Коронавирусот или Ковид 19 ги промени нашите животи, ни внесе страв и неизвесност, а за голем број лица и финансиски тешкотии. Но не сме сами, се имаме едни со други. Имајте предвид дека оваа кризна состојба ќе трае одредено време. Доколку забележите какви било психички или физички симптоми, реагирајте! Не оставајте да помине долго време.
Како начин на комуницирање внатре во семејството, на работното место, на социјалните мрежи сега е време за отворена комуникација, меѓусебно почитување, сочувствување и кооперација додека компетитивноста и конфронтацијата треба да се сведат на минимум. Со цел да располагаме со максимум од нашите капацитети и да не ја губиме непотребно менталната енергија, сега е време за мир и толеранција.
Мирјана Цветковиќ, лиценциран психолог
Кои чувства и какви лични проблеми може да се појават, како се манифестираат, кои се причините за загриженост
Не секогаш знаеме како да постапиме кога на врата имаме непоканет гостин. Коронавирусот го измени нашето живеење, па така може да чувствувате тага, лутина, необјаснив страв, вознемиреност, чувство на немоќ, неизвесност, неспокој, дисфункционалност, отсуство на желба да се прави што било, но и да манифестирате психосоматски (телесни) тегоби: срцебиење, задушување, воздишнување, грутка во грлото. Доколку ве попречуваат во секојдневното функционирање, а притоа не успевате да се справите со нив, побарајте помош од вашите блиски или од стручни лица. Не одложувајте. Водете сметка за менталното здравје, тоа нема цена. Ова особено го апелирам до бремените жени, хроничните и акутните болни, лицата со компромитиран имунитет. Постои опасност овие состојби и процеси да се засилат и влошат поради притисокот од самата затвореност во нашиот дом во периодот на изолација.
Неколку совети што може да ви бидат од корист:
- Звучи контрадикторно, но помислете на оваа ситуација како на предизвик, а не како на проблем. Сега имате можност да се запознаете поблиску со вашите недостатоци, па ова е можност да почнете структурно да ги поправите. Секогаш водете се од вашите потенцијали, а не од негативните карактеристики.
- Присетете се на минатото, во периодот кога сте биле безгрижни и успешни, кои ви биле јаки страни? Како тие може да ви помогнат во оваа ситуација?
- Запишете на листови пароли и мотивациски пораки и поставете ги на видни места во вашето живеалиште.
- Бидете физички активни, значително се намалува стресот по вежбање или џогирање.
Промената на навиките или процесот на ослободување од негативните чувства некогаш може да личи на загорен сад. При отстранување на нечистотијата на почетокот е одвратно, но на крај садот ќе блесне! Верувајте во себе.
Ослободете се и не двоумете се да побарате психолошка помош кога ќе процените дека ви е потребно.
Како да се издржи во изолација кога навираат негативни чувства
Неколку совети што може да ви бидат од корист:
- Прво треба да го прифатиме фактот дека не е лесно да се биде во изолација.
- Излезете на балкон, во двор, застанете на прозорец, загледајте се во далечина и земете длабок здив. Доколку врне, затворете ги очите, слушајте го шумот на капките во беспрекорната тишина. За миг замислете си дека сте на некое омилено место кое вообичаено ве релаксира.
- Доколку е можно, повлечете се во едно катче во домот барем за миг, пуштете си ја омилената музика од минатото, од периодот кога сте уживале или сте биле неизмерно среќни.
- Изразувајте ги емоциите, иако се негативни. Објаснете им на вашите деца како се чувствувате, но и дека тие не се причината за вашата состојба бидејќи децата може тоа да го доживеат лично.
Промени во деловниот живот
Нашиот работен потенцијал е променет поради досега споменатите причини. На работното место концентрацијата и вниманието се намалени, а може да е присутна и расеаност поради умор и хронична загриженост. Се зголемува веројатноста да се прават грешки при работењето. Организирањето на работата е отежнато бидејќи наш приоритет ни е да се заштитиме придржувајќи се кон мерките за заштита, а сето тоа ги намалува и продуктивноста и работниот перформанс. Оние што работат од дома се двојно оптоварени, од една страна со грижа и нега на децата, а од друга со обврските и комуникацијата со оние што се на работното место. Мотивацијата е на незавидно ниво и опаднато е и задоволството при работењето.
Психолошкиот аспект на солидарноста
Радува фактот што секојдневно може да се забележи дека поединци или здружени граѓани преку социјалните мрежи несебично им изразуваат благодарност и ги поддржуваат првите „борбени редови“. Донациите на материјални добра и парични средства придонесуваат за поголема успешност и истрајност, и иако имаат матерејална вредност, имаат и психолошка димензија - пораката е дека не сте сами, здружени сме, посилни сме, ве разбираме, тука сме за вас.
Од психолошка гледна точка, поддршката и на социјалните мрежи сега е потребна повеќе од кога и да е. Критиката, кога би била искажана, освен што треба да е основана, треба да биде и изразена на пријателски и сочувствителен начин. Сосема е разбирливо што поединци, поради револтот кон оваа непогода, реагираат со ирационално негодување или напаѓање, но тоа тоа се само нашите одбранбени механизми. Личноста на човекот е комплексна и обидувајќи се во оваа несекојдневна ситуација да најде излез или логичко решение, реагира на еден или на друг начин. Па се развиваат дискусии, препирања, поддржувања.
Коментирањето по социјалните групи за поединци придонесува за емоционално растоварување на некој начин.
Треба да имаме на ум дека за да го зачуваме нашето ментално здравје, треба да се адаптираме на променетите услови за живот. Разбирливо е дека сите имаме внатрешен отпор кон промената зашто сме конформирани во навиките и секојдневната рутина, но кога не можеме да одиме против ветрот, неопходно е да ги приспособиме едрата.
Пишува: Мирјана Цветковиќ, лиценциран психолог