X
 07.06.2019 Живот

Најголемите светски компании ја проценија штетата од климатските промени

Повеќе од 200 најголеми светски компании предвидуваат дека климатските промени би можеле да ги чинат вкупно 1.000 милијарди долари, а мнозинството трошоци се очекуваат во следните пет години.

Резултатите од истражувањето на непрофитната организација ЦДП (Проект за објава на податоци за емисиите на јаглерод - Carbon Disclosure Project) упатуваат на заклучок дека многу компании и понатаму ја потценуваат опасноста од климатските промени, додека научниците предупредуваат дека климатскиот систем на Земјата оди кон катастрофа доколку брзо не се намалат емисиите на јаглероден диоксид.

- Мнозинството компании сè уште имаат пред себе долг пат кога станува збор за правилната процена на климатските ризици - истакна директорката за климатски промени на ЦДП, Николет Бартлет, која воедно е и авторка на извештајот.

ЦДП е основана кон почетокот на 21 век и ужива голем углед во растечката коалиција на активистички групи, управители на фондови, централни банки и политичари кои веруваат дека глобалното затоплување претставува системски ризик за финансискиот систем.

Повикувајќи ги извршните директори да се соочат со ризиците за нивната работа, заговорниците на потранспарентното известување за емисиите на јаглен се надеваат дека ќе поттикнат доволно вложувања во чистата индустрија за постепено да се намалат емисиите на јаглен и да се исполнат глобалните климатски цели.

Во најновото истражување ЦДП анализирало податоци од 215 најголеми компании, од „Епл“ и „Мајкрософт“ до „Јуниверс“, „Нестле“, „Сони“ и други.

Компаниите очекуваат вкупно 970 милијарди долари дополнителни трошоци поради фактори како што се повисоките температури, хаотичните временски услови и цените за емисиите на стакленички гасови. Приближно половина од тие трошоци се сметаат за веројатни до речиси извесни.

Многу компании согледуваат и голема потенцијална предност ако светот се декарбонизира навреме и со тоа се спречат најцрните климатски сценарија, кои научниците ги сметаат за егзистенцијален ризик за индустриската цивилизација.

Компаниите што биле опфатени во истражувањето на ЦДП, а чија вкупна пазарна капитализација е околу 170 милијарди долари, таа предност ја проценуваат на 2.100 милијарди долари, вклучувајќи го неочекувано силниот раст на побарувачката за електрични возила и вложувањата во обновливите извори на енергија.

Загриженоста на вложувачите поради климатскиот ризик нагло се зголеми паралелно со растот на климатскиот активизам во многу земји, поттикнат од топлотните бранови, сушите, пожарите и големите бури предизвикани од климатските промени, кои е сè потешко да се игнорираат.

Од ЦДП признаваат дека нивното истражување не може да даде совршена слика за размислувањата на компаниите со оглед на тоа дека не постои обврска за известување за климатскиот ризик. Тоа значи дека мора да се потпрат на бројките што ги споделиле директорите на компаниите.

Иако ниеден сектор не бил целосно транспарентен во врска со климатските ризици, најдобриот одѕив обично е меѓу компаниите за финансиски услуги, на кои отпаѓаат околу 70 до 80 отсто од проценетите трошоци и предности, наведуваат од ЦДП.

Производителите на фосилни горива што учествувале во истражувањето ги проценуваат потенцијалните можности во преминувањето на економија со низок удел на јаглен на 140 милијарди долари. Трошоците, пак, ги проценуваат на 25 милијарди долари.

Со оглед на тоа дека мерките за потиснување на климатските промени се фокусирани на ограничување на употребата на јаглен, нафта и плин, ЦДП ги повика инвеститорите да се запрашаат зошто актерите во секторот на фосилни горива се толку уверени дека ќе имаат корист од енергетската транзиција која нивните постојни деловни модели ќе ги направи застарени.

- Се чини дека финансискиот сектор идентификува сè повеќе ризици отколку реално стопанство. Тоа, пак, го наметнува прашањето кој управува со тие ризици - предупредува стратешкиот советник на ЦПД, Педро Фарија.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот