Наставничката Џастин Гурола од Калифорнија добила отштета од околу 6,5 милиони евра од градот Витиер, откако претрпе тешки повреди по пад на нерамен тротоар.
Несреќата се случила во 2018 година, кога Гурола шетала по улицата Ел Ранчо Драјв, а ногата ѝ се заглавила во испуканиот дел од тротоарот. Таа паднала со лицето право на бетонот, при што си ги скршила зглобот, лактот и коската на носот, се здобила со изгребаници на коленото и длабока рана на усната.
Во болницата снимките откриле и крвавење во мозокот, а лекарите потврдиле дека несреќата предизвикала лесна трауматска повреда на мозокот што трajно ѝ го променила животот.
Според нејзините адвокати, градските власти со години ги игнорирале предупредувањата дека корењата на дрвјата ги подигаат тротоарите, сè додека не се случила несреќата. Дури тогаш бил воведен систем за редовни инспекции.
Минатата недела, поротата на округот Лос Анџелес го прогласи градот Витиер за одговорен за повредите што ги претрпела Гурола, утврдувајќи дека неодржувањето на јавните површини директно довело до инцидентот.
На наставничката ѝ била доделена отштета од 6,5 милиони евра, како надомест за години болка, високи медицински трошоци и трајните последици од повредите.
- Градот Витиер не ја исполни својата основна должност, да ги заштити граѓаните. Повеќе се грижеше за дрвјата отколку за луѓето - изјавил нејзиниот адвокат Ник Роули.
Иако се вратила на работа, таа повеќе не може да предава во училница, туку работи административни задачи.
- Седум години се долг пат за закрепнување, и физички и емотивен. Неодамна ја заврши втората операција на коленото и се надева дека со добиената отштета ќе може да си ги дозволи сите неопходни терапии и рехабилитации - изјавил адвокатот.
Извор:
Nezavisne.com
Фото: Freepik