Со примената на 3Д-моделите во здравството се доближуваме до најразвиените земји во светот, вели доктор Стефан Арсенков, специјалист по абдоминална хирургија во Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Тој веќе три години ја користи техниката на 3Д-печатење за изработка на модели за предоперативна подготовка на сложени операции, со што се намалуваат компликациите, а моделира и импланти како персонализирани решенија за сложени случаи.
Предавач на годишното собрание на европски хирурзи
- Неодамна бев на конгрес во Италија, на 27. Собрание на Европското здружение на хирурзи. Бев поканет како предавач, да зборувам за употребата на овие модели. Освен мојата имаше и други презентации на слична тема. Многу сум задоволен од тоа што го видов, по ништо не заостануваме зад она што беше прикажано, дури ако смеам да бидам малку нескромен, би рекол дека предничиме пред многу институции, како со бројот така и со квалитетот на изработените модели. Барем во овој аспект, не само што се доближуваме до светските медицински трендови, туку и сме блиску до врвот. Сепак, не смее да имаме стагнација, мора да продолжиме со развој и употреба на овие модели и во иднина - вели доктор Арсенков.
Моделираа прецизен имплант за коскен капак кај млад пациент
Тој и неврохирургот д-р Миќун Миќуновиќ од Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид извршија хируршка реконструкција на дефект на левата челно-слепоочна регија од главата кај 26-годишен пациент повреден пред три години во сообраќајна несреќа. Беше изработен имплант со 3Д-моделирање кој одлично се вклопи кај пациентот, тој заздрави, а се подобри и естетскиот изглед.
- Поради сложената форма на делот од коска кој требаше да се имплантира, невозможно беше да се направи истото од око или со слободна рака. На иницијатива на д-р Миќуновиќ, изработивме еден калап од кој се добива форма која идеално прилега на дефектот кај пациентот, затоа што е изработен според неговата здрава страна. Тоа е пример за персонализирано решение со одличен исход, нешто што не би било возможно без технологијата на 3Д-печатење - вели доктор Арсенков.
Создадоа стартап за изработка на ЗД-модели за лекување пациенти
Отсекогаш бил ентузијаст за техника и технологија, а инспирацијата за вакво напредно моделирање ја добил при посета на болница во Сингапур, каде што имало оддел за развој на 3Д-печатење.
- Почнав да размислувам како да го постигнеме истото и кај нас. Откако успеавме да ги добиеме првите модели и првите резултати, јасно беше дека мора да се продолжи со развој на ова поле. Речиси 3 години секојдневно работиме на унапредување на нашите вештини и техники, и задоволен сум што можам да кажам дека можеме да се споредиме со најразвиените во светот - вели докторот.
Досега преку стартапот „3DLoom“ имаат изработено околу 40 модели, од најразлични области во хирургијата. Арсенков ги смислува моделите, базирани на направени снимки кај пациентите, за изработката и печатењето е задолжен Огнен Плавевски, а стартапот го основале заедно со Стефан Смиљаноски.
Операции без компликации
- Во хирургијата, најтешките случаи се оние најретките. Не е возможно да се има големо искуство во третманот на тие состојби. Тој недостиг на искуство се надоместува со одлична подготовка и можеме да се нафатиме на предизвици кои можеби не би можеле да ги третираме доколку немавме пристап до 3Д-моделите. Моделите ни дозволуваат да испробаме различни пристапи и техники и да одлучиме која е најсоодветна, а тоа не е нешто што смееме да си го дозволиме во операциона сала кај пациент. Моделот може да го „пресечеме“ и отвориме на многу места, па ако треба, и повторно да го изработиме - вели Арсенков.
Голема е предноста на примената на ваквата технологија од повеќе аспекти. Докажано е дека го скратува времето на операција, ги намалува компликациите, загубата на крв, се скратува времето на зрачење (за операции каде што е потребно да се прави РТГ-снимање), се намалуваат шансите за инфекција.
- Во случаите каде што сме ги користеле овие модели не сме имале примери на големо крвавење или несакана повреда на орган - нагласува докторот.
ЗД-моделите на органи може да се користат и во едукацијата на студенти и специјализанти, со што се унапредува целокупниот здравствен систем.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.