X
 26.07.2018 Живот

Скопскиот земјотрес и Пикасо

Тоа петочно утро, на 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути “Меркали” нападна речиси со сета сила, со своите 9 степени! Обично ваквите најави претставуваат почеток на војна или некој друг вид катастрофа. Ова претставуваше катастрофа од 20 секунди, каде што почетокот го означуваше крајот. Сѐ се случи одеднаш, бучавата беше присутна низ улиците, се рушеше се наоколу. Многу луѓе останаа на улица, а уште потрагично, преку 1000 луѓе го загубија животот. Скопје беше тешко рането, во прав и урнатини. Веќе во текот на денот, по првите вести за трагедијата, цел свет беше на нозе. Помош почна да притигнува од сите страни, од запад и од исток.

Сепак, малку е познато дека целата таа катастрофа, допрела и до срцето на славниот Пикасо. Шпанскиот гениј, откритие на кубизмот, љубител на женскиот род, уметник познат по своите дела каде ги претставувал ужасните војни, тортурата врз Евреите и ослободување од Германците. “Герника”, “Госпоѓиците од авињон”, “Портрет на Гертруда Стеин” се само едни од делата во кои Пикасо пробувал да ја пробие славата на Матис (Анри Матис). Меѓутоа она што е интересно е дека по филмот Скопје ’63, соживеан од скопската трагедија, Пикасо го создава своето вредно и уникатно уметничко дело “Глава на жена”, кое го подарува на градот Скопје во знак на поддршка и сеќавање. Можеби загубата на неговата сестра или пак на неговиот најдобар пријател биле поттик Пикасо со ова дело да даде свој скромен придонес за „разурнатиот град“. Пикасо најдобро знае како е да се изгуби она што се сака, а скопјани го сакаа Скопје.


“Глава на жена” е дело кое е настанато во едно од неговите последни ателјеа. Сликата е дел од серијата женски портрети, негов веќе добро познат и омилен мотив од 1932 година, во кое се проследени кубистички форми, карактеристични за неговото зрело творештво. Сликата е портрет на втората жена на Пикасо, Жаклина, и е насликана во 1963 година. Иако градот Скопје ја поседува уште од 1963-та година, таа никогаш не видела дневна светлина. Пикасо, трогнат од трагичниот земјотрес кој го погоди македонскиот главен град, ни подари една од своите најценети слики. Повеќето Македонци се сосема несвесни дека поседуваме оригинална слика на Пикасо. Ниту се свесни дека истата слика била украдена во 1971 година, што ја направи уште пославна. Интензивната истрага за ремек-делото резултираше со успешно апсење во Франкфурт (Германија) каде Интерпол ги фати крадците и сликата беше вратена во Скопје. Музејот на современа уметност сега е главен центар на делото од Пикасо.

Секој 26-ти јули, се потсетуваме на катастрофалниот Скопски земјотрес, но речиси никој не знае дека Пикасо на Скопје му има подарено ремек-дело кое многу ретко може да се види, а чија вредност се проценува на десетици милиони евра.

Моника Блажеска / iGeo
Подготвил: Моника Блажеска / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот