Кинеските научници тврдат дека откриле „неисцрпен“ извор на енергија што би можел да ја снабдува земјата најмалку 60.000 години. Станува збор за огромни количини на ториум, радиоактивен елемент кој би можел да се користи за создавање нуклеарна електрана на растопена сол - технологија што произведува огромни количества енергија без ризик од експлозија.
Според истражувањата, рударскиот комплекс „Бајан Обо“ во Внатрешна Монголија содржи доволно ториум за да ги задоволи енергетските потреби на Кина во исклучително долг временски период. Врз основа на ова откритие, Кина ги забрза плановите за изградба на својата прва нуклеарна централа со ториум, која треба да започне со работа до 2029 година. Централата ќе биде лоцирана во пустината Гоби, а нејзината главна цел е постигнување енергетска независност.
Ториумот (Th) се наоѓа на 90. место во Периодниот систем на елементите. Откриен е во 1828 година од шведскиот хемичар Берцелиус и го добил своето име по нордискиот бог Тор. Овој елемент е многу почест во природата од ураниумот и може да произведе до 200 пати повеќе енергија.
Користењето ториум во реактори со растопена сол значително го намалува загадувањето и ја елиминира можноста за нуклеарни експлозии. Научниците проценуваат дека ако „Бајан Обо“ се искористи целосно, рудникот би можел да произведе до еден милион тони ториум – доволно за да се задоволат светските енергетски потреби во наредните векови.
Еден тон ториум произведува исто количество енергија како 200 тони ураниум, што значи помалку радиоактивен отпад. Додека отпадот од класичните нуклеарни реактори останува опасен најмалку 10.000 години, отпадот од ториумовите реактори е токсичен само 300 години. Покрај тоа, овие реактори можат да го користат отпадот од ураниумските реактори како гориво, дополнително намалувајќи го нуклеарниот отпад.
Најголемата предност на ториумот е неговата безбедност. Реакторите со растопена сол се дизајнирани така што автоматски се гасат доколку дојде до неконтролирано зголемување на температурата. Тие работат на ниски притисоци и не создаваат пареа, што го елиминира ризикот од експлозија.
Вечна трка за нуклеарна доминација
Според анализите, ториумот во рударскиот отпад во Кина досега бил целосно неискористен, но ако се извлече на правилен начин, неговите резерви би можеле да ѝ стават крај на глобалната зависност од фосилни горива. Истражувачите проценуваат дека само петгодишниот рударски отпад од наоѓалиштата на железна руда во Внатрешна Монголија содржи доволно ториум за да ги покрие енергетските потреби на САД во следните 1.000 години.
Ова откритие доаѓа во време кога Кина, Русија и САД се натпреваруваат за развој на нуклеарни технологии и доминација во енергетскиот сектор. Меѓутоа, Кина можеби веќе стекна предност со откривањето сопствен „извор на бесконечна енергија“, што ѝ дава шанса прва да изгради ваква електрана и да го предводи новиот бран на нуклеарна енергија.