X
 19.07.2019 Живот

Два или три работни дена неделно? Еве зошто тоа не е невозможно

Работното време од 9 до 17, од понеделник до петок, еден ден ќе биде историја, смета британскиот милијардер Ричард Бренсон.

- Идејата да се работи пет дена во неделата со два слободни дена и неколку недели одмор секоја година се чини дека е длабоко вкоренета во општеството. Но, тоа не било секогаш така и нема да биде ни во иднина - напиша Бренсон на неговиот блог.

Тој вели дека оваa идеја ќе се промени бидејќи технологијата ќе ги промени работите што сега ги вршат луѓето.

- Како што коосновачот на „Гугл“, Лари Пејџ, и други истакнаа, количината на достапни работи за луѓето ќе се намалува како што ќе напредува технологијата. Новите иновации ќе ја покренат индустријата, но исто така ќе се намали нашето потпирање на силата на луѓето. Идеите како автомобили без возачи и напредни дронови стануваат реалност, а машините ќе се користат на сè повеќе работни места во иднината. Дури и авионите без пилоти ќе станат реалност и тоа во не толку далечна иднина - смета Бренсон.

Британскиот претприемач не е единствениот со вакво размислување. Сопственикот на „Тесла“, Илон Маск, изнесе некои прилично страшни предупредувања за технологијата и нејзиното земање на работата на луѓето.

- Сигурно ќе дојде до недостиг на работа. Ќе дојде до тоа роботите да можат сè да направат подобро од нас. Мислам на сите нас - истакна Маск во 2017 година.

Според Роб Аткинсон, основач и претседател на Фондацијата за информациски технологии и иновации, ова на прв поглед се чини дека е лоша вест за луѓето, меѓутоа, според него, стапката на невработеност ќе биде приближно иста за 20 години, дури и ако се променат видовите на работа.

Бренсон вели дека ако владите и бизнисмените се паметни, напредокот на технологијата би можел да биде многу позитивен за луѓето низ светот. Тој вели дека, на пример, владите би требало да платат за преквалификација на работниците и ќе биде неопходно да постои начин приходите на луѓето да се задржат на исто ниво.

- А со решенијата за овие прашања, технологијата би можела да помогне во создавањето паметни работни практики. Дали би можеле луѓето на крајот да земат три, па дури и четири слободни дена во неделата? Сигурно - вели тој.

Коосновачот на „Мајкрософт“ и милијардер Бил Гејтс исто така рече дека напредувањето на технологијата ќе значи повеќе слободно време.

- Па, секако, можеме да очекуваме дека одморот во некој момент ќе биде подолг. Целта на човештвото не е само да седи зад пулт и да продава работи. Повеќе слободно време не е страшно - истакна Гејтс.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот