X
 08.04.2019 Наша тема

„По скалилата на успехот“: Што значи да се биде вистински „Пиварец“, приказната на Маја Илиевска, менаџер за квалитет на безалкохолни пијалаци во „Пивара Скопје“

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

„Внимавај што посакуваш, можеби ќе ти се исполни“. Оваа реченица се провлекува низ приказната на Маја Илиевска, менаџер за квалитет во одделот за безалкохолни пијалаци во „Пивара Скопје“. Низ широка насмевка се опишува себеси како „Пиварец“ – збор кој означува фамилија, колективна припадност и посветеност. Мисија ѝ е од подмладокот на компанијата да направи вистински „Пиварци“.


Маја Илиевска на работното место

Дисциплината и тимската работа се пресудни за успехот, а токму нејзиниот тим го достигна врвот двапати, еднаш во 2008 година и уште еднаш во 2012 кога најпознатиот безалкохолен пијалак Coca-Cola произведен од „Пивара Скопје“ беше прогласен за најдобар во светот. Што значи тоа? Да бидеш сто отсто успешен во секој сегмент од производството, 365 дена во годината.

Непосредна, отворена, остра, но искрена, со добра смисла за хумор, Маја е пример дека со добра организација и труд секој може да успее. Мајка на Димитар, Михаил и најмалата Теодора, сопруга на средношколската љубов Драган од родното Куманово, таа низ шега раскажува:
- Сакав три деца, можеби затоа што јас бев сама и секогаш барав деца за да си играме. Кај нас дома секогаш беше тивко, ама затоа сега е динамично. Со добар „бизнис-план“ сè се постигнува. Не постои препрека што не се поминува.

Сè почнало со дипломската по микробиологија

Матурирала во општата гимназија во Куманово и се запишала на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Ќерка е на двајца лекари од Куманово. Мајка ѝ се противела да се запише на медицина.
- Ми велеше: „Човек има доволно потреси во животот. Не ти треба да се потресуваш и да се соживуваш со судбините на другите луѓе“. Неколку години подоцна тоа беше и првата лекција што ја научив во „Пивара Скопје“. Бидејќи сум емотивен човек, научив да ги контролирам емоциите. Ми остана уште да ја совладам експресијата на лицето - не успеав тоа да го совладам со највисока оцена. Сè ми се гледа на лицето уште од рано сабајле - раскажува таа.

Со семејството

Природните науки секогаш ја влечеле. Момчето (денес сопруг) студирало Економски и ја убедувало заедно да студираат.
- Никогаш не би можела да го учам тоа. Станав инженер по биологија. Ислушав четврта година и веднаш потоа дипломирав. Честопати се шегуваме: „Ааа, таа заврши курс, не факултет“. Можеби беше и провокација зашто Драган дипломира веднаш откако ислуша четврта година. Си реков - штом може тој, можам и јас. Кај нас отсекогаш била изразена дисциплината – се знае што ќе се прави за викенд, од петок до недела. Така функционираме и со најблиското друштво. Кога одиме на летување, сè е договорено, имаме „бизнис-план“ однапред кој строго се почитува - раскажува Маја низ смеа.

Приказната со „Пивара Скопје“ е поврзана со дипломската работа по микробиологија, љубовта кон оваа гранка и предавањата кај професорот Џоко Кунгуловски. Во тоа време на факултетот немало многу можности за пракса, за работа надвор од институционалните рамки. Кунгуловски на студентите постојано им зборувал за успешните компании во Македонија.
- Ве спремам со микробиологија... Утре „Пивара Скопје“ ќе побара млади луѓе за да се вработат... И така многу нè мотивираше. Отсекогаш бев многу посветена и имав големи амбиции - да се избори човек, да се биде на врвот. Сте ја слушнале поговорката - Внимавај што посакуваш, можеби ќе ти се исполни. Кон крајот на 2002 година „Пивара Скопје“ имаше потреба од повеќе вработени од различни струки. Бевме група од петнаесетина колеги од различни факултети - технолози, машинци, од ПМФ, електроинженери. Нè препорачаа од факултет - раскажува Илиевска.

„Скопско, и сè е можно“

Фабрика е машка работа, вели Маја. Тоа не значи дека жена не може да се снајде во процесот. Перцепцијата за работење во фабрика е: ред, работа и дисциплина, а тоа е и нејзиното мото. Дисциплина мора да постои. Затоа секој мора да се вклопи во процесот кој не чека никого.



- Сите заедно работиме, за неговото височество - купувачот. Главна цел на фабриката е да испорачаме врвен квалитет, да ги задоволиме барањата на купувачите, сето тоа во соодветно време. Во меѓувреме сешто се случува. Неопходно е балансирање. Кога зборуваме за квалитет, кај нас тоа се подразбира во секој сегмент од работењето. Фабрика значи верижен систем. Тука успешен поединец не завршува работа. Може да си беспрекорен, но ако не си тимски играч, ништо од приказната за успешноста. Ова е како трчање со штафета. Огромна е посветеноста на сите вработени. Слободно ќе се наречам себеси „Пиварец“ бидејќи се чувствувам така. Често меѓу себе си го кажуваме слоганот „Скопско, и сè е можно“. Ако сме сложни и се договориме, нема што не може да се направи - децидна е Илиевска.

Влегла во „Пивара Скопје“ како микробиолог во делот за пиво. Имала многу трема поради големата одговорност.
- Ме примија во успешна компанија, и тоа во делот на пиво каде што сите се мажи и сите се генерација на татко ми! Како девојка која тукушто завршила факултет да им се наметне на тие луѓе, да создаде авторитет, зборот да ѝ добие кредибилитет?! Како да бидам сигурна дека операторите или другите соработници ќе ме послушаат кога ќе се донесуваат одлуки? Зборувам за фела од стар ков, секој стручен во својата област со 30 години работно искуство, а јас со неполни 25 години? Денес тие луѓе се моите најголеми пријатели. Без оглед на различната возраст, имаме огромно меѓусебно почитување.

Втор предизвик – размножување на квасецот. Приближно во исто време кога им се родил првиот син, Димитар.
- Го гледам дома бебето - добро е. Сме го размножиле квасецот, прво одење на работа, право во погон да го видам дали расте, дали пркнало... – раскажува Маја.

Во ова време била одговорна за сите анализи, резултaти, толкување на секоја прочитана петриевка што значи, што треба да се договори како превентивна, што како следна активност, следење на трендови и на целиот процес преку неговата микробиолошка слика.
- Работа на инженерите е да го водат процесот, а не обратно. Денес производството е многу поразлично. Се отвори нова варилница со целосна автоматизација. Така постепено се развива и човек. Нови правила и барања, нова екипа... Едно е сигурно, „Пивара Скопје“ секогаш се труди да има врвна опрема, вложува во себе и постојано е лидер на пазарот - објаснува Илиeвска.

Страста кон стандардите

Следувал трансферот, од делот за пиво како супервизор во лабораторијата за безалкохолни пијалаци. Влегла во тотално нова средина. Иако е во рамките на „Пивара Скопје“, тоа се две одделни фабрики кои имаат различни барања од корпорациите. Како човек кој секогаш сака да даде одговор на поставено прашање, Маја се соочила со нова ситуација.
- Знаев сè за пивото, но за безалкохолни пијалаци... хм, чекај да проверам. Предност е што „Пивара Скопје“ е дел од две огромни корпорации – Coca-Cola HBC и HEINEKEN, од каде што навистина може многу да се научи, бидејќи се секогаш меѓу првите. Имаме можност да ги искористиме најдобрите работи од двете. А колку сакаме да се вложиме, зависи од нас. Често велам дека во „Пивара Скопје“ секоја година има по една магистратура. Постојано има нешто ново, треба да се чита, и така се надградуваш и стекнуваш нови знаења - раскажува таа.



Низ годините голем предизвик пронашла во стандардите и нивната имплементација во „Пивара Скопје“. Во рамките на нејзините ингеренции ѝ било доделено да ги одржува постојните и да имплементира нови ISO-стандарди. Тоа било тригер за нејзината страст – да бидат први во воведувањето на највисоките стандарди во светот. Го имплементирале стандардот ISO 22000 за безбедност на храна и први го сертифицирале уште во време кога кај нас, на ниво на држава, се зборувало за елементарни моменти од HAССP.
- Се водевме според Heineken стандардите во тоа време. Правевме споредба што бара Heineken, а штo Coca-Cola и направивме наш систем кој се покажа многу успешен. Стандардите ги работиме со колешка, таа е мојата десна рака. Имаме заедничка анегдота - таа почнала да работи во „Пивара Скопје“ на денот кога сум се родила. А кога се сретнавме тука, почна нашето заедничко искуство - на работа на стандардите, нешто што многу ме исполнува. Да се изградат и да се одржат. Секој нареден чекор е уште поголем предизвик. Во 2016 година први во Coca-Cola Hellenic ги сертифициравме новите верзии од стандардите за квалитет ISO9001:2015 и за животна средина ISO14001:2015, потоа сертифициравме ISO 50001:2011 за енергетска ефикасност, следната година систем за управување со водени ресурси EWS... и продолжуваме понатаму - вели Илиевска.

Успехот никогаш не доаѓа од поединци

Таа е дел од тимот кој во 2008 и 2012 година освои награда за најдобра Coca-Cola во светот. Илиевска објаснува дека компанијата тоа го има утврдено како систем. Се земаат примероци директно од пазарот, од сите земји производители, и се анализираат на ист принцип и во иста лабораторија.
- Ние тоа го нарекуваме квалитет на производот и на пакувањето (Product Quality Excellence). Во тие години од сите земји во светот ние имавме резултат 100% од сите месеци, од сите места од каде што е земен наш производ. Сè било во согласност со правилата и стандардите што сме ги поставиле - раскажува Илиевска.

Принципот е ист – секогаш се користат најквалитетни суровини од добавувачи од разни земји, кои претходно мора да бидат одобрени од The Coca-Cola Company. „Пивара Скопје“ има македонски добавувачи, добавувачи од Србија, Романија, од Бугарија и од многу земји. И сите ги исполнуваат истите стандарди. Во лабораторијата за безалкохолни пијалаци работат осум луѓе и е сместена на „стратешка“ позиција, помеѓу делот за припрема за сируп и финални производи. Тоа не е случајно зашто така најефикасно може да се надгледува целиот процес.

Тимот кој победува

- Тајната е во тимот. Успехот никогаш не доаѓа од поединци, ниту со формули. Сите ние работиме на ист начин. Сите фабрики на Coca-Cola работат по исти зададени правила. Но, како ќе ги имплементирате, колку ќе се придржувате до нив, како ќе играте во играта - зависи од вас. Наша најголема предност е многу посветен и искусен тим на вистински „Пиварци“. Во искуството ја гледам онаа нашата процентуална предност во однос на тимовите од другите земји, каде што има поголема флуктуација на луѓе во тимот. Нашиот тим е стабилен, со многу искуство во себе. Ако го искомпонирате тоа со младешки дух и елан кој ќе даде поинаков поглед на светот, со ентузијазмот и апсолутното искуство кое го носат постарите - ја добивате тајната на успехот. Толку се битни нашите луѓе, и толку треба да им оддадеме почит за нивната неприкосновена посветеност. Буквално функционираме како фамилија. Сè правиме заедно – славиме родендени, на сите деца и внучиња. И комуницираме на дневна основа многу, многу отворено - вели Маја.

Еднаш „Пиварец“, засекогаш „Пиварец“

Таа е член на IMCR (Incident Management and Crisis Resolution) тимот на „Пивара Скопје“. Овој тим прави анализа на ризици и можности, тоа е обврзувачко и како што вели Маја, „апсолутно мора да функционира“. Таа објаснува дека секој вработен е риск-менаџер на дневна основа, почнувајќи од операторот кој треба да донесе одлука во моментот, дали треба да се стопира линијата на производство бидејќи има причина која може да направи проблем на квалитетот.
Многу е различно каков тип на знаење добиваш во клупа и каков во вистинскиот живот. Секогаш им велам на помладите – бидете проактивни, постојано прашувајте, секое прашање е нов предизвик од друга перспектива. Се шири видикот и така растеме заедно – вели Илиевска.

Таа е децидна дека „Пивара Скопје“ е компанија која не те остава во комфорна зона, за која било работна позиција. Да се биде менаџер за квалитет во делот за безалкохолни пијалаци е огромна одговорност.
- Луѓето од нас очекуваат трипати повеќе од останатите. Ние продаваме бренд и од нас се очекува само најдобро. Ако сум решила да купам бренд, очекувам многу од брендот. Исти се очекувања и од нас. И тоа е многу нормално. Затоа имаме трипати повеќе одговорност, секој во својот сегмент од работењето. Ние сме лицето на „Пивара Скопје“, на Coca-Cola и на Heineken. И на тој начин треба да се однесуваме во секој сегмент на нашето работење. Само тогаш ќе ја постигнеме целта - задоволен купувач. И затоа дисциплината е нешто неминовно. Мора да се придржуваме до поставените правила и начинот на работење. Не затоа што шефот рекол така, туку за купувачот - вели Маја.



Еден од најважните сегменти од работата е пренесување на искуството, што е иднината на секоја компанија. Илиевска вели дека секој менаџер е успешен колку што му е успешен тимот, ако создал успешни наследници.
- Големината на лидерот се гледа преку знаењето што го пренесува. Колку ученикот ќе го надмине. Да создаде група на луѓе кои меѓу себе вистински ќе се почитуваат. Ако ме прашувате за професионалната испoлнетост, се враќаме на почетокот: „Внимавајте што посакувате, можеби ќе ви се исполни“. Ми се исполни желбата што ја посакував кога бев студент. Поврзаноста со компанијата е многу голема. Еднаш, некој од директорите рече: „Вие може да излезете од Пивара, ама Пивара не може да излезе од вас“. И тоа навистина е така. Да го живеете оној вистински момент на „Пиварец“. Тоа би сакала да им го пренесам на подмладокот на нашиот тим – да ги направам вистински „Пиварци“. Стручноста може да се постигне. За да бидеш вистински „Пиварец“ треба и да чувствуваш – вели Маја.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема