X
 25.09.2018 Наша тема

Сурова е преблаг збор за да се опише капиталистичката уметничка средина во Лондон, вели актерот Петар Милошевски

„Пасија по БИБИ“, која вечерва ќе биде изведена на МОТ, културниот водич „Тајм аут“ веќе ја смести во 10. најдобри претстави на Камден фринџ фестивал, а „Ивнинг стандард“ – во 13. најдобри


Досега ниедна негова претстава не помина незабележана. Актерот и режисер Петар Милошевски, кој десетина години твори во Лондон, провоцира со секој свој перформанс, не ги остава рамнодушни ниту публиката ниту критиката. Актерот од Битола, кој дипломирал на НАТФИЗ во Софија, целосно ги опремува своите претстави, од идеја до најмал детаљ. Вечерва во 22:30 часот во кино „Култура“ публиката на Млад отворен театар ќе може да ја види неговата последна „Пасија по БИБИ“, која најважниот културен водич во Лондон веќе ја смести во 10. најдобри претстави на Камден фринџ фестивал.

Секогаш ја избирам суптилноста

Со Милошевски разговараме за поривите за последното дело.
- Во сите мои соло-проекти се обидувам директно да навлезам во најдлабоките и интимни делови на темата што ја обработувам. Суптилноста е она што како алатка секогаш го користам за да можам општествено-политичките збиднувања кои ме интригираат да ги преточам погледнати низ призмата на ликовите и сижеата што ги креирам. Мојот најнов проект е навидум приказна која по претпоставка се случува сега или во најблиска иднина. Тоа е бајка за еден секс-робот. Премисата на претставата вели дека БИБИ е програмиран да знае и да учи работи за вас, да разговора за музика, филмови, книги, да кажува шеги, да ги цитира Шекспир и Чехов. И, се разбира, БИБИ ќе има секс со вас, кога и да посакате. Но, тоа е само површноста на темата - вели тој.

Петар Милошевски

Самата претстава оди многу подлабоко во истражување на, пред сѐ, оние сензационални промени што ние како цивилизација ги преживуваме со ризична брзина во последниве неколку години - разнишувањето на досега зацврстените светски политички контексти, еволуцијата на технологијата, нетрпението помеѓу разногласието, објаснува Милошевски.
- Сето тоа погледнато преку микрокосмосот на единката - кој/а сум јас, кој/а сакам да ме допре, кого сакам да допрам, да љубам, како да уживаме во интимата без да се плашиме од понижување, нашата, сѐ уште, недоразбрана сексуалност, постепениот распад на воспоставените родови улоги и вредности – вели Милошевски.

Во најдобрите 13 претстави според „Ивнинг стандард“


Актерот признава дека го радува фактот што неговите претстави предизвикуваат добри реакции и дека поттикнуваат дискусија.

- За мене, најголема награда е секогаш кога некој ќе ми пристапи и аналитично ќе ми ги сподели впечатоците. Претпоставувам дека тоа е најважното за секој уметник. Да знаеш дека се отворила дебата - така проектот продолжува да лебди некаде во воздухот. Според најтиражниот лондонски дневен весник „Ивнинг стандард“, претставата беше сместена во топ-13. Тоа е успех затоа што да бидете забележани барем на таков начин помеѓу стотици претстави, не е ни малку мала работа – нагласува Милошевски.

Во последните неколку години два соло-проекта на Петар биле изведени на МОТ – „Надеж“ и „The Beautiful“ и беа одлично примени од македонската публика.
- Имав можност да се претставам на неколку меѓународни театарски фестивали во изминативе години и имајќи предвид дека речиси 18 години не живеам во Македонија, сепак, на еден прилично фасцинантен начин, секогаш како да ми е најбитно како македонската публика ќе реагира на моја претстава. Тоа е нерационално и необјасниво. Но, претпоставувам дека во секој момент знам кои се моите почетоци и од каде потекнува мојот сензибилитет, секако, сега веќе проткаен со најразлични влијанија што поминале низ мене на личен и професионален план и тоа прави да се чувствувам богато – споделува актерот.


Приватизирано културно опкружување

На нашето прашање дали се согласува со нашиот впечаток дека Лондон е една многу посурова средина за егзистенција на еден уметник, за разлика од Македонија, на пример, каде што добар дел од актерите се вработени, Милошевски вели:

- Би рекол дека изразот „посурова средина“ е прилично мек, имајќи предвид што значи да се биде театарски, па и секаков друг вид уметник во Лондон. Она што како лично искуство можам да го споделам, како човек кој не само што сопствено уметнички ги креира своите проекти туку и ги продуцира заедно со сите технички параметри и пиар и маркетинг, овој пат со „Пасија по БИБИ“ беше малку потешко од кој било пат претходно. Едноставно, културниот пејзаж се менува постепено и фактот што во изминативе неколку години целата култура беше изложена на страшно строги буџетски кратења доведе до тоа сите платформи што беа шанса за претставување - фестивали, групни курирани проекти итн., да се во сѐ помал број или, пак, да примаат сѐ помалку проекти или пак примаат, но не прифаќаат никаков финансиски ризик – вели тој и додава дека сѐ паѓа врз грбот на уметникот, кој мора сам да ги обезбеди парите и некако потајно да се надева дека поголема продуцентска организација би го зела проектот да го продава.

- Сите ние знаеме дека живееме во речиси сосема дерегулирано и приватизирано културно опкружување и тоа е нормалното во ова општество и тие капиталистички начела се правилата по кои сите ние играме – признава тој.
Милошевски вели дека во главата постојано му се плеткаат идеи за нови проекти, но дека секогаш ги држи во строга тајност.
- Сакам да ја изненадувам публиката - не само со приказните што ги раскажувам, туку и со придружната визуализација која е исклучително битна во мојот вид театар.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема