X
 19.09.2019 Живот

Бертранд Расел: Само глупавите и мртвите никогаш не го менуваат своето мислење

На работа ви паѓаат нозете од умор, напорниот шеф ви прави неподнослив притисок, едвај стигнувате да ги извршите зададените обврски и имате чувство дека очајно ви треба одмор?

Во тој случај интригантно ќе ви звучи мислата на британскиот филозоф Бертранд Расел - мораме помалку да работиме за да бидеме посреќни.

Сепак, немојте да мислите дека станува збор за мрзлив човек. Роден во 1872 година во велшкиот град Трелек, по потекло од аристократско семејство, Бертранд Расел ги завршил студиите по математика на Универзитетот „Кембриџ“. За време на неговиот долг живот (починал на 97-годишна возраст од последици од грип) напишал импресивен број научни трудови, од кои некои се едни од најважните придонеси за филозофијата од 20 век. Освен што денес го помниме како основач на таканаречените аналитички филозофии, во историјата ќе остане забележан како неуморен социјален активист, пацифист, борец против нуклеарното оружје и активен застапник на атеизмот.

Тогаш, зошто овој човек имал идеја дека треба да работиме помалку?

За да дојдеме до одговор на ова прашање, добро е да се прочита неговиот есеј „Пофалба на мрзливоста“, првпат објавен во 1932 година, среде голема економска криза што почнала со крахот на Вол стрит на таканаречениот Црн вторник, на 29 октомври 1929 година. Во време кога многумина останале без работа поради кризата, се чинело невкусно да се пропагира неработењето. Сепак, Расел сметал дека кризата била резултат на длабоките предрасуди што ги имаме за работата.

rasel

Тој смета дека постојат два вида работа. Во првиот вид спаѓа рачната работа што Расел ја дефинира како работа што се занимава со директно менување на материите што се наоѓаат на самата Земјина површина или близу. Работата во која на други луѓе им се кажува на кој начин ќе ја обработуваат земјата е другиот вид работа, а таа може да се продолжува до недоглед. Да речеме дека постои работник кој копа. Над него може да постои друг работник кој му кажува каде, кога и како ќе копа. Над него може да има трет работник кој ќе го надгледува него, а потоа може да постои и четврти работник кој ќе ги надгледува останатите и ќе го советува третиот итн. Мануелната работа по правило е непријатна и лошо платена, што ја прави непосакувана, додека овој другиот вид работа е посакувана и добро платена. Благодарение на тие две перспективи за различни видови работа, се создаваат две социјални класи - работничка и средна. Расел додава и трета класа - сопственици на имот кои не работат апсолутно ништо и кои зависат од работата на другите.

Токму овие луѓе, како и сите оние што се наоѓаат на самиот врв на социјалната скала, намерно ја величаат идејата за „чесна работа“ за морално да го оправдаат фактот дека искористуваат други луѓе и понатаму Расел заклучува: самиот тој факт треба да ни биде доволен за да се преиспита нашето разбирање за работната етика и самиот поим за работа. Инспирација за своите идеи нашол во идеите на Карл Маркс - иако никогаш целосно не ја прифатил неговата идеја за социјалистичко општество. Поради фактот што сметаме дека мануелната работа е помалку вредна од интелектуалната и луѓето што се занимаваат со мануелна работа ги сметаме за помалку вредни од оние што се занимаваат со интелектуална работа. Исто така, поради фактот дека работата ја сметаме за доблест, оние што не работат ги сметаме за нечесни. Расел смета дека таквото размислување е погрешно. Мораме да одговориме на прашањето: Што навистина ги прави нашите животи исполнети, а нас задоволни? Одговорот што го нуди е едноставен: Мораме да работиме помалку.

Расел не сака да каже дека наместо осум часа дневно, треба да работиме четири. Тој смета дека ако цел ден, од утро до мрак, ни се сведува само на работа и извршување на должностите кон некој друг, ќе бидеме несреќни и мизерни. Она што ни е потребно е доволно слободно време што можеме да си го посветиме. Но, одморот не е за само да легнеме и да го земеме далечинскиот управувач в раце. Одморот е тука за да се посветиме на оние работи што нашето општество го прават цивилизирано, а тоа се уметноста, хуманитарните науки и филозофијата. Овде Расел ги следи идеите на старогрчкиот филозоф Аристотел, кој дошол до заклучок дека вистинскиот интелектуализам всушност доаѓа од слободното време. Со други зборови, науката и интелектуализмот имаат смисла само ако имаат цел, односно ако нивната цел е исклучиво интелектуално и духовно подигнување на личноста што се занимава со нив. Значи, целта на образованието не е едноставно да научиме нешто за потоа со таа способност да заработиме пари, туку мора и духовно да нè збогати.

Понатаму, Расел смета дека живееме во општество опседнато со брзина и ефикасност. На пример, порано се испраќале писма напишани рачно, затворени во плика. Со појавата на компјутерите и е-поштата станавме многу поефикасни - но дали за сметка на тоа имаме повеќе слободно време за себе? Всушност не - наместо да испраќаме три писма дневно, сега испраќаме 33, а можеби и 103. Денес сметаме дека е нормално тоа што треба да се убиеме од работа за да си ги заработиме парите и за да бидеме признаени во општеството како чесни луѓе. Поради тоа, ние се одрекуваме од можноста за сериозно интелектуално и духовно воздигнување, како и за занимавање со уметноста, и на тој начин го деградираме општеството во кое живееме и ја доведуваме до пропаст целата цивилизација. Секако, тоа не значи дека треба да одиме во друга крајност и целосно да се посветиме на мрзата. Неопходно е да најдеме рамнотежа меѓу работата што ќе ни ги обезбеди сите материјални нешта што ни се потребни во животот и слободното време што ќе ни овозможи интелектуално и духовно воздигнување.

Но, сфаќањето за човечкиот труд не било единственото нешто со кое се занимавал Расел. Една од главните цели на неговата филозофска мисла била да се користи логиката за да се објаснат филозофските идеи, исто како што се користи логиката за објаснување на математичките концепти. Тој верува дека основната задача на филозофите е да откријат логички идеален јазик - јазик што ќе нè доближи до вистинската природа на светот околу нас. Исто како што знаењето и одредени комбинации на атоми нè наведуваат да откриваме за одредени видови молекули, така и познавањето на вистинските зборови може да нè доведе до пошироко филозофско знаење.

Тој заклучува дека постојат два вида знаење. Едното е интуитивното знаење, што е сигурно и непогрешливо, додека другото е изведено, несигурно знаење што е подложно на грешки. На пример, ако ја ставиме раката во оган, сигурни сме дека ќе ни жежи - тоа е интуитивно знаење. Но, што ќе се случи подоцна? Каква повреда ќе добиеме поради изложеноста на оган? Дали ќе има плускавци? По колку време ќе закрепнеме? Одговорите на сите овие прашања се примери за изведено знаење што никогаш не може да биде целосно сигурно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот