X
 23.05.2025 Наша тема

Игор Ефтимовски, докторанд по археологија: „Новите анализи даваат дополнителна тежина на широко прифатеното толкување од пред 45 години дека Филип Втори е погребан во гробницата број 2 во Кутлеш“

Без разлика на тоа што новата анализа покажа дека човечките останки пронајдени во Гробницата на Персефона, односно во гробот број 1 од Големата гробница во Кутлеш, денешна Северна Грција, не се на Филип II, сепак останува фактот дека овие гробници се вбројуваат меѓу најзначајните археолошки откритија од античка Македонија и воопшто на античкиот период, вели м-р Игор Ефтимовски, докторанд по археологија.

Според него, со оваа најнова студија се враќаме повторно на толкувањето на археологот Манолис Андроникос од истражувањата од 1976 до 1980 година дека најверојатното почивалиштето на Филип II е сепак гробницата број 2.


Фасада на Гробница 2

Ефтимовски посочува дека тогаш бил истражен гробен тумул (насип) во чија внатрешност биле откриени четири монументални старомакедонски гробници и еден малечок гробен храм од 4 век пред нашата ера. Поради својата монументалност, раскошност, богатството на гробниот инвентар и непосредната близина до старата македонска престолнина Ајга, речиси било сигурно дека се работи за гробници на македонското кралско семејство.

- Постои генерален консензус дека гробницата број 3 му припаѓала на Александар IV, синот на Александар III Македонски, кој никогаш не доживеал полнолетство. Идентитетот на личноста за која била наменета гробницата 4 е спекулативен. Има претпоставки дека се работело за кралот Антигон II Гонат или, пак, некој друг - вели Ефтимовски.


Златно ковчеже од комората на Гробница 2

Најмногу научна дебата предизвикува идентификацијата на покојниците во гробниците број 1 и 2.

- Гробницата број 1 е девастирана и ограбена во стари времиња, а од она што е останато - највпечатливи се ѕидните слики со митска тематика кои го прикажуваат грабнувањето на божицата Персефона од страна на подземниот бог Хад и нејзината ожалостена мајка Деметра. Во гробницата се откриени коскени остатоци на возрасни маж и жена. Поради тематиката на ѕидните слики, вообичаени за жени од висок статус во античката македонска култура, изнесена е претпоставка дека гробницата била наменета за некоја од сопругите на Филип II. Всушност, како аргумент за оваа интерпретација може да се посочи фактот што истиот мит е прикажан во една друга гробница во која веројатно била оставена да почива Евридика, мајката на Филип II (инаку со потекло од Линкестида, околината на Битола), како и во големата гробница во Каста кај Амфипол, која можеби ѝ припаѓала на Олимпијада, сопруга на Филип II и мајка на Александар III Македонски - вели Ефтимовски.

Од друга страна, гробницата број 2, која е најраскошна и најбогата под големиот насип во Кутлеш, вообичаено се смета за вечно почивалиште на Филип II во главната комора, односно на неговата сопруга Меда во преткомората.

- Сепак, уште од самото публикување на наодите постои дилема дали Филип II бил навистина погребан во гробницата број 2 или, пак, во ограбената гробница број 1 каде што се откриени коскени остатоци на други маж и жена. Доколку се прифати таквата можност, тогаш во гробницата број 2 би биле погребани Филип III Аридеј (син на Филип II и полубрат на Александар Македонски) и неговата сопруга Адеја-Еврдика - додава тој.

Оваа алтернативна опција во последните децении особено ја промовирал професорот Антонис Бартсиокас, специјалист по физичка антропологија и палеопатологија, кој смета дека машките кремирани останки во комората на гробницата број 2 не соодветствуваат со повредите кои според историските извори наводно ги имал кралот Филип II.


Златен надградник од преткомората на Гробница 2

- Сепак, последно публикуваните студии од 2025 година, засновани на поегзактни природонаучни методи на датирање на коскените остатоци на мажот и жената од гробницата 1, укажуваат дека тие починале во првата половина на 4 век пр.н.е. Ваквата датација ја исклучува можноста да се работи за Филип II, кој бил убиен подоцна (во 336 г. пр. н. е.). Имајќи го ова на ум, машкиот покојник од гробницата 1 би можел да биде некој од постарите браќа на Филип II, односно Александар II или Пердика III, или пак можеби нивниот татко Аминта III - вели Ефтимовски.

Со оваа најнова студија истражувачите се враќаат повторно на толкувањето на Манолис Андроникос дека најверојатното почивалиште на Филип II е сепак гробницата број 2.

- Лично сметам дека таквата опција е најверојатна, и тоа не поради остатоците и прилозите на машкиот покојник во комората, туку оние на жената во преткомората. Имено, оваа жена била погребана со надградник и воена стрелечка опрема карактеристична за Гетите и Скитите, народи населени во долниот тек на Дунав и Северното Прицрноморје. Во македонското кралско родословие таквите предмети најдобро би ѝ соодветствувале на принцезата Меда од Одесос, ќерка на гетскиот крал Котела, а подоцна една од сопругите на Филип II Македонски - вели Ефтимовски.



Како и да е, според него, овие гробници сведочат за кулминативната моќ на Македонското Кралство во 4 век пр. н.е., како и за комплексните социјални и политички односи што владееле во него. Но, можеби најважно, тие се надоврзуваат на една долга културна и религиска традиција која влече длабоки корени од големите погребни насипи на железното време, преку златните погребни маски и други апликации од архајскиот период, до монументалните гробници во Кутлеш кои го означуваат највисокиот дострел на таа традиција.

- Тие се културно богатство кое македонската земја им го оставила во наследство на денешните генерации - да го чуваат, истражуваат и да му се восхитуваат - вели Ефтимовски.

Фото: Игор Ефтимовски
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема