X
 22.05.2019 Култура

Џорџ Р. Р. Мартин открива дали крајот на книгите ќе биде различен од финалето на серијата

Разочарувачки и збунувачки се зборовите што фановите на „Игра на троновите“ најчесто ги користат за да го опишат финалето на најгледаната ТВ-серија. За серија што беше поздравена поради извонредната кинематографија и неверојатните сцени во битките, финалето не беше задоволувачко за фановите.

Разочарувачка беше целата приказна за Денерис, како и за тоа што Брен стана крал на шесте кралства. Дополнително на тоа, фановите беа изнервирани затоа што Џон заврши така како што заврши. Секако, не беа сите разочарани - на повеќето фанови генерално им беше жал што сагата заврши.

Но, за фановите на книгите, Џорџ Р. Р. Мартин на својот блог потврди дека крајот на ТВ-серијата и крајот на книгите ќе бидат целосно различни.

1
Фото: ЕРА-ЕFE

- Уште одамна ви кажав дека зимата доаѓа. „Ветровите на зимата“ доцни, знам, знам, но ќе ја завршам. Нема да кажам кога. Претходно кажав, но не си стоев на зборот. Но, ветувам дека ќе ја завршам, а по неа доаѓа „Сон за пролетта“.

Слушам луѓето прашуваат како ќе заврши. Дали ќе биде истиот крај како во серијата? Различен? Па... да. И не. И да. И не. И да. И не. И да. Работам на многу различен медиум од Дејвид и Ден, не заборавајте го тоа. Тие имаа шест часа за оваа последна сезона. Очекувам моите две книги да имаат 3.000 страници. А ако е потребно, ќе додадам повеќе поглавја и сцени. Постојат ликови што воопшто не се појавија на екранот, а други што умреа во серијата, но и понатаму се живи во книгите.

Книгата или серијата, кое ќе биде „вистинското“ нешто? Ова е навистина глупаво прашање. Да се договориме, јас ќе напишам, а вие прочитајте. Тогаш секој ќе може да си реши за себе и тоа да го брани на интернет - напиша тој на својот блог.

„Ветровите на зимата“ првично требаше да се објави околу 2014 година, но авторот ја одложи за периодот пред излегувањето на шестата сезона. Во јули 2017 година тој напиша дека и понатаму работи на книгата. Мартин не учествуваше во последната сезона од серијата за да работи на книгата, но сè уште нема датум на објавување.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура