X
 19.06.2025 Наука

Неверојатни снимки од НАСА ги прикажуваат најфреквентните „подводни автопати“ на Земјата

Модел за визуализација на океанот, изработен врз основа на податоци од НАСА, ги открива шемите на движење на океанските струи во светот.

Оваа визуализација, позната како @Вечен океан 2: западни гранични струи“ (англ. „Perpetual Ocean 2: Western Boundary Currents“), е вистинска уметничка слика создадена од Научното студио за визуализација на НАСА при Центарот „Годард“.

Фотографиите направени од вселената не ни овозможуваат само подобро разбирање на копното и како изгледаат планинските венци, каде што се среќаваат различни екосистеми или како растат градовите, туку можат и да ни помогнат во откривање на тајните на океаните.

Иако океаните покриваат околу 71 отсто од површината на Земјата, додека копното само 29 отсто, нивниот подводен свет сè уште претставува голема мистерија. Но, новиот проект на НАСА можеби ќе ни открие малку повеќе за тоа што навистина се случува под површината.

Групата за процена на циркулацијата и климата на океанот при НАСА креирала модел за визуализација на океанските струи, при што е прикажано како изгледаат подводните „автопати“ на планетата.

Визуелно, моделот наликува на сликарската техника на Винсент ван Гог, особено на неговата славна слика „Ѕвездена ноќ“. Но, освен што изгледа прекрасно, оваа визуализација ни покажува  дека океаните се клучни за создавање услови за живот на Земјата.

Океанските струи функционираат како подводни автопати. Тие се движат и хоризонтално и вертикално. Преку овој двоен тек, струите пренесуваат јаглерод, хранливи материи и топлина низ целата планета. На овој начин, тие не само што ги одржуваат морските екосистеми, туку и го регулираат климатскиот баланс на Земјата.

 

- Покрај тоа што влијаат врз глобалните временски шеми и температури, западните гранични струи предизвикуваат вертикални движења во океаните познати како издигнувања. Тие ги носат хранливите материи од длабочините на површината, каде што служат како ѓубриво за фитопланктон, алги и водни растенија - објаснува научникот Џејмс Риордон.

Океанските струи се поврзуваат во глобален транспортен појас, кој ја пренесува топлината од екваторот кон поларните региони. Овој ефект директно влијае врз регионалните клими. На пример, Голфската струја игра клучна улога во ублажувањето на температурите по должината на источниот брег на САД. Исто така, таа влијае врз климата во Европа и делови од Африка и без неа зимите во Европа би биле многу постудени, а сушите во Африка далеку посериозни.

Ураганите што ги погодуваат САД често се движат токму по патеките на овие подводни автопати. Но, со климатските промени и зголемениот доток на свежа вода од топењето на поларниот мраз, овие системи почнуваат да забавуваат.

Истражувачите предупредуваат дека ако продолжи забавувањето, може да дојде до целосен колапс на подводните струи. Такво нарушување би имало сериозни последици како на пример нарушена дистрибуција на топлина, загрозени морски екосистеми и нестабилни временски услови.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука