, што не секогаш се пресликува кај луѓето. Сепак, има докази дека куркуминот може да влијае врз тоа како некои лекови се метаболизираат, особено преку мешање со ензимите од црниот дроб. Тоа значи дека потенцијално може да стапи во интеракција со антидепресивите, лековите за крвен притисок, лековите од хемотерапија и одредени антибиотици.
Куркумата има природни својства за разредување на крвта, што може да ги засили ефектите на лекови како варфарин или аспирин. Студиите спроведени на животни покажуваат дека куркумата може да го намали шеќерот во крвта, што значи дека може да ги зголеми ефектите на лековите против дијабетес. Дополнително, се покажа дека куркумата го намалува крвниот притисок, што, во комбинација со лекови за крвен притисок, може да предизвика претерано паѓање.
Како и со циметот, овие ефекти најчесто се поврзани со високи дози на суплементи, а не со малите количини што се користат во исхраната.
Ѓумбирот е друг зачин прославен по бенефитите што ги носи за здравјето, особено по антиинфламаторните и ефектите против мачнини. Но, неговите активни состојки, вклучително и гингерол, може да влијаат врз тоа како вашето тело се справува со лековите.
Ѓумбирот може да дејствува како благ разредувач на крвта, што значи дека во комбинација со антикоагуланти може да го зголеми ризикот од крвавење. Доказите се измешани кога станува збор за ѓумбирот и дијабетесот - додека некои студии сугерираат дека може да го намали шеќерот во крвта, потребни се уште истражувања за целосно да се разбере ефектот што може да го има кога се зема заедно со лекови против дијабетес.
Ако земате лекови, особено некои за разредување на крвта, за дијабетес или хемотерапија, треба да поразговарате со вашиот лекар или фармацевт пред да почнете да користите суплементи. Но, за повеќето луѓе користењето зачини во типични количини за готвење е безбедно и е вкусен начин за додавање вкус и потенцијални здравствени бенефити во вашите оброци.
Автор: Дипа Камдар, виш доцент по фармацевтска пракса при Универзитетот во Кингстон
Извор:
The Conversation
Фото: Freepik