X
 24.11.2025 Наша тема

Александар Кирковски 15 години се качува на Алпите: „Алпинизмот е начин на живот и неопходно е човек да ја доживува планината како природна средина“

Соло искачувањата ми се особено драги. Едни од причините се возбудата и слободата да се биде сам со себе, човек се соединува со планината, ги слуша сите внатрешни и надворешни звуци, дразби, умот е буден повеќе од вообичаено. Кога си сам таму надвор го даваш најдоброто од себе, преземаш поголем ризик и речиси немаш право на грешка, вели Кирковски

Александар Кирковски годинава одбележува еден личен и импресивен јубилеј - 15 години во континуитет планинари и се качува на Алпите, петнаесет години предизвици, искачувања и безброј мигови во срцето на планината. Алпите му станаа дом над облаците, местото каде што секој здив тежи колку чекор, а секое искачување му носи нова лекција за храброст, истрајност и љубов кон височините.

- Често грешев, учев, растев, но со секое ново искуство станував поскромен и пореален пред себе и во односот со планината. И по цели 15 години и над 300 дена минати во алпски искачувања, стојам во алпските долини со истиот жар решавајќи ја равенката на услови, метео, тежина, опрема... сето тоа е веќе значаен дел од мене. Воопшто не се работи за конкретен врв, маршрута, одредено постигнување, туку за чувство, енергија и начин на живот - вели Александар.



Алпинизмот е начин на живот 

Помеѓу планинарството и алпинизмот постои јасна дистинкција со одредени допирни точки, а кај Алксандар тој премин почнал да се случува во 2011 година со првите искачувања на Монте Роса и Мон Блан на Алпите.

- Претходно имав акумулирано планинарско искуство во Македонија и на Балканот, вклучително и зимски искачувања на многу врвови над 2.500 м.н.в., а од 2005 година членував во планинарски клуб. Планинарството е основа и неопходна база за понатамошен развој во алпинизмот и стојам на ставот дека добар и искусен планинар, доколку има афинитети, треба да се развива во алпинист, а не обратно. Дополнително многу ми помогнаа и студиите на Институтот за географија при ПМФ, географите стекнуваат знаења и вештини кои се значаен адут на планина, има голем број географи кои се успешни планинари и алпинисти. Летото 2011 година првпат со неколку пријатели заминал на Алпите на врвови повисоки од 4.500 метри. Од физички аспект, до тој момент имавме поминато и потешки тури во зима на нашите планини. Меѓутоа, возбудата и енергијата од тоа прво алпско искуство на височина ме вратија назад идната година и така се собраа петнаесет години во низа. Интензитетот на емоции од искачувањата и воодушевувањето од самиот алпски амбиент во првите неколку години беа за нијанса подинамични - се потсетува Александар.

Според него, алпинизмот е начин на живот и неопходно е човек да ја доживува планината како природна средина, со задоволство да се справува и со тешките ситуации и задачи.



Најголем предизвик е да се најде идеалниот партнер

Според неговото искуство, самата опрема за планинарење и алпинизам не еволуирала технолошки толку многу колку што се променил неговиот пристап кон опремата.

- Со стекнатото искуство и значително зголемениот волумен на тренинг што доведе до скок од повеќе скалила на психофизичката подготвеност на планина, со текот на годините можев да си дозволам со минимум опрема да искачувам повисоки или потешки врвови. Со мало ранче од 10 до 20 литри ги искачував во еден ден директно од долината високите алпски врвови како Мон Блан и Матерхорн. За тоа вообичаено се потребни два до три дена и значително повеќе опрема, а пред 15-20 години ваквиот тип на потфати ми изгледаа недостижни - споделува Александар.

Во текот на годините се качувал со релативно малку партнери. Тоа е еден од најголемите предизвици во планинарскиот спорт, слично како и во животот, да се најде идеалниот партнер.



- Партнерите во планините освен да се погодат карактерно, треба да имаат и слични алпинистички цели, капацитети за нивно остварување, слободно време, толеранција на ризик, а на крајот дури и сето тоа да се совпаѓа, не можеме да знаеме колку долго ќе трае. Луѓето се менуваат под влијание на различни животни фактори, па така и речиси идеалните алпинистички партнерства завршуваат во одреден момент. Тоа е само една од причините што многумина се одлучуваат да се качуваат сами. Низ годините имам искачувано планини и повисоки врвови и во улога на планинарски водич, нешто што особено ме исполнува и среќен сум што сум дел од таа приказна - објаснува Кирковски.



Го прашавме и за искуства кои се паметат, траат, не се забораваат...

- Секогаш ќе ги паметам чистата среќа и енергијата по првото искачување на Матерхорн во 2013 г. - остварувањето на планинарскиот сон. Веројатно остана до денес ненадминато, дури ни од доста потешки или според стилот поуспешни потфати. На спуштањето од врвот нѐ зафати невреме со град што силно удираше во нашите шлемови, а едно мало засолниште на 4.000 м.н.в. нѐ спаси од суровоста на планината. Исто така, на Матерхорн три години подоцна на спуштање нѐ стемни, ја загубивме маршрутата и од умор нашите сетила беа опасно ослабени, по што решивме да преноќиме на отворено, на карпа на височина од околу 3.500 м.н.в. Не беше воопшто пријатно, но беше значајно искуство. Не помалку наивно беше едно искуство од зимата 2015 кога дарував 400 мл крв со цел да добијам два слободни дена од работа, за веднаш да се упатиме на зимско искачување на техничкиот гребен Штудлграт до највисокиот врв во Австрија, Гросглокнер, 3.978 м.н.в. За среќа, тешкото искачување се заврши успешно, но брзо ми стана јасно колку погрешив, моето тело беше слабо и дарувањето крв не беше паметна идеја. Но имаше и тешки потфати кога сѐ течеше како подмачкано, како при едно искачување на Матерхорн директно од долината, од селото Цермат до врвот и назад, во еден ден. Повеќе за оваа авантура со мојот пријател Лукас можете да прочитате ТУКА
 - се присети Александар Кирковски.



Сакам да останам на овој пат и да можам активно да се занимавам со планинарење

- Интуицијата се базира на нашите знаења, искуство, разум, храброст и карактер. Не секогаш мора да се заснова на статистички или логични објаснувања, но може да претставува клуч за понатамошниот тек на случувањата и треба да ѝ се даде особено значење. Планината е опасно место, а голем дел од најдобрите светски алпинисти го загубиле животот. Имало моменти кога таа интуиција ме вратила назад од речиси достигнат врв, како при едно искачување во бернските Алпи минатата година. Со партнерот се вративме на 100 висински метри од врвот затоа што низа фактори претходно веќе го направија тоа искачување поризично одошто требаше, одлуката дојде следејќи го внатрешното чувство и беше вистинска - ни сподели Кирковски.



По 15 години, тој не ги доживува Алпите како нешто далечно или туѓо, туку речиси како планините во Македонија или на Балканот.

- Последните три години живеам на три-четири часа од Шамони и Цермат. Денес најчесто во улога на водич одам на искачувања на кои веќе сум бил повеќепати и тоа ми претставува особено задоволство. Не дека има отсуство на лични цели или идеи, но годишно успевам да искачам само два до три повисоки врва или маршрути на кои не сум бил претходно. Предизвиците не ги врзувам за конкретен врв, повеќе би рекол најголемиот предизвик ми е да останам на овој пат и да можам активно да се занимавам со планинарење и алпинизам во годините што доаѓаат. Бидејќи животните предизвици и околности често одат контра тоа и познавам многу луѓе кои биле активни планинари и алпинисти, а денес се далеку од тој свет. Не сакам тоа да ми се случи. Се радувам на сите оние што сакаат да споделиме планински и особено алпски авантури. Повеќе за мене и планините, ќе најдете на мојата веб-страница www.mountainguide.mk - додава Александар.




Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема