X
 12.11.2020 Образование

Кон првата студентска конференција на УКЛО: Искуствата на студентите

Оваа година Техничкиот факултет - Битола и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ се вклучија во одбележувањето на Светскиот ден на науката со организација на првата студентска конференција:  „Техниката и урбаниот развој - ТУР“.

Имено, денес, кога енергетската ефикасност, сообраќајот и глобалните климатски промени се основни светски предизвици и ако на тоа ги додадеме порастот на бројот на население и урбанизацијата, како и оваа светска здравствена криза, се јавува нужно да ги анализираме врската, влијанието и придобивките од она што науката и иновативните решенија од областа на техничките науки можат да го понудат како одговор на предизвиците.

Оттука и основната идеја за првата студентска конференција дојде како потреба за размена на идеи помеѓу студентите, помеѓу студентите и нивните професори и помеѓу студентите и стопанствениците за влијанието на науката и техниката на решавањето на актуелните енергетски, сообраќајни и проблеми со одржливиот развој на градовите и регионите.

Главна цел на конференцијата е подигнување на степенот на научноистражувачка работа кај студентите, подигнување на нивната свест за глобалните промени и потреби, а со создавање способност за анализа, синтеза, извлекување сознанија за одредена проблематика да се влијае и врз професионалниот и врз личниот развој на студентите, и да се стекнат со искуство за донесување соодветни решенија како идни инженери.

Вклучувањето на студентите во сите наставни и воннаставни активности e од исклучителна важност, а најмногу во продлабочување на нивните знаења со истражување и анализа на теренски прибрани податоци.

Затоа и формирањето на студентската сообраќајна единица (кон крајот на септември годинава), потоа активностите со факултетското студентско собрание, како и организацијата на оваа прва студентска конференција се наш обид „теренот да го донесеме во лабораторија, а науката да ја изнесеме на терен“.

На претходното се темели и големата важност на првата студентска конференција која како интерфакултетска со едукативен и апликативен карактер овозможува студентите да ги продлабочат своите знаења во областите од нивниот интерес (сообраќај, транспорт, машинство и електротехника), а од аспект на одржливиот урбан развој.

Заедно со студентите од факултетското студентско собрание на Технички факултет - Битола треба да бидеме и сме задоволни од она што го постигнавме и на научен и на организациски план. Да се создаде еден студентски труд со ваков квалитет во еден толку краток период бара големи и интелектуални и организациски напори и затоа сум мошне горда на нашите студенти и многу им благодарам!

1

Ќе кажам дека имавме идеја, која во многу краток период ја претворивме во реализација на еден голем академски настан и имаме исклучително квалитетни студентски трудови изработени како пишан труд, презентација и постер (А1) презентација.

Многу размислувавме и за начинот на мотивација на студентите, па со поддршка на нашите пријатели и колеги, а поранешни студенти на Технички факултет - Битола и УКЛО, одлучивме да ги наградиме најдобрите. Така, најдобрите три труда согласно оцените на рецензентската комисија се наградени со парични награди во висина од 2000.оо денари – награда од страна на Здружението на сообраќајни инженери на Македонија-ЗСИМ, вториот најдобар студентски труд е награден со 3000.оо денари од Авто школа „Јоле“ од Охрид и со парична награда од 5000,оо денари, СН Осигурителен брокер АД Битола го награди најдобриот студентски труд.  И наградените и сите останати трудови, со одредено дополнување, доработка и подобрување ќе добијат шанса да се претстават на третата интернационална конференција „Транспортот во денешното општество“ во октомври 2021 година. Во овој момент имаме само една единствена цел, а тоа се перспективите на конференцијата од факултетска да прерасне во универзитетска конференција и да ни стане традиција! - рече вонр. проф. д-р  Јасмина Буневска Талевска.

За оваа значајна студентска посветеност кон науката, ги бележиме и импресиите на студентите:

- Јас сум Билјана Велјановска, студент во четврта година на ТФ, Битола. Од самиот почеток на моите студии член сум на Факултетското студентско собрание, што како тело постои во рамките на факултетот. Тука студентите може слободно да ги искажат и реализираат своите идеи. Со постојана поддршка од страна на ФСС студентите реализираат различни активности. Сега  ФСС ги поддржа студентите од Сообраќајната студентска единица под раководство на проф. д-р Јасмина Буневска Талевска во реализација на конференцијата насловена „Технологијата и урбаниот развој“.

- Јас сум Николче Николовски, студент на Техничкиот факултет во Битола на отсекот сообраќајно транспортно инженерство и член на Факултетското студентско собрание - ФСС, но исто така и член на студентската сообраќајна единица. Мојата тема е „Проверка на влијанието на уличниот дизајн врз безбедноста во сообраќајот“.

Во темата се работи за зголемување на безбедноста со предлог мерки и препораки кои позитивно би влијаеле врз безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Еден од најзначајните проблеми што влијае насекаде во сообраќајот е движење на возилата со брзина поголема од дозволената. Токму тој проблем кој се јавува во сообраќајот нè поттикна да работиме на оваа тема заедно со моите колеги, со цел намалување на проблемите, но исто така и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Според мене, тоа би се овозможило со употреба на предлог мерките и препораките во темата. Сакам во оваа пригода да му се заблагодарам на мојот ментор проф. д-р Јасмина Буневска Талевска со тоа што направи голем придонес кон создавање на ова истражување.

- Јас сум Виктор Иваноски, студент на Техничкиот факултет во Битола, на машинскиот отсек. Мојата тема е „Употреба на композитни материјали во автомобилската индустрија“. Композитните материјали може да се каже дека се материјали на иднината поради нивните супериорни карактеристики наспрема металите. Овие материјали ја намалуваат масата на возилото, а со тоа автомобилите користат помалку гориво. Безбедноста во сообраќајот и долготрајноста на возилата се многу битни работи во нашата држава, а јас со ова истражување се потрудив да најдам решение за сите три работи погоре. Тоа е возможно само преку почеста употреба на композитните материјали во автомобилската индустрија. Нивната мала маса го решава еколошкиот проблем, нивната извонредна цврстина го решава безбедносниот проблем и за крај нивната некорозивност го решава проблемот на долготрајноста.

Сакам да му се заблагодарам на деканот Стојанче Нусев, кој беше мој ментор и направи голем придонес кон создавање на ова истражување.

- Многу ми е мило што бев дел од оваа Конференција, која имаше цел да покаже во кој правец би требало да се развива техниката за обезбедување здрава животна средина. Со оглед на тоа што оваа тема моментално е доста актуелна, беше интересно да се слушне размислувањето на останатите учесници. Воедно, би сакала да им се заблагодарам на нашите ментори кои нè поддржаа и ни помогнаа во изработката на нашиот труд - вели Александра Киревска, која се претстави со проектот: „Проектирање и експлоатација на брзи полначи за електрични автомобили во градско подрачје - Битола“.

Инаку, УКЛО активно се вклучи во одбележување на 10 Ноември – Светскиoт ден на науката и, по тој повод, Kомисијата за наука и меѓународна соработка одржа онлајн-седница на која се нотирани достигнувања на академски кадри меѓу две одбележувања, со што Универзитетот ја  промовира и афирмира науката и научните достигнувања како еден од приоритетите во своето работење и дејствување.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование