X
 18.10.2021 Наша тема

Како влијае работата од дома врз здравјето на луѓето - од искуството на матични лекари

Со организирање работа од дома се штитеа луѓето да не се заразат, но, од друга страна, долготрајното седење дома предизвика зголемување на телесната тежина, зголемена анксиозност и депресија. Меѓу лошите страни од работењето дома го споменуваат и тоа дека ја нема потребната координација и тимска работа за да бидат попродуктивни, вели матичната лекарка д-р Чолакова-Дервишова.

Луѓето се со различни ставови за тоа како работата од дома, по воведување на мерките за заштита од ковид-19, влијае врз нивната продуктивност, но и врз нивното севкупно здравје. Од искуствата што тие ги споделиле со своите лекари, некои сметаат дека кога работат од дома се попродуктивни, додека на други им недостига социјалната интеракција и дека кога подолг период работат од дома се чувствуваат и лошите страни.
Матичната лекарка д-р Лилјана Којиќ вели дека кај нас нема истражување за тоа како работата од дома влијае врз здравјето на луѓето и дека од искуствата што пациентите ги споделиле мислењата се различни.

- Предност од работата од дома е тоа што го нема стресот од одење на работа и внимавање на сите мерки за заштита, како и стресот од тоа дека може да се заразат. За предности ги споменуваат и тие дека се многу попродуктивни дома и во многу порелаксирана атмосфера може да ја завршат работата што би ја завршиле во канцеларија. На некои, пак, им пречи долгото седење дома и им недостига токму таа социјална интеракција, и велат дека дома не се толку продуктивни - вели д-р Којиќ.
Таа смета дека кај нас нема тренд на масовна работа од дома, додека западните земји сè повеќе се ориентираат на работа од дома и на луѓето тоа многу малку им менува.


Д-р Лилјана Којиќ

Еуростат деновиве излезе со податоци дека во 2020 година, по воведување на мерките за физичко дистанцирање како одговор на пандемијата на ковид-19, дури 12 отсто од населението на возраст од 20 до 64 години работеле од дома, а во текот на изминатата деценија бројот на луѓе што работеле од дома бил помеѓу 5 и 6 отсто.
Меѓу регионите на Европската Унија, најголемо зголемување на бројот на луѓе што работат од дома има во Хелсинки, главниот град на Финска, каде што е забележано учество со 37%, а по него следуваат два белгиски региони - провинцијата валонски Брабант со 27 % и регионот околу главниот град Брисел со 26 %.
По овие региони зголемување на бројот на луѓе што работат од дома има во главните региони на Данска, Германија, Шпанија, Франција, Италија, Австрија и Португалија.

Други лекари велат дека предностите од работењето од дома се многу помали и дека долготрајниот прекин на социјалната интеракција предизвикал други проблеми со здравјето на луѓето.

- Кај нас се покажува дека кај одреден број луѓе што се испитуваа, а кои работеа од дома, продуктивноста не зависи од тоа дали се тие дома или во канцеларија. Меѓу предностите ги споменуваат тоа што се дома и ако имаат и други членови на семејството, ќе можат да се грижат за нив, на пример, помали деца или постари членови на семејството - вели матичната лекарка д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија.

Таа вели дека кај нас сè уште не е развиена свеста на тоа ниво работодавците, чии вработени работат од дома, да се грижат за тоа како долготрајниот прекин на социјалната интеракција влијае врз нивното здравје.

- Со организирањето работа од дома се штитеа луѓето да не се заразат, но од друга страна, долготрајното седење дома предизвика зголемување на телесната тежина, зголемена анксиозност и депресија. Меѓу лошите страни од работењето дома го споменуваат и тоа дека ја нема потребната координација и тимска работа за да бидат попродуктивни. Исто така, влијае и тоа ако живеат во мал простор, па не секогаш може да обезбедат соодветни услови за работа од дома ако истовремено и другите членови на семејството работат од дома или, пак, ако имаат деца - вели д-р Чолакова-Дервишова.



Д-р Лилија Чолакова-Дервишова

Според податоците на Еуростат, секој четврти вработен работел од дома во регионите на главните градови; во регионот на Источен Мидленд во Ирска - 25 %, во регионите на Виена во Австрија и Ховештаден во Данска - 24%, регионот Иле-де Франс во Франција, Утрехт во Холандија, Луксембург и Ареа Метрополитана де Лисбоа во Португалија со 23%.
Многу поретко работа од дома е организирана во јужните и во источните делови на Европската Унија, односно помалку од 5 % во регионите на Хрватска, Кипар, Летонија, Бугарија, Унгарија, Романија и Грција.
Подготвил: Елица Бочваровска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема