X
 02.03.2020 Здравје

НАСА советува: Кратките дремки ја зголемуваат продуктивноста

Кое е идеалното времетраење на дремката? Едно истражување од НАСА дава многу специфичен одговор на ова прашање. 

Краткото спиење помеѓу дневните обврски го бие добар глас во последно време, и тоа со причина. Истражувањата велат дека дремките го подобруваат помнењето, го намалуваат стресот и му помагаат на мозокот да работи подобро. Вистината е дека работникот што дреме на работа веројатно е попродуктивен од оној што работи без пауза.

Останува прашањето за времетраењето на дремката. Сега имаме одговор и на ова прашање, а доаѓа од НАСА, од каде што направиле истражување за дремките за да бидат сигурни дека нивните пилоти нема да го ризикуваат својот живот или оној на патниците.


Фото: Pixabay

Вселенската агенција открила дека пилотите што спиеле во авионите 26 минути покажале подобра подготвеност за до 54% и подобрување во работата до 34% во споредба со оние што не спиеле во текот на летањето. Кога станува збор за дремките, пократките најчесто се подобри.

Одбегнувајте да спиете повеќе од половина час бидејќи тогаш телото влегува во подлабока фаза на сонот и ќе ви го отежни будењето и расонувањето. Всушност, дури и 26 минути се предолги доколку треба да се фатите за работа веднаш по будењето. НАСА препорачува дремката да трае од 10 до 20 минути.


Фото: Pixabay

Дури и затворањето на очите помага

Не нервирајте се доколку не можете да заспиете тогаш кога сакате. Истражување покажува дека едноставното мирување со затворени очи може да ви даде енергија. Националната фондација за спиење пишува дека мирното седење може да ја подобри функцијата на мозочните клетки, мускулите и органите, а со тоа го намалува стресот, го подобрува расположението итн.

Следниот пат на работа издвојте време за дремка или барем обидете се да заспиете. Доколку некој се пожали на вашето однесување, покажете му го истражувањето од НАСА, докажувајќи дека ако дремењето е добро за астронаутите, сигурно е добро и за сопствениците на компаниите.

Извор: Inc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје