X
 27.02.2018 Живот

Како нѐ вози Илон Маск?


Илон Маск
(Фото: Flickr)


Илон Маск од најкревките години е задоен со научнофантастични стрипови, раскази, а подоцна и видеоигри. Неговиот светоглед во голема мера е дистописки. На Земјата нема да има место за сите, нафтата како индустриски погон е пред исцрпување, а животната средина е сè позагрозена. Меѓутоа, за разлика од многуте дистописки настроени мрачни типови, овој табиетлија наумил да го спаси светот. А попатно – и да заработи. Маск станува опседнат со вселената до таа мера што донира 5.000 долари во невладината организација што собираше средства за експерименти врз глувци во вселената. Во своите мисли оди уште подалеку од плановите на НВО: „Зошто да не испратиме глодачи на Марс?“ се праша тој. Еден од неговите пријатели, кој чул за таа идеја, следниот ден му подарил огромна пита сирење со посветата: „Глувците не ти користат мртви, а патот до Марс е долг“.

Периодичното разуздано однесување на Илон Маск е во судир со фактот дека неговиот забрзан мозок и недораснати емоции мнозинството луѓе тешко можат да ги поднесат. А најчесто – впечатоците се обострани. Значителен број вработени во сите компании што ги води немаат баш најдобро мислење за неговото микроменаџирање, одбивањето да прифати дека нешто не е изведливо и агресивниот однос кон оние за кои се верува дека потфрлиле.

Едно такво разочарување за Маск е и НАСА. Истражувајќи за нејзините планови за детално истражување на Марс открива – ништо. Тоа му е мотив, најголемиот дел од заработката од продажбата на „Пејпал“ да го вложи во истражување на космосот. Потоа, вложува во нови три компании: „Спејс Екс“ – со визија да го колонизира Марс, „Тесла моторс“, за да ги истисне возилата на нафтен погон од пазарот, и „Солар сити“.

Непосредноста и мистификацијата ја одредуваат јавната појава на Маск. Тој е крал на 21 век, бизнисмен способен да нè „запали“ само со еден потег, така што да ја интернализираме потребата за следен производ, а притоа да не почувствуваме такво нешто. Твитот со кој го најави новото возило на „Тесла“ во 2015 година ѝ ја крена вредноста на компанијата за 900 милиони долари.

Секој негов нов производ содржи загатка: нешто што предизвикува внимание и привлекува инвестиции. Пред првото лансирање на капсулата „Драгон“ во 2010 година се објавува дека таа содржи таен товар. Зрно провокација, токму за да се прашуваме каква шпионска направа планира да лансира овој чудак. Дури по седум месеци на „Твитер“ открива за што станувало збор – за калапот сирење што му го подарил пријателот на шега, а што и овој пат му носи публицитет на Илон Маск и на неговите гигантски компании.

Основната логика на која почиваат потфатите на Маск се сведува на: можеме да направиме производ освен ако физиката вели поинаку, можеме да го направиме по повеќекратно пониска цена отколку што се правел досега и тоа што ќе го направиме да изгледа посакувано или нема ни да постои.    

Така е со сите производи што ги лансира на пазарот – евтино производство, многу подобри перформанси од конкуренцијата и секси дизајн. Во моментов „Тесла“ е носител на титулата најдобар американски бренд на автомобили, „Солар сити“ произведува покривни соларни панели за снабдување на домовите со електрична енергија – поубави, поиздржливи и потрајни од конвенционалните ќерамиди. „Спејс Екс“ направи најголем исчекор во однос на стварноста каква што ја знаеме...

Кога сме кај трошоците... сите компании на Маск „кубурат“ со салдото. Сепак, на сите компании на Маск им одат и продажбата и приходот. Повеќепати во неговата кариера се на чекор до банкрот и исто толку пати успеваат да се извлечат посилни и, што е поважно – попопуларни.

Да заклучиме: другите продаваат производи, Маск продава визија за нови светови. Неговите технолошки потези се неспорни, пред сè во поглед на ефикасноста. Илон Маск нè вози на релациите земја-земја, земја-воздух и воздух-универзум. Ако му се оствари визијата, тогаш во не толку далечната иднина голем број луѓе ќе си купат билет во еден правец за Марс. Дотогаш, сместете се удобно, Илон Маск ќе продолжи да ни приредува спектакуларно возење
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот