X
 25.10.2020 Наша тема

Надица истрча полумаратон по една година од операцијата на мозокот, Мики составува компјутери за деца што немаат, ќе се оценува ли реално... Што истражувавме неделава

Инспиративна приказна на 33-годишната Надица Димитровска, која по комплицирана операција на мозокот пред една година истрча 21 километар на Скопскиот маратон под мотото „Јас имав операција на мозокот. Кој е твојот изговор?“, Мики Цветанов составува компјутери за ученици што немаат... Како се учат предметите по уметност преку онлајн-настава, како ќе се формираат оценки, што покажа анкетата на прашањето: Дали сте задоволни од онлајн-наставата? Ова се темите што ги истражувавме неделава.



„Билазора, наместо бисер, жртва на лошата организација на институциите“ е насловот на интервјуто со д-р Драги Митревски, редовен професор на Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Тој зборува за лошата состојбата на археолошкиот локалитет Градиште кај селото Кнежје кој ги исполнува сите неопходни предуслови да прерасне во една од најсилните понуди во нашиот културен туризам.



Професорката Елизабета Секирарска во својата редовна колумна пишува за тоа „Што значи да си наставник во услови кога треба да се поправи, состави и сошие она со децении што не чини“? Во услови кога она што не чини со децении треба да се поправи, состави и сошие така што да не се гледаат кривите рабови и погрешните штепови, вшивувани еден врз друг за да личи привидот на реформирано руво, не е лесно, Нејзината колумна прочитајте ја тука.



Како да се вежба, црта и учи музика во онлајн настава? Наставната програма по физичко образование е скратена, ги нема колективните спортови и децата вежбаат гимнастика, атлетика, танци за да останат активни. Како се одвива еден онлајн-час по ликовно во петто одделение? По насоките на наставничката сите ученици цртаат, исто како да се во училница.



По една година од операцијата на мозокот Надица истрча полумаратон: „Кога мислиме дека не можеме, тогаш всушност најмногу можеме“. Нејзиното мото „Јас имав операција на мозокот. Кој е твојот изговор?“, испишано на англиски јазик на маичката што ја носеше на трката, привлече внимание и ѝ донесе многу охрабрувачки коментари, за кои вели дека ѝ помогнале да истрае до целта. Надица Димитровска е 33-годишна скопјанка чиј подвиг да истрча полумаратонска трка од 21 километар, по комплицирана операција на мозокот пред една година, беше инспирација и мотивација за многумина учесници и поддржувачи на овогодишниот „Виз ер Скопски маратон 2020“, одржан на 4 октомври. Ова е нејзината приказна.



Оценување на далечина: Реални петки или онлајн прогледување низ прсти? Наставникот може да користи различни методи при оценувањето на учениците, но ако има драстична разлика во она што го постигнувал ученикот во училница со резултатот што сега го постигнува онлајн, тогаш наставникот може да му даде уште еден тест за да биде резултатот што повалиден, појаснуваат во Бирото за развој на образованието - БРО за правилата за оценување во услови на пандемија кои ги доставија до наставниците. Надлежните подготвија упатство за оценување кое треба да го користат наставниците при проверката на знаењата. Дали новите правила ќе го запрат подарувањето оценки или, пак, уште повеќе ќе им се прогледува низ прсти на учениците?



Мики Цветанов составува компјутери за ученици што немаат. Ме мотивира искреното „благодарам“ од родителите, вели тој. Си прави листа која секојдневно се зголемува и гледа да оди по ред, да биде реален. Вели дека не е фер - некои деца да имаат можност да се школуваат, а оние што немаат услови да бидат заборавени од сите. Ова е приказната на скопјанецот Мики Цветанов, кој во изминатиот период израдува многу семејства.



Дали сте задоволни од онлајн-наставата? Еве што велат учениците и родителите:
Онлајн-наставата трае многу кратко, па додека сите да се вклучат, половина од часот е веќе поминат. Не може да се научи како функционира една машина со тоа што само ќе се изгледа една презентација. Дали може да се поврзе една куќна инсталација со тоа што ќе се изгледа едно видео? Децата се безбедни и учат компјутерски вештини... се дел од коментарите на родители и ученици за онлајн-наставата. Како одговорија над 2.000 анкетирани, прочитајте тука.


Деца од селото Цера се качуваат на рид за да фатат подобар интернет и да не отсуствуваат од час. Децата живеат во планинско село на 1.100 метри надморска височина и на 13 километри оддалеченост од Македонска Каменица. Учат во гимназијата „Миле Јаневски Џингар“, која се наоѓа во градот. Иако посакуваа да одат на часови во вистинска училница, со новата класна и новите другари, Ковид-19 им ги промени плановите.
По објавата на нашиот текст од училиштето и општината не информираа дека се обезбедени таблети, превоз и 10 деца од селата на овој град онлајн-наставата од наредната недела ќе може да ја следат во простории во гимназијата во градот.



Никола Велов е вундеркид во математика, роден во Белград, по татко од Кочани. Нема поголема олимпијада на која не учествувал, а во последните години го има постигнато и најголемиот успех (во 2017 год.) за Македонија, освојувајќи бронзен медал на Интернационалната математичка олимпијада во Рио де Жанеиро. Периодов тој волонтира во Скопје, дојден по покана на Сојузот на математичарите на Македонија за да помогне во подготовките на нашите млади математички таленти, кои ќе учествуваат на Балканската математичка олимпијада што ќе се одржи на 1 ноември. Никола има 22 години. Откако ја завршил Математичката гимназија во Белград како еден од најдобрите ученици што добиваат Вукова диплома, Никола студира на Математичкиот факултет во Белград, на насоката „Теориска математика и примена“.



Преку масовно користење на сексапилот до ниво на еротицизам, современиот маркетинг на специфичен начин промовира ниска култура за жените. Тоа не е случај само за рекламите во високоразвиените држави туку е случај и во Македонија, вели Ивона Михајлова-Михањ, авторка на книгата „Родовите прашања во маркетинг теоријата и практиката“. Предизвик ѝ било да продре во област која во Македонија не е доволно истражена и е често заобиколувана, а има сè поголем број реклами чија цел е преку користење на сексапилот да се манипулира со потрошувачката самодоверба.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема