X
 04.06.2019 Наша тема

Илија Ристовски, матурант од „Нова“, ќе ги совладува вештините на кардиологијата или ортопедијата на најстариот медицински факултет во Унгарија

Медицината е голем предизвик за секој матурант што одлучил по завршувањето на средното училиште да ѝ се посвети на оваа наука. Но, предизвикот е уште поголем доколку таа се изучува на најстариот медицински факултет во Унгарија. Токму пред ваков двоен предизвик е исправен гимназијалецот Илија Ристовски, матурант од Интернационалното училиште „Нова“ во Скопје кој своето образование планира да го продолжи на универзитетот „Семелвајс“ во Будимпешта, на најстариот унгарски универзитет од сферата на здравјето познат по неговите истражувачки програми. Откако првата година од средното образование ја завршил во гимназијата „Орце Николов“, втората во САД како стипендист на YES програмата и последните две години во „Нова“, Ристовски се чувствува подготвен за новата образовна авантура.


Илија Ристовски

Зошто сметаше дека Универзитетот „Семелвајс“ е вистинското место за тебе и колку беше долг и тежок процесот на запишување?

- Универзитетот „Семелвајс“ е најстариот медицински факултет и воедно најстариот универзитет насочен кон сферата на здравјето во Унгарија. Ригорозноста на факултетот и популарната програма на англиски јазик за медицина беа главните фактори за мојот интерес кон овој универзитет. Исто така, стипендијата „Stipendium Hungaricum“ овозможува бесплатно студирање на овој универзитет и дополнително помага во сместувањето и животот во Унгарија по започнувањето на универзитетот. Процесот на селектирање се состоеше од неколку делови, од кои привиот беше онлајн-пријавување, односно пополнување апликација која беше препратена на тим во Министерството за образование (поради билатералните односи помеѓу Унгарија и Македонија). Овој тим прави технички преглед за да се осигури дека апликацијата е точна и пополнета, па потоа универзитетот лично го контактира кандидатот со цел да се закаже приемниот испит, кој се состои од тест и интервју. По полагањето на приемниот испит, универзитетот кажува дали кандидатот е примен или не и потоа стипендиите се делат по кандидатите во државата. Би кажал дека најтешкиот дел од овој процес беше приемниот испит, поради стресот и незнаењето што да се очекува од него.

Оваа образовна институција е позната по истражувачката сфера. Дали имаш замисла или желба во кој правец би ги насочил твоите истражувања?

- Ако сум добитник на стипендијата и би го продолжил своето образование на „Семелвајс“, најмногу би сакал да се насочам кон медицината, а поспецифично би сакал да ги истражам полињата на кардиологија и ортопедија.



На кој дел од студирањето на овој универзитет се радуваш најмногу? Што те мотивира и ти претставува најголем предизвик на Универзитетот „Семелвајс“?

- Овој универзитет е познат по својата ригорозност и често се мисли дека е многу полесно да бидеш примен отколку да го завршиш своето медицинско образование таму. Самата местоположба на универзитетот, односно Будимпешта, ме радува поради многубројните можности што овој град ги нуди во полето на медицина, но и во студентскиот живот. Огромна мотивација за овој универзитет ми претставува јазикот. Унгарскиот јазик е многу уникатен и еден од најтешките јазици во светот за учење, но поради праксата која би морал да ја имам во унгарски болници, самиот универзитет бара сите интернационални студенти да учат унгарски јазик со цел да комуницираат со пациентите без проблем. Поради мојата љубов кон јазиците, но и комплицираноста на унгарскиот јазик, ова го гледам како уникатна можност, но и најголем предизвик во студирањето.

Колку образованието и воопшто кадарот во гимназијата „Нова“ ти беше од помош при запишувањето на овој универзитет?

- Апликацијата за овој универзитет беше доста непозната за сите. Повеќето од учениците од „Нова“ се запишуваат на американски, британски или, пак, западноевропски факултети и тие апликации и процеси се веќе проучени и опширно познати. За среќа, мојот колеџ-советник знаеше за оваа програма и за специфичната апликација за „Семелвајс“, па можеше да ми укаже помош околу најчудните елементи на апликацијата. Добив огромна поддршка од моите професори, од пишување препораки до бодрење и помош со нејасниот материјал.

Беше дел од меѓународната ИБ-програма во „Нова“. Кои се спецификите на оваа програма и колку ти помогна да се запишеш на Универзитетот „Семелвајс“?

- Меѓународната ИБ-програма е програма во која се учат 6 предмети во текот на 2 години, предмети кои самиот ученик ги одбира и три кои се изучуваат на високо ниво, односно продлабочено. Дополнително, програмата има и истражувачка природа, со задолжителен индивидуален проект по секој предмет, обработка на тема по избор во 4.000 збора, пишување долги есеи, волонтирање, итн. Бидејќи изучував хемија, биологија и англиски на високо ниво, се чувствував подготвен за приемниот испит бидејќи и самиот беше сконцентриран на овие три предмети, со акцент на биологија и хемија. Исто така, секојдневната изложеност кон англискиот јазик поради часовите и природата на оваа програма ме подготви да се соочам со интервјуто со поголема самодоверба.

Каде се гледаш себеси за 10 години? Каде сонуваш да ја градиш твојата кариера?

- Бидејќи би сакал да продолжам со специјализација во хирургија или, пак, во некоја друга слична гранка во медицината, имам долг пат учење пред себе и за 10 години само што ќе завршам со образованието, би ја почнал мојата медицинска кариера. Сѐ уште не сум одлучен за конкретна локација, но би сакал својата кариера да ја започнам и развијам во некои од западноевропските земји.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема