Во 1956 година францускиот режисер Анри Жорж Клузо го објавил документарецот за Пабло Пикасо - еден од најголемите мајстори на историјата на уметноста. Филмот, насловен „Мистеријата на Пикасо“ (француски: Le mystère Picasso), не претставува биографска ретроспектива на животот на уметникот, ниту обид да се објаснат неговите ремек-дела. Наместо тоа, станува збор за уникатен артефакт што го овековечува творечкиот процес на Пикасо во реално време.
Во текот на 75-минутното видео Пикасо создава 20 цртежи и слики, од кои голем дел биле уништени веднаш по снимањето, така што денес постојат само во самиот филм. На почетокот Пикасо црта со мастило што продира низ хартијата, а Клузо го снима процесот од задната страна на штафелајот. Подоцна уметникот почнува да слика со масло, додека Клузо користи техника на стоп-кадар за да го прикаже секое движење на четката. Секој кадар претставува возбудлив увид во начинот на кој Пикасо ги обликува, менува и довршува своите незаборавни платна.
Така, на пример, на една сцена гледаме како Пикасо црта женско лице. Секој потег изгледа едноставно, но со некаква цел. Снимен е и неговиот израз на лицето, како се мршти и ги крева веѓите додека го следи својот сопствен цртеж. Во последните моменти Пикасо неочекувано го претвора лицето во гулаб што во клунот носи гранчиња.
Кога „Мистеријата на Пикасо“ бил премиерно прикажан во Франција, ја добил специјалната награда на жирито на Канскиот филмски фестивал. Филмот на Клузо бил објавен седум години по белгискиот документарец „Посета на Пикасо“ (1949), во кој уметникот слика на стакло, а процесот повторно се снима од задната страна. И тој филм сведочи за неговиот неверојатен инстинкт и одлучност, со една сцена во која Пикасо за помалку од 30 секунди црта бик.
Извор:
Мymodernmet.com
Фото: Screenshot/YouTube