X
 17.10.2019 Наука

Научници најдоа начин како да извлечат кислород од реголитот на Месечината

Месечината е место каде што луѓето не би можеле да живеат. Таа е сува, прашлива и нема атмосфера. Но, покрај тоа, површината на Месечината е полна со кислород, а научниците неодамна открија како да го извлечат.

Станува збор за постапка со која од реголитот на Месечината би се црпеле резерви на кислород и метални легури, при што истовремено не би се создавал отпад. Тоа би можело да се покаже како исклучително корисно ако се земат предвид плановите за основање бази и колонии на Месечината во блиска или далечна иднина.

Благодарение на примероците на реголит собрани во текот на претходните мисии на Месечината, денес е познато дека кислородот сочинува 40-45 отсто од неговиот состав. Но, има еден проблем.

- Иако вредноста на кислородот е непроценлива, во материјалот тој хемиски е врзан како оксиди, кои доаѓаат во облик на минерал или стакло, што го прави неупотреблив во истиот момент - истакнува Бет Ломакс од Универзитетот во Глазгов.

Големата вредност на примероците на реголитот го прави невозможно директното изведување на експерименти на нив, но со користење на одредени материјали може да се создадат „лажни“ примероци наречени симуланти, чија конзистентност би била идентична со онаа на оригиналите.

Месечева прашина пред и по екстракцијата на кислород
Фото: Science Alert

Претходните обиди за извлекување кислород од реголитот вклучуваа хемиски редукции на железните оксиди, со цел добивање вода, по што со електролиза би се направил обид за одделување на кислородот од водородот. Таквите постапки се покажаа како пресложени и на крајот неуспешни, делумно и поради превисоката температура при која реголитот би се стопил.

Поучени од неуспесите на претходните обиди, научниците што биле дел од тимот на Ломакс одлучиле да ја прескокнат постапката на редукција и веднаш да преминат на електролиза на реголитот во облик на прав.

- Во постапката користевме електролиза на растопена сол, што е прв обид за процесирање на цврст симулант на реголитот со помош на материјали во прав со кои би можел да се извлече речиси сиот расположлив кислород - истакна Ломакс.

Реголитот најпрвин бил ставен во кош покриен со мрежа. Потоа му е додаден природен калциум хлорид во функција на електролит и добиената мешавина се загревала до температура од 950 Целзиусови степени, температура кој не го топи материјалот. Смесата потоа била изложена на електрична енергија, што довело до екстракција на кислородот и преместување на солите на анодата, од каде што лесно може да бидат отстранети.

Фото: Science Alert

За екстракција на 96 отсто на кислородот од реголитот биле потребни 50 часа, при што една третина од него излегла со издувни гасови, а остатокот бил изгубен. Сепак, станува збор за голем напредок со оглед на претходните обиди.

Освен тоа, металите останати по екстракцијата на кислородот биле искористливи.

Три големи групи на легури излегле како нуспродукти од целата постапка: железо-алуминиум, железо-силициум и калциум-силициум-алуминиум.

Резултатите од постапката покажале дека таа би можела да се применува дури и ако се утврди постоење на резерви на мраз на Месечината како можен извор на кислород.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука