X
 31.10.2025 Технологија

Запознајте го домашниот робот Нео - мие садови и раскажува вицови за 20.000 долари

Норвешко-американската технолошка компанија „1-Екс“ го претстави новиот домашен робот со вештачка интелигенција по име Нео, кој од денес е достапен за нарачка. Според производителот, Нео треба да ги преземе секојдневните домашни обврски и да им овозможи на корисниците да се посветат на она што навистина им е важно.

Роботот доаѓа со ткаена облека и заменливи обувки, а може да помага во домашните работи како средување облека и полнeње на машината за садови.

Благодарение на системот со вештачка интелигенција, Нео е способен да одговара на прашања, да раскажува вицови, па дури и да танцува. Цената на овој хуманоиден робот изнесува 20.000 долари, односно околу 17.200 евра, и засега е достапен само во САД.

Ако Нео се соочи со задача што не може сам да ја изврши, корисникот може да го активира т.н. експертски режим. Во тој случај вработените во компанијата „1-Екс“ гледаат низ очите на роботот и го насочуваат од далечина, при што неговата вештачка интелигенција дополнително се усовршува за идни задачи.

Сепак, тестирањата покажуваат дека Нео сè уште не е совршен.

Џоен Стерн, новинарка од „Вол стрит журнал“, која го тестирала роботот еден ден, навела дека му се потребни речиси пет минути за празнење на машината за садови, а повеќе од една минута за да донесе шише вода.



Директорот на компанијата „1 Екс“, Бернт Берних, вели дека малите несовршености се дел од концептот.

- Тоа е најкорисниот облик на несмасност. Ако ми ги среди чашите во шкафчето како што треба, јас сум задоволен. Целта не е совршенство, туку практичност - вели тој и додава дека способностите на роботот ќе се подобруваат со собирање нови податоци од корисниците.

Сепак, тој признава дека вработените во компанијата имаат увид во работата на роботот, што го споредил со „принципот на големата сестра“.

- Сите го знаеме изразот „Големиот брат ве гледа“, но нашиот робот функционира како „Голема сестра - набљудува за да помогне, а не за да контролира“ - истакнува тој.

Но, корисниците можат сами да го ограничат пристапот до податоците и да обележат зони во домот во кои Нео не смее да влегува.

- Ја почитуваме приватноста. Дури и да се обиде, Нео не може да влезе во забранети простории, а никој нема пристап до вашиот робот без ваша дозвола - нагласува Берних.

Тој додава дека купувањето на Нео подразбира прифаќање на „општествен договор“ со кој корисниците се согласуваат на споделување податоци потребни за подобрување на системот.

Извор: Euronews.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија