X
 02.02.2020 Живот

Охриѓанка се вивна во деловниот свет во Катар, сѐ што ставаме на интернет останува таму... Што пишувавме неделава?

Ако Охридскиот Регион биде преместен на Листата со светско наследство во опасност, веруваме дека тоа ќе го вклучи алармот кај јавноста и дека ќе им се оневозможи на македонските политичари евтино да го распродаваат нашето најголемо богатство само затоа што не ја разбираат неговата вистинска вредност. Овој став го делат активистите од Граѓанската иницијатива Охрид SOS, кои години наназад алармираат за нелегалните активности во единствената локација во Македонија што е под заштита на УНЕСКО – Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации. Охрид како регион е една од 39. локации во светот што се комбинирано заштитени, како природно и како културно наследство. Охрид СОС има хоризонтална структура и нема претседател. Ставот на сите активисти во интервјуто за Факултети.мк го претставува Драгана Велковска.
Како да ги заштитиме децата и тинејџерите од несоодветни содржини што им се достапни на интернет, што се случува во високото образование со синдикалното организирање, каков ќе биде статусот на Охрид во УНЕСКО? Ова се само дел од прашањата на кои им посветивме внимание неделава.

Во рубриката „Кога бев студент“ што Факултети.мк ја работи заедно со „Пивара Скопје“ ни гостуваше Бранка Костиќ-Марковиќ, магистер по етномузикологија, уметнички раководител во Ансамблот за народни песни и ора „Танец“.
Таа на раскажа дека се гордее со нејзината дипломска работа. Ги истражувала погребните обичаи кај нас, со фокус на тажачките песни – „Македонските тажаленки – од Андромаха до Ѕвезда Видина“. Уметноста ѝ е животна определба – со музика, литература и култура растела од мала, а и сѐ што работела подоцна било поврзано со уметноста. Се подготвувала за студиите по музикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 1990 година, но по препорака на професор се запишала на новата насока – етномузикологија.



Минатата недела јавноста беше вознемирена од информацијата за порнографската група на апликацијата „Телеграм“ наречена „Јавна соба“, која имаше 7.000 члена. Министерството за внатрешни работи отвори истрага за групата на која се најдоа фотографии на разголени малолетни девојчиња од Македонија, како и фотографии од девојки преземени од социјални мрежи. Таа е затворана, но експерти предупредија дека има уште многу такви групи.



Како да ги заштитиме децата и тинејџерите од несоодветни содржини што им се достапни на интернет? Дали ако имавме сеопфатно сексуално образование во училиштата, ќе спречевме во „јавната соба“ да се најдат фотографии од малолетни девојчиња? Зошто денешната младина нема свест дека оваа „игра“ е опасна, дека не е безбедно интимни фотографии да се праќаат на кого било, а оние што ги шират дека прават кривично дело? И најважното, како да им се помогне на жртвите... Одговор на овие прашања ни дадоа Ирена Цветковиќ, извршна директорка на канцеларијата на Коалицијата „Маргини“ и Лилјана Пецова-Илиеска, програмски директор за приватност и интернет во ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување.

Ја откривме и охриѓанката Елени Коровеш, дипломиран економист, која преку Љубљана се вивна во деловниот свет во Катар. Успешна, вредна и остроумна, денеска живее и работи во Доха, главниот град на Катар. Таа е меѓу малобројните жени што го креираат влијанието во катарскиот финансиски сектор. Медиумите таму ја сместуваат меѓу ретките жени-пионери што успеале со своето знаење да се искачат на лидерските позиции во финансискиот сектор, кој во оваа земја е познат по доминантниот машки свет. Елени е финансиски аналитичар во групацијата Al Jassimya Investment и член на управниот комитет на организацијата „Жени во инвестициското управување“. Оваа 30-годишна жена е упорна и се пробива во машкиот свет рушејќи ги бариерите и сфаќањата во професијата каде што мнозинството се мажи. Во Катар е веќе 5 години и вели дека за нејзината работа најважна е упорноста.


Елени Коровеш

- Се обидувам да внесам позитивна енергија во размислувањето и секојдневните одлуки. Моето искуство сведочи дека навистина животот ни е таков какви што ни се мислите и дека ние самите сме креатори на сопствената среќа и судбина - вели Елени.

И оваа недела продолживме да ги следиме случувањата во високото образование со синдикалното организирање. Независниот академски синдикат овој пат му порача на УКИМ: Не притискајте со колективниот договор, спремни сме да излеземе на улица.
Ако ректорите на јавните универзитети се обидат по секоја цена да потпишат колективен договор за вработените во високото образование кој исклучиво се однесува на зголемување на платите за 10%, ќе се повторат сцените од зимата 2015 година, кога академската заедница масовно излезе на улица, најави Независниот академски синдикат (НАкС).
Реакциите во академската заедница не стивнуваат откако завчера д-р Ангел Ристов од Правниот факултет „Јустинијан Први“ беше избран за претседател на новоформираниот синдикат во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
- Бевме уверувани дека Владата не поддржува нелегитимно основање и формирање на синдикати. Според тоа, очекуваме МТСП да не го впише овој синдикат во Регистарот на синдикати имајќи ги предвид околностите на неговото настанување - ни изјави проф. д-р Елена Џукеска, в.д. претседателка на НАкС.


Проф. д-р Елена Џукеска, в.д. претседател на НАкС / Фото: МИА

Направивме интервју со авторката и новинарка Ана Јовковска, а повод беше нејзината нова книга. Прогресот во општеството е можен само кога се инспирираме едни со други да бидеме подобри. Не во смисла на брутална конкуренција, туку како мотивација да се препознае, освести и извлече најдоброто од себе. Огледалото на читателите е најточната слика за мене – ни изјави Јовковска. На 5 февруари во Скопје ќе биде промовирана нејзината трета книга „Сакам, значи постојам“ во издание на „ТРИ“ (арт-локал „Ли“ во 19 часот). Новата книга им се придружува на „Пулсот и времето“ (Матица македонска) и „Ехо на слободата“ (ТРИ).


Ана Јовковска


Ако Охридскиот Регион биде преместен на Листата со светско наследство во опасност, веруваме дека тоа ќе го вклучи алармот кај јавноста и дека ќе им се оневозможи на македонските политичари евтино да го распродаваат нашето најголемо богатство само затоа што не ја разбираат неговата вистинска вредност. Овој став го делат активистите од Граѓанската иницијатива Охрид SOS, кои години наназад алармираат за нелегалните активности во единствената локација во Македонија што е под заштита на УНЕСКО – Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации. Охрид како регион е една од 39. локации во светот што се комбинирано заштитени, како природно и како културно наследство. Охрид СОС има хоризонтална структура и нема претседател. Ставот на сите активисти во интервјуто за Факултети.мк го претставува Драгана Велковска.

Драгана Велковска од Охрид SOS (фото: Борис Каески)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот