X
 31.08.2022 Живот

Во недопрената арктичка природа се крие градот со најчист воздух во светот

Олесунд е мало норвешко гратче во кое во зима живеат 45 жители, а во текот на летото оваа бројка се искачува на 150. Станува збор за најсеверната постојана населба во светот, на околу 1.231 километар од Северниот Пол.

Со планина што се издига од едната страна и фјорд од другата, станува збор за место што го одзема здивот. Можеби е едно од најдобрите места на планетата за дишење - лоцирано далеку од главните извори на загадување во речиси недопрена арктичка средина, воздухот овде е меѓу најчистите во светот.

Жителите на градот се претежно научници кои доаѓаат овде токму поради оваа причина. Истражувачката станица била изградена во 1989 година на падините на Цепелинфјелет на надморска височина од 472 метри за да им помогне на истражувачите да го следат атмосферското загадување. Неодамна, опсерваторијата „Цепелин“ стана клучна локација за мерење на нивоата на стакленички гасови кои ги поттикнуваат климатските промени. Но, постојат знаци дека квалитетот на воздухот и тука може да се промени. Атмосферските струи повремено носат воздух од Европа и Северна Америка во овој дел на Свалбард, што носи загадување од тие региони.

- Опсерваторијата Цепелин се наоѓа во оддалечена и недопрена средина, далеку од главните извори на загадување. Ако можете да измерите нешто овде, знаете дека веќе има глобална дистрибуција. Ова е добра локација за проучување на променливата атмосфера - вели Ове Хермансен, постар научник во опсерваторијата „Цепелин“ и Норвешкиот институт за истражување на воздухот.

1
Фото: Anna Filipova

Истражувањето на Олесунд е клучен дел од меѓународните напори за мапирање на влијанието на човештвото врз атмосферата.

Пет дена во неделата, вработен во норвешкиот поларен институт се качува на жичницата до опсерваторијата, зема примероци од воздух и менува филтри на опремата. Поради својата локација и надморска височина над атмосферските слоеви кои можат да го заробат она малку загадување што се произведува локално од градот, опсерваторијата Цепелин е идеално место за да се изгради слика за она што се случува во атмосферата на Земјата.

Опсерваторијата Цепелин може да обезбеди рано предупредување за промените што се случуваат во атмосферата. Нивоата на метан во воздухот околу Цепелин, на пример, се зголемуваат од 2005 година и достигнаа рекордни нивоа во 2019 година.

Десет дена по несреќата во нуклеарната централа Фукушима во 2011 година, радионуклиди - произведени во реакторот за фисија на централата - беа откриени во атмосфератa. Откриено е дека овие радиоактивни честички се транспортираат илјадници километри низ атмосферата за само неколку дена.

2
Фото: Anna Filipova

Исто така, истражувачите забележаа скокови во нивото на сулфати, честички и метали како што се никел и ванадиум во воздухот околу Олесунд во текот на летните месеци поради зголемениот број бродови за крстосување што ја посетуваат областа.

Неодамна истражувачите забележаа зголемени нивоа на микропластика во примероците од снег во оддалечените региони на Арктикот, што сугерира дека тие можеби биле транспортирани по воздушен пат.
Ова ги наведе истражувачите во Цепелин да ја следат атмосферата и снегот што паѓа таму, во потрага по микропластика.

- Загрижени сме дека микропластичните честички може да транспортираат хемикалии до Арктикот кои инаку не би можеле да стигнат таму - вели Дорте Херке, виш истражувач во Норвешкиот институт за истражување на воздухот.

Сепак, Олесунд е едно од ретките места што луѓето навистина можат да ги посетат и да живеат таму некое време, дури и ако пристапот е претежно ограничен на научниците.

Изненадувачки, градот не бил секогаш толку чист. Помеѓу 1916 и 1962 година тој бил рударски град сè додека во експлозија не загинаа 21 рудар, што доведе до евакуација на градот и затворање на рудникот. Оттогаш е трансформиран во место каде што податоците се ископуваат од околината, а не од јаглен.

Денес, Олесунд има жители од целиот свет, вклучувајќи ги Франција, Германија, Велика Британија, Италија, Норвешка, Јапонија, Јужна Кореја и Кина. Самиот град се состои од околу 30 згради слични на кабини, именувани по големите глобални урбани центри: Амстердам, Лондон, Мексико и Италија и тие служат како потсетник за потребата од дипломатски односи на ова место далеку од метежот и вревата.

4
Фото: Anna Filipova

Другите форми на поврзување се помалку достапни - сите мобилни телефони и безжичниот интернет мора да бидат исклучени. Градот е зона без радио.

Екстремните временски услови претставуваат опасност за сите што живеат и работат овде. Температурите често се под нулата, а најниската досега забележана била -37,2 Целзиусови степени.


Постојат и други опасности освен темнината и студот за истражувачите кои се впуштаат во истражување во овој период од годината. Свалбард е природно живеалиште на поларната мечка и со текот на годините во близина на населбата се гледале мечки. Како резултат на тоа, заедницата има правило никој да не ги заклучува вратите на која било зграда во случај да се појави мечка во соседството и да има итна потреба од засолниште.

По 16:30 часот, на крајот од работниот ден, малата заедница се повлекува во своите домови. Лишени од брза комуникација и мобилен контакт, тие се потпираат на договорите направени порано во текот на денот за секој социјален собир.

Градската менза е единственото место каде што луѓето се среќаваат за спонтано да се дружат, разменуваат приказни за поларната светлина и дивите животни со кои се сретнале.

Извор: BBC
Фото: Anna Filipova
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот