Италијански автомеханичар го направи она што Гинисовата книга на рекорди го призна како „најтесен автомобил на светот“. Ова ултратенко возило изгледа како да имало блиска средба со огромна преса. Андреа Мараци зеде „фиат панда“ од првата генерација – која и самата е веќе прилично тесен автомобил, долг 3,35 метри и широк 1,45 метри – и ја намали нејзината ширина на само околу 47,8 сантиметри. „Панда пер уно“ („Панда за еден“) е толку тесна што, кога Мараци го држи сертификатот за Гинисов рекорд директно над покривот, хартијата е поширока од автомобилот. Оваа модифицирана верзија на можеби е смешно тесна, но со неа може нормално да се управува. Паркирањето на тесни места претставува исполнување на сонот. Практична, едноставна и без излишни детали, „фиат панда“ стана еден од култните симболи на италијанската култура. Мараци одамна е нејзин љубител.
Мараци редовно учествува на манифестацијата „Панда а Пандино“. Тоа е голем годишен собир на кој љубителите на „панда“ се состануваат за да го слават овој коцкест мал италијански автомобил. Собирот се одржува во Пандино, мирен историски град на околу 35 километри источно од Милано. Овогодишната манифестација се одржа во текот на еден викенд во јуни, а Мараци гордо ја претстави својата креација. Овој автомеханичар видел голем број „фиат панди“ како минуваат низ семејниот автоотпад. Пред две години кога пристигнал модел од 1993 година, тој се зафатил со работа и почнал да го претвора во „панда пер уно“, автомобил што ќе постави светски рекорд. Ги извадил вратите и страничните панели, го пресекол централниот дел од каросеријата и повторно го заварил. Потоа изработил делови за каросеријата и прозорци за хаубата, покривот и задната врата.
Дури го намалил и управувачкиот механизам – кој сега практично изгледа како да му припаѓа на автомобил-играчка. Според податоците на Гинис, 90 % од „панда пер уно“ ја сочинуваат делови од оригиналниот автомобил што служел како основа.
„Панда пер уно“ на Мараци ќе биде претставена во Гинисова книга на рекорди 2027, што тој го смета за голема чест. Вели дека веќе бара нови рекорди што би можел да ги собори. Секако, титулата за најтесен автомобил на светот има и свои компромиси. Оваа мала, едноставна машина можете да ја паркирате каде било, но нема да сакате со неа да излезете на автопат. Максималната брзина ѝ е скромни 15 км/ч.
Фото: Guinness World Records