Во 2012 година, биолози од експедицијата на Источен Тимор во југоисточна
Азија забележале како змија од видот „Ramphotyphlops braminus“ излегува
од неочекувано место: од стомакот на азиската крастава жаба.
Марк O'Шеј од Универзитетот во Вулверхемптон во Велика Британија заедно со неговите колеги биле сведоци на несекојдневен настан, кога случајно ги нашле жабата и змијата под камен. Ова е првпат пленот да преживее варење на храната, и прв пат оваа змија да излезе жива од дигестивниот тракт.
„Изненадувачки е тоа што 'рбетник, кој има бели дробови, може да преживее во вакви услови“, вели O'Шеј.
Ларвите и малите морски безрбетници може да поминат низ внатрешноста на некои предатори без да бидат повредени. Но, поголемите пленови, најверојатно се изџвакани до смрт веднаш штом ќе влезат во челустите на животното. Дури и ако некако успеат да избегаат од оваа судбина, мала е веројатноста пленот да заврши цел откако ќе се најде во грлото на предаторот.
Секако, има и поголеми проблеми. Пленот не може да преживее во суровите услови на желудочните киселини. Справувањето со недостатокот на достапен кислород во дигестивниот систем е друг предизвик.
За плен проголтан од жаба или птица, шансите за преживување се малку поголеми. Овие животни често пати ја туркаат храната до задниот дел на нивното грло пред да ја голтнат, со што шансите за безбедно влегување во дигестивниот систем се малку поголеми.
Ова помага да се објасни како неверојатно токсичните водоземци - тритоните - можат да преживеат ако станат плен на жабата и се проголтани од неа. Откако ќе влезат во стомакот на жабата, токсините на тритоните ја убиваат жабата пред дигестивните сокови да стигнат до нив. Тогаш тритонот едноставно може да излезе од грлото на мртвата жаба.
Фото: Visuals Unlimited/naturepl.com
Но, слепата змија не го уби својот домаќин - таа помина многу подолг пат, преку стомакот, за да излезе од краставата жаба. Змијата е многу подобро опремена за патување од другите видови. Со долгото, тенко тело, широко само неколку милиметри, таа лесно може да излезе од мали дупки и пукнатини. Минувајќи низ тесните граници на дигестивниот тракт на краставата жаба, неа не ѝ бил потребен многу голем напор.
Еден фактор кој ѝ го олеснил патувањето на змијата, биле навиките во јадењето на жабата. Жабата не јадела многу пред да ја голтни змијата, што значи дека патот преку стомакот бил чист. Со тоа, патувањето било и побрзо, намалувајќи ја изложеноста на змијата на дигестивни киселини.
Но, нејзината кожа можеби ѝ го спасил животот бидејќи голема е веројатноста таа да ги блокирала желудочните сокови, спречувајќи тие да стигнат до деликатни ткива и органи.
Фото: Dong Lei/naturepl.com
Најголемиот предизвик со кој се соочила змијата бил недостатокот на кислород. Како подземно животно, како и поради нејзините мали димензии, на овој вид на змија потребно ѝ е мало количество на воздух за да преживее. Сепак, постои ограничување колку таа може да живее без воздух.
Истражувачите не знаеле колку долго змијата патувала низ стомакот на жабата. Но, иако таа излегла жива, умрела после 5 часа, а според научниците и нивното испитување врз неа, змијата умрела од компликации поради недостаток на кислород.
И полжавите можат да преживеат варење на храната, вели истражувањето спроведено во 2011 година од научници од Тохоку Универзитетот во Јапонија. Нивната отпорност веројатно се должи на нивната школка која им обезбедува природен оклоп.
Тука голема улога игра и нивната големина, а полжавите можат да произведат слуз како дополнителна заштита од киселата средина.
Меѓу животните кои можат да преживеат во
дигестивниот систем на предаторот е и црвот од видот „Caenorhabditis elegans“. Хинрих Шуленбург од Универзитетот во Кил во Германија заедно со неговиот тим открил нематоди во цревата на пијавицата од северна Германија.