X
 18.06.2017 Култура

Водич со правила за туристите во Северна Кореја - како да се однесувате во непријателска земја?

Турнејата на американскиот турист Ото Вармбиер во Северна Кореја тргнала на лошо кога тој бил уапсен откако излегол од аеродромот во Пјонгјанг бидејќи „извршил непријателски акт против државата“.

Ото, кој тогаш имал 21 година бил на „пропагандна турнеја“ во оваа високо изолирана земја, која ја предводела туристичката агенција наречена „Young Pioneers“. Таа е само една од многуте назначени агенции со лиценци кои нудат пакети за Северна Кореја.

Информациите покажуваат дека е прилично лесно туристите да добијат виза за Северна Кореја доколку се на резервирана тура - освен ако сте новинар - во тој случај скоро секогаш им е забранет влезот.

Но, пред да пристигнете во главниот град Пјонгјанг, обично постои еден вид на обука во Пекинг, а повеќето агенции на туристите им даваат книга со правила.

Наречена „Белешки за патниците“, оваа книга со 10 страници предупредува дека белешките мораат да бидат потпишани и прочитани, но книгата не смее да се носи во Северна Кореја.

Кои се правилата и насоките за престој во Северна Кореја?

После пристигнувањето, на визата на туристот се става печат, а потоа тој е регистриран кај локалните власти. Пасошот на туристот се држи до денот пред заминувањето.

Важно е со вас да земете џебна ламба, бидејќи областите надвор од Пјонгјанг често пати се соочуваат со прекини на електричната енергија, како и некое апче во случај на непријатни реакции на непозната храна. Добро би било да си земете и дигитална камера бидејќи нема каде да купите како и тоалетна хартија/течен сапун.

Добро би било во вас да имате фотографии од вашиот дом и семејство, бидејќи водичите сакаат да видат како изгледа животот на нивните туристи. Исто така, би требало да купите подароци за водичот и возачот - цигари или крема за лице или пак нешто типично на местото каде живеете.

Не смеете да носите книги за Северна Кореја или ситуацијата со Јужна Кореја, како ниту американски знамиња, ништо од Јужна Кореја, радио или облека со политички слогани. Религиозниот материјал е исто така забранет, па така носењето на Библијата или симболи како крстот може да предизвика големи проблеми и за вашиот водич и за вас.

Кога ќе го посетите споменикот Мансуаде задолжително е да им се поклоните на статуите на поранешните диктатори Ким Ил Сунг и Ким Џонг Ил, како и нивните тела во мавзолејот.

„Ако не сте подготвени да се однесувате како што се очекува од вас, тогаш би било најдобро да не ја посетите Северна Кореја“, пишува во книгата.

Кога станува збор за пари, на туристите им е дозволено да ја користат локалната валута, вон. Тие мораат да користат евра, американски долари или кинески јуани.

Нема банкомати, кредитни картички ниту патнички чекови - како и да е, нема многу работи кои би можеле да ги купите освен сувенири, разгледници, поштенски марки, маици и традиционални слики.

Насоките за патување велат дека најчестиот проблем со кој туристите се соочуваат во Северна Кореја, е стомакот. Медицинските установи во земјата се едноставни, со малку опрема и лекови. И додека Корејците јадат кучешко месо како деликатес - по правило, не им се служи на туристите.

Што се однесува со комуникацијата со надворешниот свет, дозволено е да се земи мобилен телефон меѓутоа мрежата нема да работи. Наместо тоа, ќе мора да купите локална SIM картичка и припејд кредит. Сепак, нема да можете да им се јавите на локалните водичи бидејќи постојат две ексклузивни мрежи - една за локалните жители и друга за странците. Не можете да правите меѓународни повици од фиксна линија надвор од главниот град, а повиците до Јужна Кореја нема да бидат обработени. Не можете да испраќате пораки, а 3G не е достапен за странците.

Туристите мораат да бидат внимателни и при фотографирањето - не смее да се фотографира војската, ништо што е одраз на сиромаштијата, не смеат да се прават секојдневни фотографи ниту слики од водичите или локалните жители без дозвола. Ова може да предизвика откажување на турнејата на целата група, а водичот да се соочи со сериозни последици.

Организаторите на турнејата мора да знаат дали во групата има ветерани од Корејската војна со оглед на тековната чувствителност по ова прашање. Никој не смее да го напушти хотелот без придружба, а било какви средби треба да се организираат во самиот хотел.

Забрането е земјата да ја посетуваат новинари и фотографи, па затоа туристичките агенции бараат ваквите професии да не се ни обидуваат да аплицираат за виза, бидејќи агенцијата може да се соочи со затворање.

Организаторите на турата предупредуваат дека туристите не смеат да објавуваат стати и фотографии во мејнстрим медиумите, па така туристите не само што мораат да се согласат дека нема да ги прекршат овие правила и услови, туку тие ризикуваат да бидат обвинети и од нив да побараат да ѝ надоместат на компанијата.

Оние кои се подготвени да платат повеќе пари може да ја избегнат групната тура и да имаат приватна турнеја организирана од агенција - но дури и оние кои патуваат сами мораат да бидат во придружба на најмалку двајца северно-корејски водичи, назначени од страна на Министерството за туризам на Северна Кореја. Не може да се патува самостојно.

И покрај правилата и прописите, официјалните лица ја прогласиле туристичката програма за успех - и очекуваат земјата да ја посетат повеќе од 2 милиони посетители до 2020 година.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура