Можеби мислите дека некој што сака хорор-филмови е чудна и мистериозна личност, но тоа не мора да биде така. Се разбира, од друга страна, има и такви што ги мразат и се плашат од нив и не сакаат да ги гледаат. Што кажува тоа за нас? Какви сме ако сакаме да гледаме хорор-филмови, а какви сме ако ги мразиме?
Гледањето хорор-филмови го стимулира инстинктивниот, исконски инстинкт за преживување, познат и како „борба или бегство“, кој се јавува како активирач во ситуации кога чувствуваме страв. Ако, на пример, замислите дека сте во опседната куќа, ќе почувствувате страв, но истовремено знаете дека сте безбедни бидејќи тоа не е реална ситуација. Но, иако ќе почувствувате вистински страв, вашето тело нема да лачи хормон на стрес, туку хормон на среќата, познат и како допамин.
Зошто би уживале во ова? Што кажува за нас тоа дали сакаме или мразиме хорор-филмови?
Секоја личност и ситуација се различни, но како клинички психолог, имам неколку размислувања за потенцијалните причини зошто некои од нас сакаат хорор-филмови.
1. Ни го привлекуваат вниманието
Хорор-филмовите можат да ни го привлечат вниманието. Во нив го гледаме она што не го гледаме секој ден и на тој начин сме воодушевени од она што го гледаме, па нè интересира секоја сцена што ќе се случи. Страшна книга или филм ни овозможуваат да се изгубиме во нив.
За тие неколку часа доживуваме наплив на ментален и физички фокус што ни го дава мајката природа за еден ден да се справиме со вистинските закани. Бидејќи таквите филмови го окупираат нашето внимание, во тој момент се одмараме од секојдневните грижи што инаку нè јадат на дневно ниво.
Од друга страна, ако премногу „уживаме“ во филмот и почнеме премногу да размислуваме за застрашувачки сцени во реалниот живот, може да се појави страв од тоа - на пример, страв од провала, страв од темнината, страв да се биде сам дома и слични ситуации.
2. Нè возбудуваат
Страшните филмови ја засилуваат нашата возбуда, па срцето почнува да чука побрзо, што всушност нѐ подготвува за сексуална возбуда. Всушност, невролошките кола кои нè тераат да трепериме и да се потиме од страв се преклопуваат со невролошките и телесни кола кои се активираат кога трепериме и се потиме од сексуална возбуда.
Веројатно затоа хорор-филмовите често се популарен избор за излегување со партнерот, нѐ подготвуваат за сексуална возбуда.
Знаеме дека врските што ги создаваме кога сме „под стрес“ можат да бидат посилни од другите. Затоа, ако поминувате време со пријателите кога правите нешто возбудливо или дури и страшно, тоа создава побогати и поинтензивни спомени.
Фото: Freepik
3. Луѓето што сакаат хорор-филмови различно реагираат на стресот и почесто бараат поголема возбуда
Поединците што уживаат во гледањето хорор-филмови го избираат тој жанр затоа што нивното тело бара возбуда. Кога гледате страшни филмови, срцето чука побрзо, а има потреба од проширување на количината на енергија во телото.
Некои луѓе имаат позитивни искуства поради таа енергија што прави да се чувствуваат живи, како по интензивни часови на јога и слични активности.
4. Емпатија и сочувство кон ликовите со кои се идентификуваме
Теоријата на диспозиција објаснува дека по првите сцени на гледање на ликовите на екранот, многу брзо донесуваме морални судови за тоа „кој е добар човек“ и „кој е негативец“. Јасно ни е дека на ликовите што се вреднуваат како позитивни ќе почнат да им се случуваат неволји, а со тоа ќе се создаде сочувство кон нив, емпатија и идентификација. На овој начин ние сме како „морални набљудувачи“ во текот на филмот, проценувајќи дали фактите се добри или лоши и дали им се случуваат на добри или лоши луѓе, создавајќи ги оние што се нарекуваат афективни диспозиции.
Запомнете, секоја личност и поединечна ситуација се различни и ние се менуваме со текот на времето. Реакциите на страв се засноваат и на нашата лична историја. Личноста што доживеала некаква траума ќе има „пократок фитиљ“ и веројатно нема да може да ужива во хорор-филмовите. Барем не до тој степен како некој што немал такви искуства. На таа личност ќе ѝ треба многу помал стимул за да ѝ предизвика непожелно искуство на страв.
Некои луѓе лесно ќе се препуштат на чувството дека она што го гледаат во хорор-филмовите едноставно изгледа страшно и нема да можат да го контролираат тоа чувство или да имаат способност да ја рационализираат уочената опасност што не е реална. Истата сцена од
хорор-филм една личност може да ја сфати како многу страшна, а друга како досадна или смешна.
Автор: Клои Кармајкл, клинички психолог
Фото: Freepik