X
 19.02.2019 Култура

Децентрализација на моќта на министерот бараат културните работници

Бараме воведување на критериумот „одговорност“. Употребата на овој критериум ќе овозможи санкционирање на неправилното работење и на ненаменското трошење на доделените средства, подвлече Рисима Рисимкин

Немаме веќе простор, ниту милиметар, за да си ги нервираме најталентираните луѓе, децата кои живеат и работат тука и кои ни се единствената надеж да направиме нешто добро. Да се децентрализира моќта на министерот, да се воведе систем за правилен развој и негување на културните вредности, да се дефинираат критериуми и да има одговорност, порачаа културните работници, потписници на Иницијативата „Култура е насловна страница на секое општество“.

Фото: МИА

Тие денеска на прес-конференција ги повторија барањата: итна средба со премиерот Зоран Заев, неговата советничка за култура Цветанка Ласкова, министерот Асаф Адеми и националниот координатор Роберт Алаѓозовски, транспарентна ревизија на поддржаните и повторно разгледување, особено на одбиените проекти со новата програма, зголемување на буџетот за културата и финализирање на Законот за јавен интерес во културата.

- Зошто Влада што има реформски карактер би сакала да ги стави во ваква позиција највлијателните и најевропски ориентираните луѓе и организации - праша Мирко Попов од ПМГ Рекордингс, квалификувајќи ја распределбата на средствата од Годишната програма за култура како скандалозна и како навреда за сите што работат и постигнуваат резултати.

Одговорноста за распределбата на државната поддршка Попов не ја гледа само во министерот, туку, како што рече, во целата Влада.

- Распределбата на средствата е симптом на она што подолго време се случува во културата. Потребен е посериозен третман, евалуација и валоризација на сите културни работници - истакна Билјана Тануровска-Ќулавковски од „Локомотива“.

Во врска со програмата, оцени дека проектите досега не се адекватно разгледани, освен одбиените од драмската и музичко-сценската дејност.

- Треба особено да се обрне внимание на одбиените и на поддржаните со недоволен износ кои доставиле комплетна документација, комплетна програма и издржани проекти, а се познати и признати на домашен и на меѓународен план - нагласи Тануровска-Ќулавковски.

Фото: МИА

Како што рече Рисима Рисимкин, Иницијативата е повик да се почне дијалог за заедничко решавање на итните проблеми. Таа очекува одговорните луѓе да ги препознаат заложбите на културните работници и во најскоро време да одговорат на нивните барања.

- Ќе предложиме мерки за создавање ново, чисто и јасно поле за дејствување во културата. Бараме воведување на критериумот „одговорност“. Употребата на овој критериум ќе овозможи санкционирање на неправилното работење и на ненаменското трошење на доделените средства - подвлече Рисимкин.

Додаде и дека мора да има исти критериуми за сите за да се избегнат сите малверзации и неправилности во распределбата на средствата. Распределбата не смее да биде по случаен избор и во случајни околности, туку според претходно утврден, воспоставен систем, додаде таа.

На прес-конференцијата беше укажано дека е неопходно формирање на работна група што ќе ги подготви критериумите за оценување на пријавените проекти, а бодовите треба да претставуваат сума на средствата што ќе се доделуваат.

Зад Иницијативата „Култура е насловна страница на секое општество“ стојат: Локомотива – Центар за нова иницијатива во уметноста и културата, Театар на Навигатор Цветко Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура, Факултет за работи што не се учат (ФР~У)/АКТО Фестивал за современи уметности, Интерарт културен центар – Танц фест Скопје и Скопје танцов театар, како и ПМГ Рекордингс. Поддршка на иницијативата ѝ даваат и други работници од областа на културата.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура