X
 22.06.2017 Образование

Психолог Лидија Попчева: Кога ќе почине некој во семејството, не лажете го детето, вклучете го во процесот на тагување

Децата гледаат и сфаќаат многу повеќе отколку што мислиме ние. Вклучете го во процесот на тагување и помогнете му да се прилагоди. Не е добро да го лажете дека саканата личност „некаде отпатувала“,. Треба да му се каже дека таа личност умрела и дека нема да се врати – вели психологот и гешталт терапевт Лидија Попчева.

-Каде е баба? Ова беше првото прашање што ми го постави петгодишната ќерка, а со кое се соочив веднаш штом се вративме дома од погребот на мајка ми. “Замина на небото, ѝ реков“. Не се подготвив преходно што да ѝ кажам. И почнаа прашањата, зошто, дали таму има за јадење, како стигнала таму, дали со авион, дали со балон, кога ќе се врати? Следните неколку дена, наместо да тагувам, морав да смислувам весели одговори, за да докажам дека на баба, таму горе над облаците ѝ е супер. Сфатив дека згрешив, па после некој ден ѝ кажав дека баба умрела, и дека нема никогаш да ја видиме. Така почна еден подолг процес на тагување, ама едноставно ја кажав вистината. Дека не знам што се случува со човекот кога ќе умре, но дека е важно да продолжиме да се сеќаваме на него и да го сакаме. Ова пред извесно време му се случило на 45 годишниот Виктор Б. кој според психолозите добро постапил, кога на своето дете му ја кажал вистината.
Ништо не може да нè подготви за смртта на блиска личност, но важно е да останете присебни, бидејќи сте возрасни, а на детето зависно од возраста да изберете да му ги кажете вистинските зборови за да може да ја разбере суштината.

Нема универзални правила, но треба да се каже вистината

Психологот и гешталт терапевт, Лидија Попчева објаснува дека тагата поради загуба на близок е прва и природна реакција во моментите на загуба, а во исто време е и процес преку кој ожалостената личност ја лечи својата рана од загубата. Повеќето од возрасните , имаат капацитет да се справат со болката и да се носат со тагата во процесот на тагување. Меѓутоа, ситуацијата е покомплексна кога станува збор за децата и нивното соочување со загубата на блиска личност.

- Како да му се објасни на детето дека блиската личност ( баба, дедо) веќе ја нема? Како детето ќе ја прими информацијата за загубата зависи од неговата возраст, колку било емотивно врзано за починатата личност и како вие емотивно се носите со загубата. Не постојат универзални правила кои важат за сите деца. Кој начин ќе го примените пред сè зависи од вашите верувања . Предучилишното дете не е доволно зрело да ги сфати апстрактните поими, тие тешко го сфаќаат поимот смрт, дека некој кој го сакаат веќе го нема, ниту се способни да ги искажат своите емоции, посебно тагата поради загуба на блиска личност. Немојте да се обидувате да го заштитите по секоја цена вашето дете од загубата. Децата гледаат и сфаќаат многу повеќе отколку што мислиме ние. Вклучете го во процесот на тагување и помогнете му да се прилагоди. Не е добро да го лажете дека саканата личност “некаде отпатувала,,. Треба да му се каже дека таа личност умрела и дека нема да се врати. Слободно кажете му дека саканата личност ќе остане во неговите мисли и секогаш кога ќе му недостасува ќе може да ја повика со мислите. Во овие моменти со детето треба да се биде отворен и искрен затоа што низ ваков разговор му даваме шанса да ја изрази својата болка и тага – вели Попчева.

Со ваквата постапка, со изразување на чувствата на болка од една страна ќе му овозможите да ги канализира непријатните емоции, а од друга страна ќе му помогнете да ја прифати новонастанатата ситуација. -Слободно кажете му на вашето дете дека и вие сте тажни, на тој начин му давате на знаење дека тагата и болката се нормални чувства кога ќе ни се случи загуба.



Смртта не е табу тема

Од смртта не треба да правиме табу тема, затоа што таа е составен дел на животот. Кај детето ќе се развие страв од смрт ако помисли дека не е дозволено да се зборува за оваа тема дома. Не грижете се премногу околу тоа што ќе кажете. Според некои истражувања децата само очекуваат вистината да им се каже на фин и убав начин. Како тоа ќе го направите сепак зависи и од вашите верувања и убедувања. Многу е поважно со своето дете да зборувате отворено и да не се попречувате да разговарате за загубената личност и да евоцирате убави спомени – советува Попчева.

Ако ништо не му зборувате на детето, имајте на ум, дека нема да му помогнете на вашето дете да го ублажи немирот и болката. Може само да ја потикнете неговата фантазија и уште повеќе да се вознемири и уплаши. -Секое дете на загубата ќе изреагира во согласност со својата структура, темперамент и неговата емоционална поврзаност со умрената личност. Потребно е време детето да ја надмине кризата и да ја прифати загубата.

Чувството на тага, лутина и страв, како и негирање на загубата треба да ја толерирате и да ги прифатите неговите чувства. Дозволете му доволно време да ја преработи својата загуба. Овозможете му да ги изрази своите чувства преку цртеж, моделирање со глина, говор или движења .Децата поминуваат низ процесот на тагување слично како и возрасните, само на поинаков начин. Тие реакции може да се неприметни за семејството кое и самото е окупирано со сопствената тага. Детето нема да ги искаже своите емоции затоа што можеби не е ни свесно ( посебно кај помалите деца ), и ќе ги изрази низ однесување – отпор, избегнување на непознати луѓе, плачење, тага, повлекување, рамнодушност или депресивност. Ваквите реакции се нормални при загуба на блиска личност. Здравото тагување се одвива низ разговор и сеќавање на умрената личност, а оживувањата на тие спомени му помагаат на детето да биде во контакт со блиската личност која му недостасува и му го олеснува процесот на тагување. Впрочем, како и на нас возрасните – вели таа.

На децата им е потребна сигурност, внимание и редовен секојдневен ритам на активности. Не се обидувајте да го окупирате со различни активности или да го приморувате против негова волја да биде во друштво со други деца се со цел да не тагува. Покорисно е што повеќе време да поминувате заедно во мирна и опуштена семејна атмосфера, за да бидете подршка едни на други во периодот на тагување. Со тек на времето загубата ќе биде полесна.
Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование