X
 07.04.2020 Наука

Како знаат научниците колкава била температурата на Земјата пред 800 илјади години?

Минатата година беше меѓу најтоплите години откако се вршат мерења. Поточно, од неа потопла беше само 2016 година. Веќе цела деценија податоците за тоа која година била најтопла даваат причини за загриженост бидејќи лесно може да се уочи дека постои тренд на повеќедецениско загревање на планетата. Меѓутоа, секогаш е важно да се напомене дека овие рекорди важат само кога ќе се земат предвид податоците откако се вршат мерењата. Што точно значи оваа одредница?

Денес е можно да се измери температурата на кој било крај од светот со помош на прецизни термометри кои често се наоѓаат на бродовите и метеоролошките станици, па со тоа е релативно лесно да се пресмета и глобалниот просек, а потоа да се следи дали тој просек се менува. Меѓутоа, како што со текот на времето се менуваа технолошките можности, така и старите зачувани податоци се разликуваат по тоа колку може да се употребат во носењето заклучоци за климата во минатото.

За точка на пресврт најчесто се зема 1880 година, така што денешните споредби на глобалниот просек на температурата се прават исклучително земајќи ги предвид годините што следуваа по таа година.

Овој момент е избран за почеток на модерното мерење не затоа што термометрите слични на денешните не постоеле порано, туку затоа што пред овој период нема доволно податоци од многу делови на светот, а голем број станици се наоѓале само во Европа и во Америка.

Исто така, веродостојноста на измерените податоци пред 1880 година може да биде дискутабилна бидејќи сѐ уште не биле јасно дефинирани стандардите за мерење на температурата до кои денес се придржуваат сите метеоролошки и климатолошки станици во светот.

Сепак, за да можеме на вистински начин да ги истражуваме климатските промени, не е доволно само да знаеме како се движела температурата во последните 160 години, туку мораме да се вратиме уште подалеку во минатото и да ги погледнеме температурите од пред повеќе стотици илјади, па дури и милиони години.

Бидејќи нема временска машина со која би можеле да се вратиме во времето, научниците пронајдоа други начини за „патување низ времето“ и откривање каква клима владеела на нашата планета во далечното минато.

Што вели мразот?

Еден начин за запознавање на климата во минатото е проучувањето на ледените јадра.

Кога паѓа снег, во него се задржуваат меури исполнети со воздух. Покрај тоа, во многу студените предели паѓа толку многу снег, што се таложат нови слоеви со години, векови, па дури и милениуми. Но и во тие дебели ледени покривки и глечери остануваат меурчиња.

За да дознаат каква клима владеела во минатото, истражувачите со внимателно дупчење успеваат да го извлечат таканареченото ледено јадро на кое може да се уочат различни слоеви од кои секој потекнува од снег што паднал во одредена сезона. Кога ќе дојдат до ова јадро, токму меурчињата се тие што ќе обезбедат најмногу информации затоа што во нив е заробен воздух што може хемиски да се анализира. На овој начин истражувачите откриваат колку јаглероден диоксид, азот или кислород можело да има во атмосферата во годината кога настанал слојот.

Знаејќи ги начините на нивното кружење низ климатскиот систем или нивниот придонес во ефектот на стаклена градина, посредно може да се извлечат различни заклучоци за климата во минатото, па дури и за температурата на целата планета.

Колку слојот мраз на копнената маса е постар, толку подалеку во минатото може да се отиде со негово анализирање. Така, со помош на ледено јадро на Гренланд може да се следи температурата и до 250 илјади години наназад, а на Антарктикот дури 800 илјади години. Меѓутоа, со овој начин не може да се вратиме назад милиони години.



Зачувано во фосилите

Растенијата и животните што денес ја населуваат Земјата можат да се поврзат со одредени климатски услови што им одговараат или други параметри на екосистемот во кој живеат. На сличен начин, организмите што некогаш живееле може да откријат нешто за минатото на планетата. Затоа, еден од начините за добивање податоци за температурата од минатото е анализирање на фосилите.

Меѓутоа, со овој метод може да се добијат главно груби податоци дали било топло или студено во одредена област. За повеќе детали, потребно е да се послужиме со други извори. Освен тоа, фосилите можат да нѐ одведат најмногу 542 милиони години наназад затоа што не се пронајдени постари фосили на сложени организми. Со оглед на тоа што секој метод за проучување на далечното минато има понекое ограничување, најуспешни се оние истражувања што комбинираат податоци добиени на различни начини.

Разлика во атомската маса

За да отидеме во уште подалечното минато и да следиме што се случувало со температурата на нашата планета, можеме да користиме и изотопи на хемиски елементи што се појавуваат во природата.

Најчесто се користи кислородот, односно односот на изотопот на кислородот-16 и кислородот-18 во водата во океанот. Кога климата на нашата планета е постудена, океанот е релативно „побогат“ со кислород-18, додека во периодите со топли клими овој сооднос се менува и доаѓа до пораст на количината на изотоп 16 во океанот, па затоа тој станува релативно „посиромашен“ со изотоп 18.

Еден начин за реконструирање на односот на овие два изотопи во океаните во минатото, и на тој начин да процениме каква била температурата, е да се испита составот на седиментите од океанското дно.

Овие седименти се состојат од остатоци од стари морски организми и микроорганизми, а мерењето на изотопите во нивниот состав ни овозможува да ја реконструираме климата што владеела и пред 100 милиони години.

Комбинирајќи ги сите овие, но и други методи, истражувачите можат да набљудуваат како се менувала климата на Земјата во текот на минатото. Тоа им помага да дојдат до одговор на тоа што може да очекуваме во иднина и колку е важно уште сега да преземеме мерки што ќе ги запрат климатските промени на кои сме сведоци.

Автор: Јована Николиќ
Извор: Klima101
Фото: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука