X
 07.03.2018 Образование

Студентски приказни: „Драги професори, не ги потценувајте студентите!“

Драги професори, асистенти, координатори, декани, продекани, демонстратори...

Не го пишувам ова за да навредам некого, туку така, едноставно додека си седев во автобус идејќи накај дома и слушав Led Zeppelin ми дојде некоја инспирација да ви се обратам, затоа што тоа што го гледам по факултетите и студентските домови не ме заслепува и ми затвора очни капаци, туку напротив, ми прави револт во срцето и мојот „академски“ ум, ако можам така да го наречам. Свесни сме и читаме (не)вистини за тоа што се случува во нашата татковина, општество, во кругот на нашите (не)пријатели, во семејствата, во домовите.



Не сакам да навлегувам во политиката и во „животот“ на државата, но ова што нам ни се случува на факултетите не можам повеќе да го издржам. Се зборува за соработки помеѓу факултети од други држави со нашите, почнуваме да се залагаме за вистинска пракса, вистинско учење на работите за кои сме се одлучиле да ги живееме и доживуваме како наша цел. Дали ние како студенти имаме отворени врати за дополнителни знаења од професорите, бидејќи нели 50% од предметите на факултет се само дополнителни фондови на часови и дополнителни приходи на професорите? Дали она што е во преведената книга од странски научник кај нас е доволно да се „набуба“ и да се дипломира? Дали вредностите што сме ги граделе до четврта година средно престануваат со првиот стрес во првата испитна сесија?

Не сакам да бидат овие реторички прашања, но не сакам да ми бидат одговорени според законот за образование: Толку се финансиите на факултетите, не можеме да имаме теренска пракса, одете и варете некаде кафе во јули и донесете ми лист со печат од завршена пракса и ред други „неправди“ кои нè уништуваат како карактери, личности, нè потценуваат, ни ги земаат парите во облик на ИКСА, член на студентски парламент, неположен предмет.

Драги професори, не сакаме да ви бидеме конкуренција и не сакаме да ви го земеме работното место. Сакаме да стекнеме здрави и квалитетни навики какво што едно високо образование треба да биде. Не сакаме изборни кои се поминуваат со 20 прашања што не сте ги смениле 15 години. Сакаме да спортуваме заедно со колегите наместо да куцаме семинарска работа. Сакаме да ни кажете стратегии за тоа како вие сте успеале во животот, а не да ви ги преведуваме странските книги за потоа вие да си направите една „авторизирана“ скрипта што ќе ја продавате 1000 денари и ќе ви биде дополнителен приход покрај платата што ја земате.

Работиме летен период за да ги ослободиме нашите родители од трошоците за нас. Од кого земате? Од невработени млади лица кои имаат цел да си обезбедат доволно за егзистенција, млади умови кои можат да го сменат светот и сакаат. Ве молам, не продолжувајте ја традицијата: „Мене ме мачеа на факултет, сега и јас ќе мачам.“

Престанете да нè потценувате за предметот што го предавате цел живот и ви е научен како стихотворба која морате да ја кажете пред нас како на новогодишна приредба. Тоа за нас е ново исто како што вам ви било ново кога сте студирале. И не, не сме предаватели на вашите скрипти и предавања. И не, не сакаме да набубаме дефиниција со која ќе добиеме 10-ка и на крај ќе бидеме најдобри студенти. Во што најдобри?

Сакаме предизвици и сакаме изборни предмети кои ќе ни ја развијат визијата и фантазијата. Сакаме да ни помогнете да доизградиме карактер и вистински вредности кои ќе ни помогнат да се соочиме со ова брутално општество. Дали вашите деца ги учите вака како што нè учите нас?
Барате да бидеме добри студенти - дали можете и колку добро можете да ни пренесете добри работи за понатамошен живот?

Искрено Ваша,
Ј.М. студент.

Раскажете ни ја вашата студентска приказна низ неколку реченици на info@fakulteti.mk и оставете имејл, со subject „Студентски приказни“. Нашиот тим ќе Ве контактира за да ја објавиме приказната.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование