X
 23.02.2022 Образование

Задача од приемен испит на „Оксфорд“. Можете ли да ја решите?

Задачата во продолжение еднаш била дадена на приемен испит на Универзитетот „Оксфорд“. Станува збор за задача која им била дадена на кандидатите за студии по филозофија. Таа била дел од устен испит чија цел била да се види како кандидатите ќе размислуваат за решението. Обидете се да ја решите.

Натпреварувач сте во квиз со главна награда од 1 милион фунти. Во другата просторија има уште еден натпреварувач. Играта бара соработка, односно или двајцата ќе победите или двајцата ќе изгубите. Никогаш не сте го сретнале другиот натпреварувач, но претпоставувате дека размислува на сличен начин како вас.

Квизот почнува со првиот круг, а потоа продолжува со вториот и третиот круг итн. сѐ додека се потребни нови кругови. Во секој круг, секој натпреварувач има две опции: да му каже на водителот дека ја завршува играта и да одбере боја (која било боја) или да му испрати порака на другиот натпреварувач. Доколку двајцата одберете да изберете порака, пораките ќе бидат испратени истовремено.

За да победите, двајцата мора да ја завршите играта во ист круг и да одберете иста боја. Губите доколку само еден ја заврши играта или доколку одберете различни бои.

Треба да почне првиот круг. Што правите?


Фото: Pixabay

Кога задачата им била дадена на кандидатите за студирање на „Оксфорд“, од нив не се очекувало веднаш да се најде совршениот одговор. Задачата треба да поттикне дискусија за нејзините детали и проблемите во играта во улога на натпреварувач. Нема најдобар потег, но некои стратегии се подобри од другите.

„Гардијан“ нуди решение, односно најдобра стратегија. Лоша стратегија би било да се заврши играта со одбирање боја во првиот круг бидејќи шансите дека другиот натпреварувач ќе го направи истото се мали. Наместо тоа, треба да испратите порака за да планирате кога да ја завршите играта со другиот натпреварувач.

На пример, доколку предложите одбирање црвена боја во третиот круг, вториот натпреварувач треба да го потврди тоа во вториот круг доколку мисли дека предлогот е во интерес на двајцата. Во овој случај би победиле во третиот круг.

Меѓутоа, пораките се испраќаат истовремено, така што можеби вториот натпреварувач ќе ви испрати слична порака, но со различна боја. Што ќе направите тогаш? Другиот натпреварувач ќе биде еднакво збунет како и вас.

Подобра идеја е доколку во пораката напишете предлог за боја и додадете дека ќе го сторите тоа само доколку другиот натпреварувач го предложи истото. Доколку другиот натпреварувач го стори истото, за неколку круга веројатно двајцата ќе ја испратите истата порака и ќе победите.

Извор: The Guardian
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование