Нов начин за генерирање чиста енергија од дожд би можел да ги напојува нашите светилки.
Хидроенергијата обично се потпира на движењето на водата за да се создаде електрична енергија преку механичка енергија, како што се вртење на турбини во брана. Но, нов метод ги прескокнува механиките и ги искористува малите налети на енергија предизвикани кога дождот ќе се спушти во тесна цевка.
- Има многу енергија во дождот. Ако можеме да ја искористиме оваа огромна количина на енергија, можеме да се движиме кон поодржливо општество - вели Сиовлинг Сох, инженер на Националниот универзитет во Сингапур.
Техниката на Сох и неговите колеги се потпира на одвојување на полнежите, процес каде што спротивно наелектризираните честички се делат создавајќи напон меѓу нив.
Претходните експерименти откриле дека водата што тече низ спроводлива цевка, исто така, создава одвојување на полнежите. Како што водата тече, негативно наелектризираните молекули на хидроксид се акумулираат на површината на цевката, оставајќи вишок позитивно наелектризирани водородни јони во водата. Но, количината на одвојување на полнежите е занемарлива, а произведената енергија е надмината од моќноста потребна за пумпање вода низ системот. Сох сакал да најде начин да го заобиколи тоа.

Наместо да користи континуиран проток на вода, тој и неговиот тим капеле капки слични на дожд во цевка широка два милиметри, приближно колку зрно ориз. Внатре во цевката капките вода течеле со воздушни џебови создавајќи шема на движење наречена проток на чеп. Протоците на чеп предизвикуваат поголеми количини на одвојување на полнежите од континуираните протоци, вели Сох, што резултирало со приближно 100.000 пати повеќе енергија.
По патувањето по должината на цевката, секоја наелектризирана капка паднала во чаша од не'рѓосувачки челик. Жиците поврзани со цевката и чашата му дозволиле на насобраниот полнеж во секоја од нив да напојува кола, создавајќи електрична струја. Протокот на чеп од четири цевки долги 32 сантиметри во текот на 20 секунди произведувал доволно електрична енергија за континуирано напојување на 12 ЛЕД-светилки во текот на тој период.
- Мислиме дека ќе биде корисно во дождливите места, вклучувајќи ги и тропските земји како Сингапур - вели Сох.
Методот би можел да се прошири со инсталирање цевки за собирање дожд на покривите или до водопадите.
Извор: sciencenews.org
Фото: Freepik