X
 29.01.2024 Наука

Бебе со првото делумно трансплантирано срце дава надеж за поинаков пристап во лекувањето срцева аномалија

Првото бебе што имало делумна трансплантација на срце има надеж да се спаси од постојани операции на срцето бидејќи вметнатото ткиво расте во него - резултат кој никогаш порано не е виден кај луѓе.

Хирурзите испишаа историја во 2022 година кога ги зашија залистоците и крвните садови земени од дете-донор на срцето на примателот Овен Монро, кога тој имаше само 18 дена.

Оваа техника на спасување на срцевите ткива и користење само на ткиво од жив донор за замена на фаличните делови не беше испробан претходно. Водечкиот хирург Џозеф Турек од Универзитетот „Дјук“ претходно ја имал изведено процедурата само кај пет прасиња.

Сега, по повеќе од една година, срцето на Овен пораснало од големина на јагода до големина на кајсија, а донираното ткиво сраснало со него. Функцијата на срцето е одлична и според истражувачите, тој се развива како нормално едногодишно дете - си игра, лази и стои.

Родителите Ник и Тајлер се согласиле на операцијата откако дознале дека нивното дете има сериозна срцева аномалија позната како артериски трункус, каде што каналот кој излегува од срцето не се дели при развојот, спојувајќи два големи крвни сада на начин на кој бебето има отежнато дишење. Оваа состојба погодува околу 250 бебиња годишно во САД. Обично на бебињата со ваква состојба им се прави целосна трансплантација на срце или се третираат со замрзнато ткиво од срца на починати лица.

Срцата од донорите растат во децата, но често со текот на времето стануваат нефункционални. Како резултат на тоа, околу половина од децата на кои им се трансплантира срце умираат до 20-годишна возраст. За да се спречи отфрлање на трансплантираните срца од страна на имунолошкиот систем, пациентите мора да пијат лекови кои го потиснуваат имунолошкиот систем, што често го спречува телото да се бори не само против ткивото, туку и против инфекции и рак.

Телото има тенденција да го отфрли срцевиот мускул од донорот, а не залистоците и крвните садови. Со оглед на тоа што Овен добил само делумна трансплантација на залистоци и крвни садови, за него била потребна само половина доза од лековите за потиснување на имунолошкиот систем.

Бебињата што добиваат замрзнати ткива од починати лица треба да одат на операции на неколку години за да се заменат трансплантите што ги надраснале. Како резултат на овие ризични операции, тој третман носи ризик од смрт од 50 отсто додека сѐ уште се деца.



Извор и фотографија: Science Alert
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука