X
 04.05.2018 Култура

Откриени невидливи записи на Кумранските ракописи



Некои фрагменти од „Свитоците од Мртвото Море“ содржат записи невидливи за човечкото око, но најновата технологија овозможила нивно откривање, објавила Израелската управа за антиквитети.

Технологијата што ја развила Американската вселенска агенција (НАСА) овозможила на некои од фрагментите да се откријат и делови од досега непознати текстови, пренесува американската телевизија Ен-би-си.

Откритието е претставено на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим.


Записи од „Свитоците на Мртвото Море“
(Фото: Shai Halevi / The Leon Levy Dead Sea Scrolls Digital Library)


Како дел од проектот за дигитализација на фрагментите, истражувачот Орен Абелман испитал десетина фрагменти и открил „траги од мастило на многу од нив, кои со ’голо‘ око изгледале празни“, навела Управата во соопштението.

Интересно е што еден од извадоците не можел да му се припише на ниеден познат ракопис, што отвора можности да му припаѓа на некој сè уште непознат текст.

Другите извадоци се идентификувани како делови од Библијата – Второзаконието и Книгата Левитска, а еден како апокрифна Книга на Јубилеј (Мала книга на постанокот).

Израелските научници сметаат дека овие фрагменти овозможуваат нов увид во истражувањето на „Свитоците од Мртвото Море“.

Особен интерес предизвикале извадоците од 147. псалм, кои навестуваат дека тој текст бил пократок.

„Свитоците од Мртвото Море“ или Кумранските ракописи се состоеле од околу 900 документи, вклучувајќи и текстови од хебрејската Библија, кои се откриени помеѓу 1947 и 1956 година во 11. пештера во околината на Кумран, на северозападниот брег на Мртвото Море.

Текстовите се од големо историско и верско значење затоа што содржат едни од најпознатите преживеани примероци од библиски документи.

Напишани се на хебрејски, арамејски и на грчки јазик, повеќето на пергамент, а некои и на папирус.

Повеќето од овие списи датираат помеѓу 150 година пр. н.е. и 70 година од н.е. Свитоците главно се врзуваат за есените – древна еврејска секта. 


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура