Сања Саздовска, експерт по јавно здравје, е единствената Македонка на доусовршување на Факултетот за јавно здравје „Ролинс“ на Универзитетот „Емори“ во Атланта, Џорџија, САД. Таа е добитник на стипендијата „Хамфри Хуберт“ на Владата на САД во рамките на Програмата за лидерство и професионална припадност.
Инаку е државен советник во Министерството за здравство и насловен доцент на Технолошко-техничкиот факултет во Велес. Да замине на доедукација во САД одлучила заради личен напредок и поттикната од високата репутација на факултетот, кој е на трето место од високообразовни институции за јавно здравје во светот.
- Академската репутација на факултетот е поради уникатната и светски призната наставна програма за јавно здравје и можностите за истражување. Посветеноста на факултетот за справување со кризите во јавното здравје се усогласува со аспирациите што ги имав зацртано во моите цели за професионален развој. Акцентот на стипендијата на зајакнување на работната сила во јавното здравство во Џорџија го нагласува влијанието на факултетот врз локалните и меѓународните здравствени предизвици - вели Саздовска.
Прв ден на „Емори“
Признава дека нејзината лична мотивација била желбата со знаењето и вештините што ќе ги стекне во САД да придонесе за реформи во јавното здравство во Македонија.
-Како единствена Македонка која доаѓа со интрадисциплинарна едукација, горда сум што оваа доедукација од светските едукатори ќе влијае како додадена вредност на целокупното мое искуство и знаење. Овие предизвици поттикнуваат кај мене издржливост и уникатни перспективи во областа на јавното здравје, а со тоа и пишување нова историја за јавно здравје во Македонија - додава таа.
Единствена од Балканот што учествува во Програмата за лидерство и професионална припадност
Саздовска замина за САД во јуни 2024 година, а првите два месеца ги мина на Универзитетот во Канзас, на Програмата за академски англиски јазик, по што замина на Универзитетот „Емори“ во Атланта каде што ќе биде до крајот на јуни 2025 година, со можност за продолжување. Таа е дел од групата на 11 „Хамфри Хуберт“ стипендисти од целиот свет: Турција, Украина, Бурунди, Камерун, Колумбија, Индонезија, Пакистан, Кина, Мјанмар, Непал, и таа е единствена од Балканот. Ваквата интернационалност овозможува огромна размена на искуства, а Факултетот, според Саздовска, е центар на светот кога станува збор за јавното здравје.
Програмата за лидерство и професионална припадност овозможува подобрување на лидерските способности кај професионалците, особено во здравствениот сектор, вештини за снаоѓање во сложената организациска динамика и подобрување на состојбата на јавното здравје преку умешно лидерство и современи менаџерски техники. Програмата овозможува вмрежување на колеги и искусни лидери, поттикнување соработка и менторство.
Универзитет на Канзас
Образовните програми во странство овозможуваат практична примена на знаењата
-Компетенциите и знаењата стекнати за време на образовните програми во Македонија често се ограничени по обем во однос на меѓународните програми. Фокусирани се на основните вештини, кои во голема мера немаат практична примена и напредни компетенции неопходни за модерни образовни средини. Овој јаз го премостуваат меѓународните програми во странство кои обезбедуваат посеопфатен сет на вештини, подобар пристап до напредна техничка опрема и капацитети, подобрувајќи го искуственото учење. Наставната програма тука им овозможува на студентите да го применат теоретското знаење при предизвици од реалниот свет - вели Саздовска.
Презентација на македонската култура во Атланта
Таа е дипломиран професор по физичко образование, спорт и здравје, а беше наградена како најдобар студент на генерацијата од страна на Ректоратот на УКИМ. Но, како што раскажува, нејзиниот потенцијал не бил искористен на матичниот факултет од неколку причини, кои не сака да ги коментира, но вели дека и тогаш играла улога родовата припадност како клучна за позиционирање во академската фела и непотизмот. Нејзино мото е да учиме од лекциите од минатото и да се бориме за нестигматизација на жената на пазарот на трудот. Одлучила да студира физичко образование поради личната страст кон спортот, особено кошарката. Смета дека физичката активност овозможува унапредување на физичкото и менталното здравје кај луѓето, како и превенција од незаразни заболувања со кои се соочува светот денес. Па, логички и изборот на магистерската и на докторската теза ѝ бил од областа на здравството.
Говорник на форум во Вашингтон за превентивна заштита од ракот на дојка
Саздовска со години е голем поборник за заштита на женското здравје и женските права. На Годишниот октомвриски глобален лидерски форум, минатата година во Вашингтон, ја презентирала и промовирала „Иницијативата за подигање на свеста за ракот на дојка“, нагласувајќи ја важноста жените да ја преземат одговорноста за своето здравје преку самопреглед и правење мамографии.
Глобален лидерски форум
По повод месец на машко здравје
-Говорев пред 200 стипендисти и претставници од различни институции, како што се Таск Форс, Биро за образование на САД, Националниот институт за здравство во САД и други еминентни институции во САД. Побарав на секој глобален форум да се зборува за превенција од рак на дојка и документот преточен во инцијатива да биде појдовна основа за зголемување на свеста за превентивни прегледи. Раното откривање на ракот на дојката навистина може да спаси животи. Се надевам дека успеав да ги охрабрам и мажите да допрат до своите сопруги, сестри, мајки и баби за да ги мотивираат да направат превентивни прегледи - вели Саздовска.
Таа алармира дека во континуиран пораст е бројката на заболени од канцер. Според извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), 310 жени починале од рак на дојка во 2010 година. Дванаесет години подоцна, бројот се искачил на 356. Ова значи дека речиси секој ден во годината умирала по една жена од болест за која лекарите велат дека во голем процент се лекува ако се открие навреме. И бројот на новозаболените галопира во периодот 2017-2023 година. Во 2023 година најголем број од новозаболените што побарале помош на Клиниката за онкологија во Скопје имале канцер на дојка – вкупно 1.007 пациенти. Според ИЈЗ, кај жените најчеста причина за смрт од малигни неоплазми во периодот 2010-2023 година е малигната неоплазма на дојка.
Глобален лидерски форум
Младите да градат свој научен идентитет и да добијат поддршка за да останат во земјава
На амбициозните млади луѓе од Македонија кои сакаат да продолжат со науката Саздовска им порачува да изградат и да развиваат свој научен идентитет, да учествуваат во специјализирани програми како што се Фулбрајт, Хамфри Хуберт, Еразмус и да се вклучат во автентични теренски искуства. Младите научници треба да бараат можности за соработка со врсниците и менторите бидејќи тоа поттикнува заедница на поддршка и ги подобрува резултатите од учењето. Овие стратегии се корисни, но Саздовска вели дека е важно и да се признаат потенцијалните бариери со кои може да се соочат младите научници, како што се ограничените ресурси и институционална поддршка во Македонија.
Универзитетот на Канзас
- Решавањето на овие предизвици ќе биде клучно за нивниот успех во научната заедница и секако - предизвик да ги задржиме во Македонија и да бидат нашата иднина - заклучува таа.
Фото: приватна архива