На западната индустриска исхрана веќе значително ѝ недостигаат растителни влакна, според науката, и се чини дека тоа суштински го менува начинот на кој човечките црева ја варат билната материја, посочува ново научно истражување.
Овошјето и зеленчукот отсекогаш биле клучен дел од исхраната на луѓето, па науката има нови сознанија за тоа како телото го разградува најзастапеното органско соединение на оваа планета - целулозата. Нов труд на меѓународен тим научници, предводени од Универзитетот „Бен Гурион“ во Бершева, Израел, открива досега непознати бактерии сместени во цревата, способни да ја разградат целулозата.
Со децении се претпоставуваше дека луѓето ја разградуваат целулозата различно од тревопасните животни, како и од другите цицачи. Дури во 2003 година кај човек беше откриена бактеријата што ги вари билните влакна.
Врз основа на гените на таа бактерија, научниците почнаа да бараат и други слични на неа. Така, сега е откриено дека во цревата на човекот има три вида микроби што му припаѓаат на родот „ruminococcus“ (руминокока) и имаат гени поврзани со разградувањето на целулозата. Во фекалните примероци од луѓе кои живееле пред 1.000 и 2.000 години овие три микроби се наоѓаат во изобилство.
Меѓутоа, во современите, индустријализирани општества, во телата на луѓето има многу помалку такви микроби.
- Овие наоди укажуваат на пад на бројот на овие бактерии во цревата кај човекот, најверојатно предизвикан од преодот кон западниот начин на живот и исхрана - велат авторите на научниот труд, предводени од микробиологот Сара Мораис од Израел.
Ако „руминокока“ микробите се лишени од растителни влакна, можно е нивниот број во цревата да се намали. Научниците стравуваат дека падот на бројот на овие бактерии придонесува за полошо метаболичко здравје кај современите луѓе.
Извор: МИА