X
 18.08.2020 Образование

Влада: Наставниците ќе предаваат од училница, часовите ќе бидат скратени, почетокот на учебната година не се знае

За училиштата каде што ќе биде дозволено настава со физичко присуство не треба да има повеќе од 20 деца во училница, ќе треба да бидат на 1,5 метар дистанца, да носат маски, наставникот да биде постојано присутен, да не излегуваат надвор...

Учебната година веројатно ќе доцни, учениците од 1. до 3. одделение ќе одат во школо, освен ако родителите не решат поинаку. Останатите новата учебна година ќе ја почнат онлајн. Исклучок ќе имаат општините, основачи на училиштата каде има добра епидемиолошка состојба. Во тој случај општините ќе треба да поднесат барање кое ќе биде разгледувано во Министерствата за образование и наука и за здравство, препорака ќе даде Комисијата за заразни болести, па Владата таму ќе одобри настава со физичко присуство. Ова се денешните одлуки на Владата за почетокот на учебната 2020/2021 година, а ја соопштија на прес конференција министерот за образование и наука Арбер Адеми и министерот за здравство, Венко Филипче.

Адеми рече дека нема замена за конвенционална настава со физичко присуство на учениците, но во ситуацијава, мора да се обрне внимание на колективното здравје.

- Долго време дебатиравме и на денешниот состанок на Влада одлучивме новата учебна година да почне преку средства за електронска, двонасочна комуникација. Имајќи го предвид психолошкиот и емоционалниот развој на децата, одлучивме учениците од 1. до 3. одделение да одат во училиште, но родителите ќе може да ја изберат и другата опција. Ние како министерство не отстапуваме околу тоа дека нема замена за класичната настава, но мора да ја имаме предвид епидемиолошката состојба. Учениците со хронични болести ќе имаат настава од далечина – рече Адеми.



Сѐ уште не е одлучен моделот за тоа како родителите ќе се изјаснуваат дали нивното дете ќе оди во школо или ќе учи од дома. Тоа допрва ќе треба да се прецизира. Адеми рече дека подолго време моделите и протоколите во новата 2020/2021 се подготвени, но неопходни се законски измени кои треба да ги донесе новата Влада и да ги одобри Собранието. Тоа важи и за најмалите кои би оделе во школо – часот да се намали од 40 на 30 минути, (од 45 на 35 минути за средните училишта), да се обезбеди легислатива за он-лајн настава и многу други. Најважно е да има флексибилен модел. Нацртот е подготвен и се чека да профункционираат институциите.

Адеми рече дека во соработка со Министерството за администрација и информатичко општество се работи на една единствена национална платформа која ќе се употребува во сите училишта. Наставниците ќе треба да бидат во училниците и ќе треба да ги обработат темите и истите преку електронски, во реално време да ги пренесат на учениците.

Уметничките училишта каде практичната настава е многу важна, преку основачот, општините ќе може да поднесат барање до МОН и МЗ. Ако може да се вклучат во рамките на планот, ќе добијат зелено светло и наставата ќе може да се организира со физичко присуство.

Филипче повтори дека препорачале онлајн-настава за ризикот да се сведе на минимум - образовниот процес е важен, но здравјето е поважно.

- Препорачавме децата од 1. до 3. одделение да одат на настава, зашто кај најмалите деца инциденцата е најмала и имаат многу лесна или се асимптоматски носители на вирусот. По барање на родителот ќе можат и онлајн да ја следат настават. Родителите ќе имаат избор – рече Филипче.

За училиштата каде што ќе биде дозволено настава со физичко присуство не треба да има повеќе од 20 деца во училница, ќе треба да бидат на 1,5 метар дистанца, да носат маски, наставникот да биде постојано присутен, да не излегуваат надвор, а помеѓу две групи деца на влез и на излез да 10 минути разлика.

На прашањето што ќе биде индикатор за затворање на училиштата, Филипче рече:
- Ако има сомнителен случај, епидемиолог ќе го испита и ќе направи анкета. Тој ќе оцени како понатаму.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование