X
 28.08.2022 Наша тема

„Не размислувај кој вид музика ќе ти донесе слава и публицитет, туку уживај во процесот на создавање уметност“, вели младиот пејач Марко од колективот на „Visionary records“

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

Пред околу 2 години шест млади артисти од Скопје го започнаа своето музичко патување. Станува збор за продукцијата „ Visionary records“, која ја сочинуваат Марко Зафировски (Marz), Васил Панчовски (Funky), Стефан Дуковски (Gqmbit), Лука Николовски (Jiggy), Магдалена Митевска (Meggy) и Никола Ивановски (Hyper).

Марко Зафировски – Marz, како член на ВР, ни ја претстави нивната работа.

- Јас сум Марко Зафировски, уметничко име Marz и сум дел од колективот на Visionary Records. Ние сме екипа од 6 млади артисти и уметнички души од Скопје кои сакаат да создадат нешто ново на музичката сцена. Сите годинава полниме 20 години, со исклучок на Стефан (Gqmbit), кој ќе полни 18. Главните жанрови кон кои се ориентираме се рап и модерен хип-хоп, но секогаш сме отворени за експериментирање со други жанрови и не сакаме да се ограничуваме само во една категорија.

Тие создаваат музика претежно во рап и хип-хоп стил, зад себе имаат околу 40 песни, а на сцената се околу 2 години.

- Создаваме исклучиво авторска музика. Како колектив имаме околу 40 песни во овој период од речиси 2 години. Секој од рап-артистите во групата има издадено свој уметнички проект - Јас со „Ноќен Спектар”, Funky со „Дел Од Моите Мисли”, Gqmbit со „Дијагноза” и Jiggy со „Само апстрактни мемории“. До крајот на оваа година чекаме да ги издадеме нашите нови проекти, мојот втор албум „Чекор“ и колективниот албум на Funky и Gqmbit - „1963“, а во текот на следната година ќе слушнете и нешто ново од нашата пејачка Meggy - вели Марко.


Фото: _devils_springs_vodka

Колективот на ВР веќе ги освојува симпатиите на публиката и станува препознатлив по својата енергија на настапите. Ги прашавме колку настапи имале досега и кој најмногу им останал во сеќавање.

- Секој наш настап ни е значаен и драг, но кога би морале да го издвоиме оној што најмногу ни останал во сеќавањето, тоа би бил настапот во Младински културен центар за „April Fool’s Shake“. Благодарение на екипата на „Sureshotz“, имавме можност да настапиме пред приближно 1.000 луѓе во „Dancing Hall“ салата. Целата атмосфера и организација беше одлична и адреналинот што тогаш го чувствуваме е тешко споредлив. Други настапи што би ги издвоиле би биле настапот што го имавме во мај во „Beertija“ и нашиот последен настап во „Public Room“. Љубовта и поддршката од публиката таму ни помогнаа да бидеме свои и да се чувствуваме како да сме на домашен терен - изјави членот на „Visionary records“.


Фото: stefan.rajhl

Колективот на „Visionary records“ се води по своето име – визија. Групата визионери со креативна музичка цел се трудат да ја освојат македонската публика, а и странската, пеејќи и рапувајќи за теми кои ги засегаат младите и генерално се за општествените проблеми.


- Нашиот мотив е во нашето име. Одбравме да се нарекуваме Visionary Records поради нашата замисла и креативна идеја во процесот на создавање музика. Имаме голема визија и амбиција за нашата иднина, а и за начинот на кој ќе помогнеме да се оформи новиот звук на македонската музика. Се стремиме кон многу високи цели и мислам дека нудиме по нешто за секој слушател. Многу често опфаќаме теми кои ги прикажуваат психолошките и општествените проблеми во светот, а особено кај младината. Сите имаме различен стил на музика, но принципите и целите ни се исти. Кога би требало со три збора да ја опишам нашата музика, тоа би биле: искрена, иновативна и квалитетна. Неофицијалното мото што го користиме е “VR the future” - вели Марко.

На македонската музичка сцена се појавуваат нови артисти кои на публиката најчесто ѝ нудат рап или хип-хоп музика. Го прашавме Марко дали е тешко да се пробијат на таа сцена и дали нашата држава нуди доволно можности за младите музичари.


Фото: lukakrstik

- Мислам дека тоа е двострана ситуација. Треба и самите млади да вложат доволно за да ги добијат тие можности. Не е лесно да се започне како млад музичар поради тоа што е потребно жртвување. Самиот почеток е најтежок, од финансиски, до добивање публицитет. Многу луѓе се откажуваат поради таа причина. Но, поради тоа што ние не прекинавме, запознавме луѓе од музичката сцена кои многу ни имаат помогнато во нашето растење како музичари. Имаме голема почит и кон младинските организации што се нудат да им помогнат на млади уметници со разни културни и уметнички настани, а и кон медиумите што ги следат тие млади таленти и им даваат можности - вели тој.

За крај, побаравме совет – што е клучно за младите да се истакнат на музичката сцена, на што Марко одговори:

- Според нас, поддршката што можат да ја понудат поголемите организации и веќе истакнатите и успешни уметници е многу битна. Тие што веќе се до ниво на авторитет имаат можност премногу да помогнат доколку имаат интерес во тоа што го создава новата генерација. Повеќе културни настани и луѓе што се залагаат да дознаваат нови таленти се битни за сите нас. И ние како колектив секогаш се нудиме да им помогнеме на новите артисти што сакаат да го пронајдат патот во музиката. Како додаток на тоа, соработката помеѓу музичарите е најпотребна и може да создаде чуда. Затоа, стапувајте во контакт со тие артисти што ви се допаѓаат и на кои се угледувате, може да добиете шанса за нови успеси и пријателства. Како главен совет до други млади што сакаат да успеат во ова, би издвоиле дека најбитно е да ја создаваш музиката што ја сакаш и ја имаш замислено. Не размислувај кој вид музика ќе ти донесе слава и публицитет, туку уживај во процесот на самата уметност. А другото ќе си дојде само по себе - вели Марко.


Фото: _notserif

Профилот на „ Visionary Records “ на Инстаграм

„Ноќен спектар“




„Дел од моите мисли“




Фото: приватна архива

Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема