X
 22.09.2018 Наша тема

Образование во село. Румени обравчиња и широки насмевки во Долна Цера

Шест дечиња од прво до петто одделение заедно со нивниот наставник Дарко Анастасов учат во селото што се наоѓа на десетина километри од Македонска Каменица

Александар, Александра, Виола, Санела, Ангела и Бојан се дечињата кои со широки насмевки нѐ пречекаа во нивното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во планинското село Долна Цера, во близина на Македонска Каменица. Сакајќи да ја задоволиме нашата љубопитност и да ви го претставиме животот во оваа општина преку младите и образованието, патот нѐ одведе кон прекрасното село Цера. Наш домаќин беше директорката на училиштето, Мирјана Гошевска.

Секое селско училиште има своја посебна приказна и од секое ви се чини дека извира некој спомен. Речиси сите ги обединува фактот дека се стари згради, подзакрпени, со стар мебел, но и многу топлина. И овде учат малку дечиња, само петмина кои заедно со нивниот млад наставник Дарко Анастасов рошкаат по светот на знаењето. На овие дечиња можеби им недостигаат модерни услови во училиштето, ама на природата во која растат човек може да ѝ позавиди.

Братчиња и сестричиња учат заедно

Училиштето е отворено во 1910 година. На времето важело за едно од најмодерните во овoj крaj. Има приказна дека било градено од луѓе од девет маала и секое семејство помагало некако за да се изгради училиштето.
Оваа година имаат само едно прваче. Селото е поделено на Горна и Долна Цера.

Детските цртежи ја разубавуваат старата зграда

Малку срамежливи, ама и среќни дека некој им дошол на гости, дечињата ни покажаа кој што најдобро знае да прави. Кој сака да чита, кој сака да црта. Тие патуваат со комбе до училиштето. Цера е село од разбиен тип. Четворица братчиња и сестричиња учат заедно.
Сега веќе се вторачиња Александар и Александра, а ним им се приклучи и Виола, која уште во минатата школска година ги дружеше дечињата и одеше на часови за да може полесно да се привикне на наставата. Во трето одделение учи Санела, во четврто – Ангела, а најголем е Бојан.
За наставникот Дарко, ова е втора учебна година. Тој седум-осум години претходно работел во рудникот Саса, но сега е многу среќен што работи со дечињата. Учениците велат дека е многу добар, а само понекогаш строг.


Комбинирана настава – предности и маани

- На пример, еве на распоредот за денес во четврто одделение имаме природни науки, во трето - македонски, во второ имаме математика. Прво може да има музичко, ликовно. Секој ден е различно. Понекогаш на првоодделенците ќе им покажам што треба да прават, па дури тие работат, средуваме некој текст со второ одделение. На тие што имаат музичко им пуштаме музика, па паралелно другите имаат ликовно. Не е едноставно, бара добра организација – вели наставникот Дарко.


Децата најмногу се радуваат на часовите по физичко надвор

Тој објаснува дека многу често во една лекција ги вклучува и другите ученици, без разлика што материјалот не е за нивното одделение.

- Кога учиме нешто по Природни науки или Општество, понекогаш ги вклучувам и децата од друго одделение, кога ќе проценам дека може да им биде интересно. Работиме и со ИКТ-програма, па кога имаме презентација за второ одделение, на пример, за Сонце, планети, тогаш и другите деца ги вклучувам. Нема зијан да научат – вели наставникот.

Наставникот Дарко Анастасов им предава на шест дечиња од прво до петто одделение

За него ова е втора учебна година. Претходно работел во лабораторија во рудникот Саса.

- Промената ми е многу позитивна и имам многу волја за работа. Напорно е да се работи со четири одделенија одеднаш, ама, пак, предност е што се малку деца. Најздодевна е административната работа. На едно дете можете да му посветите повеќе внимание, едно дете – едно одделение. Доколку имаш 20 деца, потешко е да поминеш до секое дете. Недостаток на комбинираната настава е што наставникот мора да го крати часот. Некако на часот не може да му се даде доволно вовед, ами веднаш се преминува на поентата. Ама дечињата се добри, се трудат и мене тоа ме радува – вели наставникот.

Петтоодделенецот Бојан сака да црта

Се дружат по часовите, но играат игри и на телефон


За наставни материјали се снаоѓаат и од школото од Каменица. Физичко одржуваат во мала сала зиме, а кога е убаво времето децата имаат огромен двор, во кој од пред некое време имаат кошеви, а имаат и стативи за фудбал.
После петто одделение децата го продолжуваат образованието во Македонска Каменица.
Во околните села само во селото Саса има деветтолетка.


Наставникот Дарко го пофали Бојан дека има најдобар ракопис и се пошегува, веројатно затоа што и најдолго време пишува. Тој многу сака и математика, но и да црта. Второодделенката Александра најмногу сака да учи македонски јазик и да кажува песнички.

По часовите си играат со топка, гледаат телевизија. Сакаат да ги гледаат „Маша и Медо“, „Том и Џери“, но и суперхерои. И тие имаат од родителите телефони за играње. Ги прашавме што сакаат да бидат кога ќе пораснат. Продавачка, наставничка по англиски јазик, Александар пак сака да биде возач на полициски автомобил.
- Ретко кој сака да работи во селска средина. Имаме мала библиотека, ги нема сите лектири што ги учиме, ама се снаоѓам, им земам од Градската библиотека од Каменица.


Костурница во подрумот на училиштето

Во подрумот на училиштето се наоѓа костурница. Во влага и несоодветни услови во три мермерни саркофага се чуваат коски од српски, војници и црногорски војници, од битката на Говедар, во 1913 година. Костурницата е изградена во 1937 година. Никој не знае кога оваа костурница ќе биде дислоцирана.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема