X
 26.09.2020 Наша тема

Ново откритие на тимот на д-р Мирко Трајковски во Женева: Појаки коски благодарение на топлината и цревните бактерии

Научниците од Универзитетот во Женева открија дека топлината ги зајакнува коските, при што клучна улога има цревната микробиота. Тоа придонесува за иновативни перспективи во третманот на остеопорозата – ова е еден од заклучоците до кои стигна тимот во кој учествуваше и д-р Мирко Трајковски, истакнат научник и професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Женева, Швајцарија.

Остеопорозата е коскено заболување поврзано со стареењето, кое се карактеризира со губење на густината на коските, микроархитектонско влошување на коските и зголемен ризик од скршеници (фрактури).

Приближно една третина од женската популација во постменопауза е погодена од ова заболување, што го намалува квалитетот на живот и е голем проблем во јавното здравство. Преку епидемиолошки анализи, лабораториски експерименти и најсовремени метагеномски и метаболомички анализи истражувачкиот тим под раководство на д-р Трајковски откри дека изложеноста на топла температура (34°C) ја зголемува коскената сила, истовремено спречувајќи губење на коскената густина типично за остеопорозата.

Што откри во Женева македонскиот научник Мирко Трајковски во врска со слабеењето    

Научниците открија дека топлината води кон менување на составот на цревната микрофлора, како и дека корисните ефекти на топлината врз коските можат да се реплицираат со трансплантација на микробиотата од донори кои живеат во потопла средина на глувци реципиенти што страдаат од остеопороза. По трансплантацијата, коските на реципиентите стануваат поцврсти и погусти. Благодарение на најсовремените методи развиени во нивната лабораторија, научниците успеаја да го разберат начинот на кој микробиотата ги зајакнува коските.

Д-р Мирко Трајковски

- Имено, топлината води до зголемување на синтезата, како и намалување на деградацијата на група метаболити наречени полиамини (како што се сперминот, спермидинот итн.) - молекули кои се важни за здраво стареење, вклучително и за здравјето на коските. Тие ја зголемуваат активноста на остеобластите (клетките што градат коски) и го редуцираат бројот на остеокластите (клетки што ги деградираат коските). Со стареењето и менопаузата, рамнотежата меѓу остеокластите и остеобластите е нарушена. Топлината преку полиамините, за кои тимот откри дека се делумно регулирани од микробиотата, придонесува за рамнотежа помеѓу овие две клеточни групи. Овие резултати, објавени во едно од најпрестижните светски научни списанија Cell Metabolism, сугерираат ефективни и иновативни интервенции за превенција и третман на остеопорозата - стои во објаснувањето на д-р Трајковски.

Интервју со Мирко Трајковски, професор и научник во Женева: Откритието е неверојатно доживување  

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема