Еден човек кон крајот на јуни се качувал на француските Алпи и забележал глетка која е неверојатна, но и загрижувачка. Имено, планинарот Брајан Местри бил шокиран кога во пределот на Мон Блан на висина од околу 3.400 метри открил езеро.
Важен знак за климатските промени
Местри ја објавил фотографијата на „Инстаграм“ нагласувајќи дека во тој предел бил по само десет дена откако неговиот колега Пол Тодхантер се искачувал на истото место за кое вели дека било покриено со снег.
Но, во периодот меѓу двете искачувања се случи еден од најјаките топлотни бранови во Европа, кој го зафати и подрачјето на кое се искачувале планинарите.
Колку за потсетување, кон крајот на јуни во Франција е соборен температурен рекорд од 2003 година и се измерени 45,9 Целзиусови степени. И во регионот на Мон Блан во текот на тие денови беше соборен рекорд и била забележана температура од 9,3 степени.
Вистинско изненадување
Местри открива и дека условите за искачување биле хаотични.
- Во Шамони, град кој е на 1.000 метри надморска височина, се забележани речиси 40 степени. Истата недела нивото на замрзнување се кренаа на речиси 4.700 метри, наместо вообичаените 3.000 метри надморска висина - објаснува тој.
Планинарот додава и дека не мора да се напомене дека езерото било вистинско изненадување.
- Се наоѓа на 3.400-3.500 метри надморска висина. На таа висина треба да пронајдете снег и мраз, а не течна вода. Главно, кога на таа висина ќе останеме цел ден, водата во шишињата што ја носиме со нас почнува да замрзнува - вели планинарот.
Местри додава и дека тој на Алпите се искачувал многу пати и тоа и во текот на најтоплите денови. Вели дека повремено имало топење на снегот, но дека немало нешто слично на ова.
Лудовик Ренел, истражувач на глечери, пак, открива дека слично езеро се појавило на истото место и во 2015 година по топлотен бран, но дека не било ни приближно толку големо.
Ова не е изолиран случај
Езерото во себе има околу неколку илјади кубни метри вода и е широко десет, а долго 30 метри. Сепак, ова не е изолиран случај и речиси секоја година може да се пронајде езеро на речиси истото место.
Инаку, водата што се собрала треба да си го пронајде својот пат и да истече, а тоа веројатно не се случило бидејќи слојот мраз под водата е јак и не пропушта вода.
Кристијан Винсент, експерт за глечери, вели дека на глечерот Рошемелон, на границата меѓу Италија и Франција, во текот на 60-тите години се создало езеро кое се формирало неколку години.
- Најпрвин тоа било мало езеро, но почнало да расте без некој да забележи. На крајот стасало до 650.000 кубни метри вода и имало закана од излевање. Тогаш било издадено предупредување и била спроведена операција за празнење на езерото - објаснува Винсент и додава дека треба да се внимава на ваквите
појави.